/Микрохируршки третман на лумбална дискус хернија

Микрохируршки третман на лумбална дискус хернија

Сподели

Дисектомија е хируршка процедура со која се отстранува оштетениот дел од дискусот. Ова оштетување предзвикува иритација и притисок врз околните нерви, па пациентите чувствуваат болка, вкочанетост или слабост. Симптомите може да се појават во пределот на долниот дел од грбот и/или нозете. Поголем дел од луѓето кои ги чувствуваат овие симптоми може да се ослободат од нив преку конзервативен третман, лекови или физикална терапија.

Доколку конзервативниот третман не ви помогне, се предлага  хируршки третман – дисцектомија. Според проф. д-р Кирил Лозанче, неврохирург во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, постојат неколку техники, но последните години кај нас се применува минимално инванзивна отворена хирургија, со користење микроскоп за подобра визуелизација. Предноста на овој метод е тоа што се прави помал рез, заздравувањето од операцијата е многу побрзо и пациентот за кратко време си оди дома.

Кога се прави?

Оваа интервенција се изведува за да се намали притисокот кој го прави испакнатиот диск врз нервите. Вашиот доктор може да ви ја препорача оваа интервенција и ако:

  • Имате проблеми со стоење или одење,
  • Не чувствувате подобрување на ефектите по конзервативниот третман
  • Ако имате проблеми со мокрењето
  • Имате неподнослива болка во нозете и /или долниот дел од грбот

За време на интервенцијата

Отворената дисцектомија се изведува во општа анестезија. Се прави рез на кожата од 2-3 сантиметри. Понекогаш се вади дел од коскеното ткиво за подобра визуелизација на дискусот без да се оштети нервниот корен. Ова се нарекува ламинектомија или ламинотомија. Откога добро ќе се визуелизираат ламините на вертебрата, дискусот и околината, се отстранува делот од дискусот кој се поместил од дискалниот ѕид, но и други делови кои излегуваат од дискалниот простор. Во овој дел од операцијата во нашата болница рутински користиме оперативен микроскоп со кој се овозможува подобро осветлување и поголемо зголемување на видното поле. Со тоа се овозможува подобра заштита на нервниот корен. Последниве 6 месеци постепено воведовме и метода на неврофизиолошки мониторинг (следење на функцијата на коренот на нервот) така штоимаме двојна заштита при манипулација  со нервниот корен.

По интервенцијата

По будење од анестезија на пациентот му сугерираме рано движење, отприлика околу 6 часа по процедурата. Нашата екипа од физикална терапија започнува со работа со пациентот веќе следниот ден, така помагајќи му на пациентот да закрепне побргу и да му објасни општи мерки при движење, качување по скали, седење, станување од автомобилили кревет. Секако, тука спаѓаат и специфични вежби за дома.

Откако пациентот ќе стигне дома, а тоа е најчесто поле 24-48 часа од операцијата, може да има мали рестрикции како: седење пократко време, подигање предмети не потешки од 2 кг, избегнување прекумерно истегнување во првите 4 недели по операцијата.

Повеќето пациенти може да се вратат на својата работа за околу 4 недели. Тие со потешка работа со подигање тежок товар или јаки вибрации ќе се вратат на работа по 8 недели. По оваа интервенција поголем дел од пациентите се ослободуваат од болката.