/Интраорбитални тумори – тумори во пределот на очната јама

Интраорбитални тумори – тумори во пределот на очната јама

Сподели

Орбита претставува сложен анатомски комплекс составен од коскени структури, очното јаболко (булбус), екстраокуларни мускули, масно ткиво, сврзно ткиво, крвни садови, видниот (оптичкиот) нерв и други помали нерви. Орбита во најширока смисла на зборот претставува јама во која има структури битни за функцијата на гледање и коскен дел кој ги штити истите структури. Проф. д-р Кирил Лозанче, неврохирург, ги објаснува симптомите и третманот кај пациенти со интраорбитални тумори.

Симптоми

Орбиталните тумори се манифестираат со повеќе знаци, но најчесто со избочување на очното јаболко (проптоза) поради зголемен притисок врз интраорбиталните структури сместени во една коскена јама. Исто така, може да се јави нарушување во ориентацијата на очното јаболко према горе, долу или странично. Поретко се јавува притисок врз очниот нерв, кој се манифестира со проблеми во гледањето до слепило. Најчести интраорбитални тумори кај деца се дермоидни цисти, капиларни хемангиоми и рабдомиосаркоми. Кај возрасни најчести тумори се лимфодни тумори, кавернозни хемангиоми и менингиоми. Но, во орбитата може да се прошират и тумори од околината, како од параназалните синуси, солзната жлезда, мозокот и да дадат симптоми. Не се ретки и оддалечени метастазирани тумори како од дојка или бели дробови.

Испитување

Почетното испитување на пациентот со суспектна туморска маса во орбита зпочнува со очен (офталмолошки) преглед. Потоа следува испитување со ултразвук. Пософистицирани методи се компјутеризирана туморографија (К и магнетна резонанца (МРИ) на орбитата. КТ скенот дава детални аксијални и коронарни пресеци на меките ткива и особено на коскените структури. Пресеци со 1-3 мм дебелина даваат детален преглед на орбиталните маси. Магнетната резонанца овозможува тридимензионални слики во секој анатомски план и овозможува одлична просторна резолуција на орбиталните маси, особено за меките ткива.

Индикација за операција

Операција на интраорбитална маса се прави ако има потреба од биопсија на туморот, ако туморот со својата маса директно или индиректно го компримира очното јаболко или очниот нерв.

Оперативен третман

Хируршкиот пристап зависи од локализацијата и големината на туморот и од искуството на хирургот. Пристапите може да бидат преку периокуларната кожа или подалечни пристапи низ лицето или скалпот. Други пристапи може да бидат низ конјуктивата. Локацијата на лезијата главно ја одредува видот на орбитотомијата. Треба да се води сметка за тоа што овозможува одреден пристап и козметскиот ефект на пристапот. Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се изведуваат сите типови интраорбитални тумори од страна на хирурзи и офталмолози со долгогодишно искуство. Предна орбитотомија најчесто се изведува транскутано или трансконјуктивално. Најчесто во трансконјуктивалниот пристап се прави рез на конјуктивата во долниот очен капак. Пример за ваква орбитотомија е медијалната орбитотомија низ медијалната булбарна конјуктива со ослободување и повторно спојување на мускулот на медијалниот ректус. Така најчесто се пристапува до видниот нерв. Латерална орбитотомија претставува пристап со инцизија латерално на окото и отворање коскен прозорец низ продолжетокот на јаболчната коска. Кај задногорните процеси во орбитата се употребува и интракранијален пристап со мала фронтална краниотомија. Кај процеси кои се локализирани долу во орбита се пристапува трансконјуктивално или транскутано. Трансназални и трансетмоидални ендоскопски пристапи сè почесто се употребуваат за орбитални лезии. Транскранијални пристапи се употребуваат за тумори кои ги зафаќаат орбитокранијалните регии. Сите претходно опишани пристапи се изведуваат во нашата болница од тим на неврохирурзи во соработка со офталмолошкиот тим.