Прашање: Сите резултати ми се уредни што ги спремам за вештачко оплодување. Треба да снимам јајцеводи. Me интересира дали висока ЅЕ 30/58 е проблем за снимање, а таа се должи на ревматоиден фактор (IU/ml) 19 затоа што од стоматологија се е во ред, гинекологија исто така е во ред и други здравствени проблеми немам. Исто така ме интересира која е процедурата за снимање јајцеводи и дали е болно?
Одговор: Хистеросалпинографија или HSG е радиолошка метода со која се испитува морфологијата, односно изгледот на цервикалниот канал, шуплината на матката и проодноста на тубите. Со неа можат да се откријат разни вродени аномалии на гениталните органи, присуство на полипи во матката, тумори, како и да се потврди проодноста на тубите. Оваа метода не е болна, се изведува без анестезија и по нејзиното изведување пациентката слободно може да си оди дома. При нејзино изведување може да се почувствува неудобност и напнатост во долниот дел од стомакот. Се изведува во првите 10 дена од менструалниот циклус, кога е завршено менструалното крвавење. Потребно е седиментацијата да е ниска, но доколку вие сте ги исклучиле сите други фактори за покачена седиментација, и кај вас се должи на присутен ревматоиден фактор, тогаш би можело истата да се направи. Самата процедура се состои во вшприцување на контраст преку цервикалниот канал, со посебен инструмент и правење на три последователни РТГ снимки со што се визуализираат гениталните органи.
Д-р Даниела Јованова, специјалист по гинекологија и акушерство, Клиничка болница „Аџибадем Систина“