Почетна » Блог » Заби и Орално здравје » Максилофацијална хирургија хирургија на лицето, вилиците и вратот

Максилофацијална хирургија хирургија на лицето, вилиците и вратот

Сподели

Повредите и заболувањата во пределот на лицето, вилиците и вратот се сериозни состојби пред сè поради нивната анатомска поставеност. Тука се сместени многу различни ткива и органи со важни витални функции како што се дишењето, говорот, голтањето и џвакањето, кои го обезбедуваат опстанокот на човекот.

Максилофацијалната хирургија е специјалност што вклучува дијагностицирање, хируршко лекување и придружен третман на вродени и здобиени патолошки состојби на лицето, вилиците и вратот кои се резултат на болест, малформација, тумор, траума, дегенерација и стареење, вклучувајќи ги и функционалните и естетските аспекти на тврдите и меки ткива во лицево–виличната регија.

Во зависност од причината, хируршките процедури на лицето, вилицата и вратот – максилофацијалната хирургија, се движат од релативно мали до комплексни големи хируршки зафати. Процедурите што ги преземаат максилофацијалните хирурзи вклучуваат:

  • хируршки третман на повреди на лицето – комплексни краниофацијални фрактури, фрактури на долната вилица и горната вилица, зигоматичната коска, фрактури на носни коски и фрактури на орбита (едноставни и комплексни) заедно со повреди на меките ткива на устата, лицето и вратот.
  • хируршки третман на бенигни и малигни тумори на лицето, вилиците и вратот, вклучително и плунковните жлезди.
  • реконструктивна хирургија – вклучително и слободни микроваскуларни трансфери на ткива.
  • хирургија на вродени (конгенитални) расцепи на лицето, вклучително и на усната и тврдото и меко непце и други конгенитални деформитети на лицето.
  • краниофацијални деформитети и ортогнатна хирургија – специјализирана гранка на максилофацијалната хирургија која хируршки ги коригира и модифицира диспропорциите на горната и долната вилица со цел да се промени нивната неусогласеност и позицијата за подобрување на функциите на орофацијалниот комплекс –правилен сооднос на горната и долната вилица со забите –нормооклузија и артикулација, правилен сооднос на меките ткива (формата на лицето) со крајна цел да се влијае на правилен изглед на лицето, правилното дишење, говор, џвакање и голтање.
  • естетска хирургија на лице – реконструирање на лицето со вградување лицеви импланти (брада, зигоматична коска, горна и долна вилица, нос, уши), затегање на лицето (face lifting) во сите форми, хирургија на очните капаци (blepharoplasty), корекција и реконструкција на носот (rhinoplasty), како примарна и секундарна корекција.
  • естетска хирургија на лузни на кожата на главата и вратот.

Соработка со други специјалности

Максилофацијалните хирурзи во своите хируршки постапки тесно соработуваат со: оториноларинголозите во областа на хирургијата на орофарингеалните тумори, примарните и секундарните тумори на синусите, како и естетската хирургија, неврохирурзите при онкохирургијата и неуротрауми, трауматолозите при политрaуматизам, торакалните хирурзи при болестите на вратот, како и дерматолозите при појава на бенигни и малигни тумори на кожата на лицето и вратот.

Траума во кранијално– максилофацијалната регија

Поимот кранио–максилофацијална траума подразбира секаков вид повреди на меките ткива на лицето, вратот и черепот, како и на тврдите ткива на лицевиот скелет, вклучувајќи ги забите, коските на лицето или черепот. Траумите во лицево-виличната регија, поради нивните тешки последици стануваат сè поактуелни во теоретска и практична смисла. За нив важат сите законитости на трауматологијата, но по својата специфичност и комплексност тие се разликуваат од траумите во другите локализации во организмот. Специфичностите на траумите во лицево–виличната регија доаѓаат од нејзината анатомо–топографија, физиологија и функција кои се типични за лицево виличниот комплекс. Во анатомо–топографска смисла не постои друга локализација каде што на толку мал простор се сместени толку многу различни ткива и органи со важни витални функции како што се дишењето, говорот, голтањето и џвакањето, кои го обезбедуваат опстанокот на човековото битие. Овие повреди исто така варираат по степенот на сериозност, во зависност од причината поради којашто е настаната повредата и често може да вклучуваат и повреди и на други делови од телото.

Причина за траума

Траума на лицето може да настане од разни причини, како сообраќајни несреќи, спортски повреди, интерперсонално насилство, падови, несреќи на работното место, итн.

Третман

Бидејќи лицето е најистакнатата карактеристика на физичкиот идентитет на секоја личност, од суштинска важност е квалификуван медицински персонал да се погрижи за повредите на лицето. Максилофацијалните хирурзи се обучени и оспособени за третман за сите аспекти на овие повреди бидејќи зад себе имаат широко искуство и со денталните и медицинските аспекти на траумата на меките и тврдите ткива на лицето. Често повредите на меките ткива можат да бидат разорни на која било структура (коскена и мекоткивна) и се исклучително комплексни за третман од естетски и функционален аспект. Третманот на повредите на меките ткива и фрактурата на коските на лицето и вилиците се лекуваат со минимално инванзивни и естетски постапки што подразбира најсовремени материјали и брзо враќање на пациентите во нормална функција.

Единствено во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ пациентите добиваат тимски и мултидисциплинарен пристап. Интервенциите се изведуваат во соработка со тимот од Универзитетската клиника за хирургија на лице, вилици и врат, максилофацијална хирургија. Во целокупниот третман на пациентот вклучени се и невро ПРЕД ПОТОА хирурзи, ОРЛ специјалисти и стоматолози.

Најди доктор Закажи преглед Контакт