/Како до совршена насмевка?

Како до совршена насмевка?

Сподели

Сакале да признете или не со текот на годините вашите заби освен што го менуваат изгледот ја менуваат и бојата. Но, тоа не значи дека треба да се помирите со реалноста, да ја прифатите таква каква што е и постојано да ја криете својата насмевката. Многу малку луѓе имаат бисерно бели заби. Но, со развојот на стоматологијата совршената насмевка денеска е достапна секому. Еве дел од стоматолошките процедури со кои ќе имате насмевка од соништата:

Dental wellness за убава насмевка и свеж здив

За да ја вратите блескавата насмевка се препорачува новата програма дентал велнес (dental wellness).  Се работи за чистење на забниот камен, пескарење на тврдите забни ткива, полирање, масажа на гингивите со специјализирани витамински пасти, избелување и премачкување со заштитен слој. За совршено бела насмевка најпрво се прави детален преглед на состојбата на забите, меките ткива, се детектира постоењето на денталниот плак и камен, но и воспаление на непцата доколку постои. Потоа, се пристапува кон темелно чистење на забниот камен со ултразвук – постапка која е безболна, но доколку пациентот е исплашен може да се изведе и под анестезија. Следната постапка е пескарење на забите со која се отстрануваат никотинските и кофеинските пигментации добиени од консумирањето кафе и цигари. Потоа се продолжува со механичко полирање на забите со гранулирана паста која ги отстранува меките наслаги и со нејзино полирање се добива висок сјај. Со гел на база на хијалуронска кислина се прави благопријатна масажа на гингивите. На самиот крај забите се премачкуваат со  заштитен слој паста на база на калциум фосфат за намалување на осетливоста, но заштитува и од кариес. 

Белење на забите

Избелувањето на забите е најпопуларната процедура во стоматологијата, која може многу да го смени изгледот на луѓето. Постапката за белење на забите е брза и едноставна постапка за која ќе ви требаат само 50 минути. Се започнува со одредување на нијансата на забите,а потоа со четка без паста се отстрануваат меките наслаги на забите. Гингивите се заштитуваат со светло полимеризирачко средство. Потоа, забите се сушат и се нанесува првиот слој на 40 % хидроген пероксид кој стои 20 минути. Се пребришува првиот слој и процедурата се повторува уште еднаш. По второто премачкување се прави масажа на гингивите со гел на база на хијалуронска кисленина и се премачкуваат забите со заштитен слој на паста на база на калциум фосфат за намалување на осетливоста на забите, но и за заштита од кариес. По третманот пациентот има побели заби за неколку нијанси и блескава насмевка. Избелувањето на забите речиси нема несакани ефекти, но оваа процедура не се препорачува кај трудниците. Откако ќе добиете сосема нова, бела и сјајна насмевка ве советуваме да се грижите за неа. Доколку сакате таа подолго време да трае тогаш избегнувајте ги цигарите, не јадете пигментирана храна, редуцирајте го пиењето кафе, чај и газирани пијалаци. Следното белење на забите може да го направите по една година. Убавата насмевка влева самодоверба на оној кој ја носи, па затоа споделувајте насмевки!

Безметални коронки и мостови

Благодарение на прецизноста и брзината на изработка, стоматолошката протетика зема сè поголем замав. Покрај функционалната предност за надоместок на изгубен заб, стоматолошката протетика има голема естетска улога и во подобрување на постоечките заби. Со нив може да се коригираат несовршеностите на вашите заби како: скршен или искривен заб или доколку имате поголеми празнини меѓу забите. Последен хит во стоматологијата се безметалните коронки и мостови со кои естетската изработка е доведена до совршенство, а материјалот има голема биокомпактибилност. Безметалните коронки и мостови се со природна боја, голема цврстина и не создаваат алергии, што дава совршени резултати од аспект на естетика и функција. Се изработуваат со најсовремена компјутерска технологија CAD-CAM. Оваа технологија овозможува пациентот во соработка со стоматологот да ја креира својата насмевка. Ја одредува големината и изгледот на новиот заб. Самата постапка на изработка е брза, и за неколку минути овозможува прецизна и квалитетна изработка на коронки и мостови.