/ТРАНСНАЗАЛЕН ЕНДОСКОПСКИ ПРИСТАП – МИНИМАЛНО ИНВАЗИВЕН НАЧИН НА ЛЕКУВАЊЕ НА ПРОЦЕСИТЕ НА БАЗАТА НА КРАНИУМOТ И МОЗОКОТ

ТРАНСНАЗАЛЕН ЕНДОСКОПСКИ ПРИСТАП – МИНИМАЛНО ИНВАЗИВЕН НАЧИН НА ЛЕКУВАЊЕ НА ПРОЦЕСИТЕ НА БАЗАТА НА КРАНИУМOТ И МОЗОКОТ

Сподели

Идејата за постигнување на целта со што помалку инванзивни техники сè повеќе навлегува во модерната медицина, а посебно во хирургијата. Развојот на електрониката, оптиката, механиката, хемијата, фармакологијата и целокупната наука дава подлога за воведување нови методи и начини за оптимално лекување на пациентите, вели проф. д-р Слободан Дамјановски, специјалист неврохирург во Клиничката Болница „Аџибадем Систина“. Во минимално инванзивните методи со брзо темпо се инкорпорираат ендоскопските методи. Трансназалната ендоскопија, преку природните празнини во носот и параназалните синуси, дозволува директен пристап на базата на мозокот и околните структури, кои во класичната неврохирургија беа тешко пристапни регии, со висок ризик од морбидитет и морталитет. Во нашиот регион годишно се презентираат околу 50 нови случаи, кај кои метода на избор е ендоскопскиот пристап, додава проф. д-р Дамјановски. Дијагностичките методи, со компјутеризираната томографија и магнетната резонанца сè поефективно ги откриваат патолошките процеси и даваат детален приказ на заболувањето, со можност за конструирање оптимален план за работа. Методата на трансназален, транссфенидален пристап своите почетоци ги има пред повеќе од еден век, со дејноста на Horsley, Schlofler, Cushing, Dott, но последните две декади прогресивно ги зголемува достигнувањата.

Методата првенствено е воведена за третман на процеси на хипофиза, прво со отворена ринотомија, а потоа со трансназален и трансорален пристап. Долго време доминантна метода беше микроскопската метода, со употреба на спекулум и рендген-контрола. Комплетно ендоскопскиот пристап (Cappabianca 1998) дава значително поголеми можности, со помала инвазија. Се користат неколку пристапи – транссептален, задна септектомија, отстранување на средната конха. Таргет се процеси на сфеноидалниот синус, села турцика, хипофизата, инфундибулумот, супраселарната, параселарната регија, кливус, ретроселарната регија, птеригопалатинската и инфратемпоралната регија, краниовертебралниот спој и околните структури. Опфатени се воспалителни процеси, цисти, туморски процеси, васкуларни малформации, ликворни фистули и секаква друга патологија на базалните структури.

„АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ РАСПОЛАГА СО НАЈСОВРЕМЕНА ДИЈАГНОСТИКА

Ендоскопскиот трансназален пристап шематски опфаќа 4 ката на базата на черепот: Првиот кат е предната база на мозокот со пристап до етмоидалните и фронталните синуси. Вториот кат е регијата на села турцика со хипофизата, со параселарните, супраселарните процеси, но со поекстензивен пристап се навлегува во фоса птеригопалатина и фоса инфратемпоралис. Третиот кат е регијата на кливус, ретроселарниот простор, вентралната страна на мозочното стебло. Четвртиот кат е резервиран за процеси на краниовртебралната спојка, со патологијата на одонтоидот. Спроведувањето на овие методи бара софистицирана апаратура, која континуирано се усовршува. Конструирани се ендоскопи со различен агол на гледање.

Стандардно во употреба се ендоскоп со агол од 0 степени, со агол од 30 степени и со агол од 70 степени, LED-технологијата за осветлување на полето, системи за брзо чистење на оптичките елементи интраоперативно, HD-камера, и монитори со висока резолуција од 4К. Ова води до одлична визуелизација на сите компатменти и скриени рецесуси на процесот. Инструментариумот е посебно конструиран и прилагоден за работа низ мал коридор и овозможува прецизна манипулација. Конструирани се системи за монополарна и биполарна термокоагулација, специјални за ендоскопска употреба, системи за дрилување на коскените структури, ултразвучен аспиратор за ендоскопска примена. Сите овие можности се ефективни, доколку ги спроведува добро обучен и координиран стручен тим. Императив е координираната работа на ОРЛ-специјалистот, неврохирургот, анестезиолошкиот тим, доброто инструментирање и претходната дијагностика. ОРЛ-екипата го прави го пристапот до сфеноидалниот синус, а потоа настапува неврохирургот. За цело време работата е координирана. „Аџибадем Систина“ располага со најсовремена дијагностика, целокупна потребна опрема, инструментариум, материјали и добро обучен стручен тим, со долгогодишно искуство и континуирана едукација. Со дејството на ОРЛ, неврохируршкиот и анестезиолошкиот тим води до реализирање на оптимални услови за работа и максимално можна ефикасност при интервенцијата, потенцира проф. д-р Дамјановски. Трансназалната ендоскопија овозможува бимануелна работа на два оператора, преку двата носни отвора симултано и отворен пат од двете страни до процесот на кој се работи. Тоа е принципот – binostril, four hands, според англосаксонската формулација (две ноздри, четири раце). Завршниот дел на интервенцијата е резервиран за превенција на ликвората фистула, со примена на неколку методи:

• Пластика со fascia latta или fascia temporalis

• Масно ткиво од абдоменот или феморалната регија

• Васкуарниот назосептален флеп или дел од средната конха

• Дел од коскениот или ‘рскавичниот септум

• Пластика со алографт

• Примена на ткивен лепак

Во постоперативниот тек се следи хормонскиот статус, посебно инсипидниот диабет, детекција и третман на евентуаллна трансназална ликвореа, антибиотскиот третман. Употреба на навигацијата би имала добар ефект во лоцирањето на процесот и работа во услови на изменета анатомија. Прогресот е континуиран, со следење и примена на сите нови достигнувања во современата медицина.