Почетна » Блог » Мозок и ’рбет » Паркинсонова болест

Паркинсонова болест

Сподели

Пaркинсонова болест претставува заболување на мозокот што се манифестира со постепено губење на одредени нервни клетки во мозокот, што доведува до нарушување во движењето и моторните активности.  Д-р Милчо Демерџиев, невролог, објаснува дека Паркинсоновата болест е хронична невродегенеративна болест што настанува како последица на недостиг на невротрансмитер допамин во делот на мозокот одговорен за координирани движења.

Први знаци на болеста

Првите знаци на Паркинсоновата болест може да се мешаат со други заболувања и состојби. Тука спаѓаат:

• Депресија – поради намалената мимика, не така ретко прво ги лекуваат од депресија

• Вкочанетост и тешкотии при станување од стол, тешкотии при вртење во кревет

• Проблеми со рамнотежа

• Забавено движење

• Благ тремор на прст, рака, нога или усните

Симптом: Брадикинезија

Како луѓето стареат така тие природно стануваат побавни. Но, доколку имаат брадикинезија, како симптом на Паркинсонова болест, бавното движење може да им го отежни секојдневниот живот. Кога ќе посакаат да се движат, телото не може веднаш да реагира или при движење одеднаш запираат или „смрзнуваат“.

Симптом: Тресење

Тресење или треперење е ран симптом во 70% од случаите со Паркинсонова болест. Обично почнува со тресење на прст кога раката е во мирување, но не и кога раката се движи. Тресењата се ритмички, обично 4-6 пати во секунда. Тресењето може да биде симптом и на други состојби, па затоа не значи дека некој има Паркинсонова болест.

Симптом: Проблеми со рамнотежа

Пациентите со Паркинсонова болест имаат нарушена рамнотежа. Тежиштето на телото им се изместува кон напред. Затоа кај овие пациенти е зголемен ризикот од паѓање.

Симптом: Вкочанетост

Вкочанетост се случува кога мускулите одеднаш се стврднуваат. Исто така, може да се јават грчеви и болки во мускулите.

Дијагноза на Паркинсонова болест

Дијагнозата се поставува со невролошки статус, кој го прави неврологот. Дефинитивната дијагноза се поставува доколку пациентот реагира на терапија. Скенирање на мозокот не се користи за дијагностицирање на Паркинсонова болест. Може да се предложи за да се отфрлат други болести. Во последно време се работи на биомаркери кои би укажувале на дегенеративните болести уште во најрана фаза.

Степени на Паркинсонова болест

Паркинсот е прогресивна болест, што значи промените во мозокот постојано се случуваат. Докторот го одредува степенот на болеста според симптомите. Скалата на Хоен и Јахар е најчестата алатка што се користи за одредување на степенот на прогресија на болеста. Скалата ги евалуира функционалноста на мозокот, однесувањето, активностите во секојдневното живеење и движењата. Одредувањето на степенот на болеста е важно за правилно лекување.

Кој е ризичен?

Просечна возраст кога луѓето заболуваат од Паркинсонова болест е 62 години, но лицата над 60 години имаат 2-4% шанси за да ја добијат болеста. Доколку во семејството има- те член со Паркинсонова болест, го зголемува вашиот ризик. Мажите почесто заболуваат од Паркинсон за разлика од жените. Познати личности со Паркинсонова болест се боксерот Мухамед Али и актерот Мајкл Џ. Фокс.

Што ja предизвикува болестa?

Мал дел во мозокот наречен substantia nigra ги контролира движењата. Кај Паркинсон, клетките во оваа област престануваат да произведуваат допамин, хемиска супстанца што помага во комуникацијата и преносот на информации во нервните клетки. Со изумирање на клетките кои произведуваат допамин, мозокот не ги прима потребните информации, за движењето.

Третман со лекови

Третманот на Паркинсонова болест е медикаментозен, со неколку групи лекови. Во првата група се лекови кои мозокот ги претвора во допамин. На овој начин се намалуваат симптомите и го олеснуваат движењето на пациентите. Втората група лекови се допамин агонисти, кои го стимулираат создавањето допамин. Овие лекови го одложуваат напредокот на симптомите на болеста. Современите лекови го подобруваат животот на овие болни. Со нивна правилна шема на пиење се олеснува секојдневниот живот на пациентите.

Подобра исхрана

Пациентите со Паркинсонова болест треба да имаат добро избалансирана исхрана. Иако протеините не треба да се мешаат со некои лекови, можете лекот да го земете пола час пред оброкот. Исхраната богата со растителни влакна и течности може да помогне да се спречи запекот, кој се јавува како несaкан ефект од лековите. Исто така се препорачува и земање на витамин Д и калциум за да се зачуваат коските.

Вежбање

Вежбањето може да има заштитен ефект, со што му помага на мозокот поефикасно да го користи допаминот. Исто така, помага да се подобри координацијата, рамнотежата, одењето и треморот. За да се постигне најдобар ефект, се препорачува континуирано вежбање, најмалку 3 пати неделно, во времетраење од еден час. Таи чи и јогата исто така помагаат во подобрување на рамнотежата и флексибилноста.

Најди доктор Закажи преглед Контакт