/Рана рехабилитација по мозочен удар

Рана рехабилитација по мозочен удар

Сподели

Задачата на физиотерапевтите не е едноставна, а наоѓа примена во секоја гранка од медицината. Од посебна важност се за пациентите од Одделот за неврологија, преку примената на невролошка рехабилитација во постојана соработка и тимска работа со доктор невролог. За раната рехабилитација по мозочен удар, разговаравме со нашиот физиотерапевт Влатко Илиески.

ГУБЕЊЕ НА МОЗОЧНИТЕ ФУНКЦИИ

Цереброваскуларен инсулт претставува рапидно губење на мозочните функции како последица на нарушување на дотокот на крв во мозокот. Може да настане поради исхемија (тромбоза, артериска емболија) или поради крвавење. Како резултат на ова оштетување на мозочното ткиво, зависно од регијата која е зафатена може да следи отежната подвижност или целосна одземеност на еден екстремитет (монопареза или моноплегија), еднострана одземеност на екстремитети (хемипареза или хемиплегија) и мноу поретко одземеност на сите четири екстремитети (квадриплегија). Неретко се јавува и нарушување во говорните функции, како и намалување на видното поле.
„Со физикална терапија се почнува веднаш откако пациентот ќе биде невролошки и кардиолошки стабилизиран, по направени дијагностички рендгенолошки иследувања. Во соработка со неврологот, почнуваме со извршување на физикалните процедури. Најчесто тоа е во првите два-три дена по мзочниот удар. Се применува кинезитерапија, антидекубитална превенција, мануелни техники“ – објаснува Илиески. Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ работи тим од хоспитални и амбулантски физиотерапевти кои ги опфаќаат различните фази на рехабилитација на невролошките пациенти.

ФИЗИОТЕРАПЕВТСКИ ТРЕТМАН ВО ДВЕ ФАЗИ

Третманот кај овие пациетни се одвива во две фази – рана и доцна. Раната фаза почнува веднаш и трае првите 3-4 недели, додека доцната фаза може да трае и повеќе месеци па и години. И двете фази се многу важни за пациентот и нема да имаме правилна и комплетна рехабилитација доколку не се почне со навремена рана рехабилитација.
„Целта ни е да се спречат дополнителни компликации и да се овозможи правилно лекување. Во раната фаза почнуваме со поставување на антидекубитален душек (воден или воздушен), позиционирање во правилна положба во кревет, применуваме кинезитерапија – пасивни вежби во полн обем за да спречиме настанување на контрактури, и што е можно побрзо пробуваме најпрво да го седнеме на кревет пациентот и да го научиме да седи стабилно за потоа да успееме да го вертикализираме и мобилизираме. Сите овие процедури се повторуваат неколку пати во текот на денот“ – истакна физиотерапевтот Илиески.
Кај овие пациенти, покрај нарушената физичката состојба, има нарушување и во нивната психолошка состојба. Претходниот ден ги извршувале своите секојдневни активности најнормално, а веќе наредниот се врзани за кревет без можност да си ги придвижат својата рака и нога.

СОРАБОТКАТА ПАЦИЕНТ – ФИЗИОТЕРАПЕВТ ДАВА ДОБРИ И БРЗИ РЕЗУЛТАТИ

Од особена важност за овие пациенти е психолошкиот пристап. Задачата на физиотерапевтот е пред да почне со рехабилитација да им се претстави, да им објасни во каква состојба се наоѓаат, да ги едуцира што можат да прават и сами за да си помогнат за подобрување на состојбата и да им објасни како ќе се одвива процесот на рехабилитација.
„Најчесто работиме со пациенти над 55-годишна возраст, и поголем е процентот на мажи со мозочен удар, но, за жал, во последните неколку години сме сведоци на намалување на оваа граница и има многу млади луѓе од 30 до 40-годишна возраст кои доаѓаат со некое мозочно оштетување. Причините за намалување на старосната граница се физичка неактивност, стрес, пушење цигари, алхохол. Кинезитерапија претставува терапија преку движење, кога се применуваат најразлични специфични вежби кои се применуваат кај најразлични патологии. Се применува во сите гранки на рехабилитацијата. Кај овие пациенти кинезитерапијата е број еден во нивното лекување. Се применува од првиот ден преку пасивните вежби за да не настанат контрактури на зглобовите, па се применуваат активнопотпомогнати вежби каде пациентот може со наша помош да направи некое движење, па сè до крајниот стадиум кога се применуваат вежби за баланс, координација и вежби со отпор за зајакнување на ослабената мускулатура“ – објаснува Илиески.

ИНДИВИДУАЛЕН ПРИСТАП И ПЛАН

Секој пациент е посебен и за сите се прави индивидуален мултидисциплинарен план за лекување. Физиотерапевтот е одговорен за подобрување на физичката состојба и враќање во нормално
функционирање колку што е можно, медицинска сестра, физијатар, анестезиолог, невролог, неврохирург се потребни за стабилизирање на состојбата при прием во болница и во понатамошното лекување, работен терапевт за враќање на функционалноста во работоспособноста, логопед за враќање на говорот (кај оние пациенти кај кои е оштетен овој центар), психолог за одржување на добра психичка состојба, диетолог за избирање храна соодветна на состојбата. Соработката помеѓу сите е од непроценливо значење
и дава најдобри резултати.