/Missed abortion

Missed abortion

Сподели

Прашање:

Мајка сум на здраво дете од 4 години.Во 2013, втор пат останав бремена и бевме многу срекни со сопругот. Еднавечер ненадејно прокртварев. Следниот ден отидов на лекар кој констатираше missed abortus во 15 недела. Останав во болница и по два дена ми направија киретажа. Следните неколку месеци, се чував правев редовни пап тест и други контроли и се беше во ред. Но еве втора година пак се обидуваме со сопругот да одиме на второ но безуспешно. Кај е проблемот. Какви испитувања да направиме? Јас сум 43, а сопругот 48 години. 

Одговор

Д-р Александар Бојаџиев

Специјалист по гинекологија и акушерство
Клиничка болница „Аџибадем Систина“

Missed abortion, претставува вид на ран губиток на бременоста (пред 20та гестациска недела), при кој има постоење на ембрион или фетус во матката, кој изгубил срцева акција и не го продолжил својот развој. Раните губитоци на бременоста се честа појава. Генерално 12-15% од потврдените бремености завршуваат како ран губиток на бременоста. Ризикот за ран губиток на бременоста се зголемува со возраста на трудницата. На 35 годишна возраст ризикот е околу 20%, на 40 годишна возраст, ризикот за ран губиток на бременост е околу 40%, на возраст од 45 години тој е 80%.  Една од причините за неколку кратно повисокиот ризик за ран губиток на бременоста кај повозрасните трудници, се смета дека е послабиот квалитет на јајце клетките во јајниците, односно зголемената појава на хромозомски абнормалности во јајце клетките, што настапува со стареењето на жената. Истото објаснува и зошто постарите мајки имаат зголемен ризик да имаат бебе, кое ќе има некоја хромозомска аномалија. Тука ќе се надоврзам дека најчестата причина за раните губитоци на бременоста (со повеќе од 50%) се хромозомските абнормалности кај ембрионот. Тие најчесто претставуваат случајни грешки кои не значи дека ке се повторат во следната бременост. Скоро сите ембриони, кои имаат вакви абнормалности, без оглед дали се работи за млада или повозрасна пациентка, го прекинуваат својот развој во почетокот од бременоста. На овој процес се гледа како контрола на квалитет или природна селекција и секако, подобро е да се случи во раната бременост. Покрај генетските фактори, други фактори кои доведуваат до рани губитоци на бременост се: имунолошки, анатомски, инфективни, ендокринолошки и влијанија од надворешната средина.

Со оглед на вашата возраст, Ви советувам најпрво започнете со хормонски анализи, со кои ќе се утврди дали сите хормонски механизми функционираат правилно, анализа на хормоните на тироидната жлезда и анализа за дијабет (гликолизиран хемоглобин HgA1c).

Понатаму од голема важност се имунолошките иследувања, особено што прекинот на бременоста бил по 10тата гестациска недела. Се вршат лабораториски испитувања за антифосфолипиден синдром (антикардиолипински и лупус антикоагулантни антитела). Важно е тоа што, воколку се покаже дека некоја од овие анализи е позитивна, постои ефективна терапија (која најчесто се состои во аспирин и/или нискомолекуларен хепарин), со која значително се зголемува шансата за успешна бременост.

Покрај тоа, неопходно е да се испитаат инфективните фактори (микробиолошки брис за Chlamidia, Mycoplasma/Ureaplasma, Toxoplasma, CMV, бактериска вагиноза).

Предлагам и преглед на ултразвук, при што ќе се направи проценка на шуплината на матката, резервата на јајниците и откако ќе се добијат резултатите од испитувањата, ќе се одлучи за евентуална терапија што ќе би помогне да имате здрава и успешна бременост.