Почетна » Блог » Заби и Орално здравје » Хируршки третман на пародонтоза

Хируршки третман на пародонтоза

Сподели

По дијагностицирање на пародонталната болест во понапредна фаза која не може да се лекува со чистење забен камен и дентален плак, обработка на пародонтални џепови или полирање на забите се препорачува пародонтална хируршка интервенција. Овие проблеми најчесто се решаваат со редукција на пародонталните џепови и нивно пополнување со коскен заменик или регенеративни пародонтолошки хируршки интервенции. За тоа како се изведува оваа постапка разговаравме со д-р Андрејчо Грнчаровски, специјалист по орална хирургија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“.

Кога и како се изведуваат овие интервенции?

Повлекувањето на непцата поголемо од 5 мм, оголувањето на коренот на забот и неговата осетливост на термички дразби, како и подвижноста на забите се аларм дека треба да се изведат овие зафати. Доколку не се интервенира навреме, резултатот е паѓање на забите. Оваа хируршка интервенција се изведува во локална анестезија. Најпрвин гингивата се одвојува од коренот на забот, а потоа се отстрануваат длабоките бактериски депозити од површината на коренот и џеповите. Со оваа техника може да се надополни губитокот на коска со автографт (коска на самиот пациент) или со ксенографт (вештачка коска). По ова следува ремоделирање на гингивата и нејзино шиење. Првиот ден по интервенцијата се јавува лесна болка која се контролира со аналгетици. Со правилна изведба на интервенцијата и умерена употреба на лекови ова заболување се става под контрола, а со тоа се избегнува и губитокот на забите.

Третман на гингивална рецесија (повлекување на гингивата)

На нашиот оддел практикуваме два начини за решавање на овој проблем – земање здрава гингива од палатумот на горната вилица и негово преместување на местото зафатено со рецесија на гингивата (гингивален графт); и тунел техника проследена со апликација на ПРП (плазма богата со тромбоцити), која содржи фактори на раст и во голема мерка ја редуцира рецесијата. Причините за ова заболување најчесто се пародонтопатија, агресивен начин на четкање на забите, анатомски аномалии или малпозиција на забите, а резултира со осетливост на забот, појава на кариес на коренот, забен камен, расклатување и губиток на забите.

Издолжување на коронка (crown lengthening)-функционална пародонтолошка процедура

Кога забот има потреба од пломба или порцеланска коронка, а стоматологот нема адекватен приод до местото, тогаш се одлучува за отстранување на дел од гингивата и околната коска со што си овозможува повеќе место за интервенирање. Придобивките од оваа интервенција се повеќекратни: враќање на денталното здравје, комфортот и функцијата на забите, како и враќање на убавата насмевка и непречениот говор.

Корекција на гингивална насмевка (Gummy smile)

Како додаток на процедурите за лекување на парадентоза  се изведуваат и козметички интервенции за разубавување на насмевката на пациентите, и тоа: естетско издолжување на коронката , мекоткивни графтови, гингивално ремоделирање и коскена аугументација на алвеоларниот гребен. Со овие интервенции се овозможува елиминација на т.н.гингивална насмевка при што ексцидираната гингива и отстранетата коска се ремоделираат со цел повеќе да се експонира природниот заб. Ова процедура може да се примени на еден или повеќе заби во зоната на насмевката.

Ремоделирање на гингивалниот спој со PRP (плазма богата со тромбоцити кои содржат фактори на раст)

Со различни техники најпрвин се одвојува гингивата од забниот корен, потоа се киретира патолошкиот супстракт и се аплицира ПРП, која произведува нов атачмент за многу краток период (3-6 месеци). За овој период добиваме позитивен и долготраен резултат во ремоделирањето на новиот гингивален атачмент. Всушност, оваа процедура претставува новина во нашиот оддел бидејќи повеќе не зборуваме за репарација туку за регенерација на претходно изгубената врска помеѓу мекото ткиво и забот.

Најди доктор Закажи преглед Контакт