/КОВИД-19 МОЖЕ ДА ПРЕДИЗВИКА ТЕШКИ КОМПЛИКАЦИИ ВРЗ НЕРВНИОТ СИСТЕМ И ДА ДОВEДЕ ДО ФАТАЛЕН ИСХОД

КОВИД-19 МОЖЕ ДА ПРЕДИЗВИКА ТЕШКИ КОМПЛИКАЦИИ ВРЗ НЕРВНИОТ СИСТЕМ И ДА ДОВEДЕ ДО ФАТАЛЕН ИСХОД

Сподели

Лицата со невролошки заболувања треба строго да се придржуваат до мерките за заштита од коронавирусот – социјално дистанцирање, изолација и избегнување контакти во амбулантски и болнички услови. Но, кај пациентите со акутни невролошки заболувања ова не е случај, напротив, кај нив  третманот не смее да се одложува. Д-р Марија Гашоска, невролог од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, појаснува дека голем број од пациентите со невролошки симптоми или последици веќе страдаат од други болести, како дијабет, хипертензија, кардиоваскуларни и цереброваскуларни болести или малигна болест. При инфекција со вирусот Sars-CoV-2 може да бидат нападнати централниот нервен систем (мозокот), периферниот нервен систем, како и скелетно-мускулниот дел од истиот.

„Превенцијата на пациентите со невролошки заболувања ги подразбира истите мерки кои важат и за општата популација. Но, од друга страна, водејќи се од фактот дека времето е мозок (time is brain), погоре опишаните мерки можат да доведат до фатални последици или лош резултат во третманот на невролошките болести. Во секој случај, акутните невролошки заболувања не смеат да имаат одложување во дијагностиката и третман, мерките на лична заштита треба соодветно да се применуваат како од здравственото лице, така и од страна на пациентот, за најефективна заштита. Кај хроничните болните третманот може да се испланира и договори, во некои случаи може и да се одложи, но на одредено време“, вели д-р Гашоска.

За пациентите кои боледуваат од мултипла склероза, д-р Гашоска потенцира дека не смеат да се изложат на ризик од инфицирање со вирусот Ковид-19, бидејќи постои ризик од импакт и врз нивниот моментален третман.

Главоболката и вртоглавицата може да укажуваат дека коронавирусот го нападнал и мозокот

Несомнено е дека има невролошки манифестации и компликации од вирусот, вели таа. Најмногу податоци за нив доаѓаат од епицентарот на пандемијата, Вухан во Кина, иако нивата поврзаност со респираторната инфекција сè уште останува непознаница.

„Интересен податок е дека кај оние пациенти кај кои страда нервниот систем клиничката слика и самата инфекција од почетокот биле критични. Кај најголем број од нив страдал ЦНС, потоа скелетно-мускулниот систем и на крај периферниот. Најчести симптоми на кои се жалат се вртоглавица и главоболка. Мора да се посвети особено внимание на невролошките симптоми особено кај тешките случаи зашто токму тие ги носат во фатален исход“, вели д-р Гашоска.

Дополнителни знаци дека страда периферниот нервен систем, додава таа, се губиток на осетот за мирис и вкус, промени во видот и невропатска болка.

„Симптоми кои укажуваат дека инфекцијата со SARS-CoV-2 влијае и врз мозокот се вртоглавица, главоболката, влошување на свесноста (поспаност, конфузност), мозочни удари, атаксија (нерамнотежа) или епилептични напади. Во болница во Детроит, Мичиген, се смета дека е првиот случај на акутна некротизирачка енцефалопатија кај пациент со потврден Ковид-19, кој уште на почетокот покрај температурата и сува кашлица, имал и промени во менталниот статус“, појаснува неврологот д-р Гашоска.

Коронавирусот може да предизвика тромбоза и да доведе до мозочен удар

Во нормални околности, мозочниот удар кај младите е реткост. Но, во случајот со коронавирусот, вели докторката, младите лица под 50 години може да добијат исхемичен мозочен удар поради тромбоза  на голем крвен сад што имплицира и поголем удар и поголемо страдање на мозокот за кислород.

„Како причина за ова се сметаат коагулопатијата и оштетувањата на ендотелот (внатрешниот дел на ѕидот на крвниот сад) причинети од вирусот. Поврзаноста меѓу вирусот и мозочниот удар поради тромбоза на голем крвен сад бара понатамошни испитувања. За жал, овие пациенти подоцна стигнуваат во болница (поради страв од доаѓање во болници или социјално дистанцирање), што е во директна врска со лош исход на пациентот. Најдобриот третман би бил навремено пристигнување во болница и механичко вадење на тромбот најдоцна за 6 или во некои случаи 24 часа по појавата на првите симптоми на ударот“, потенцира д-р Гашоска.

Дел од лековите, вели таа, како што е финголимод, доколку се дадат навреме ја подобруваат мозочната реперфузија и помагаат во оздравувањето на пациентите. Но, Гашоска укажува и на фактот дека некои од лековите кои се користат за третман на Ковид-19 можат да го влошат исходот од ударот, а како пример за таков лек го посочува бевацизумаб лекот.