/Ревматоиден артритис и преглед на стоматолог

Ревматоиден артритис и преглед на стоматолог

Сподели

Прашање: Имам 66 години, a 4 години боледувам од ревматоиден артритис. Користам „метатраксант” од 2,5 мг 3 таблети еднаш во неделата. Имам проблем со забите, но поради терапијата, не знам дали можам да ги извадам кај матичниот стоматолог.

Друг проблем ми се јави пред 3 месеци добив аритмија и еве оттогаш еднаш неделно наеднаш добивам аритмија и возбуда, треперење. Каде да се обратам што да направам?

Одговор: Денес, „метотрексатот” е златен стандард за лекување ревматоиден артритис со т.н. конвенционални болест модифицирачки антиинфламаторни лекови. Покрај него, се користат и т.н. биолошки болест модифицирачки антиинфламаторни лекови кои се синтензирани во последните две декади (етанерцепт, инфликсимаб, адалимумаб, голимумаб и др). Овие лекови се особено корисни кога лекувањето со конвенционалните модифирачки антиинфламаторни лекови дава само парцијални позитивни ефекти или кога се работи за губиток на тераписката ефикасност (рефрактерност).

Вие ја примате минималната од препорачаните дози на метотрекстат за болни со ревматоиден артритис. Во таа смисла, минималните дози се со помала зачестеност на несаканите ефекти. Но, понекогаш, лекувањето со „метотрексат”, може да доведе до значајно намалување на крвните плочки (тромбоцитите) со синдром на крвавење. Во такви околности елективните оперативни зафати се одлагаат се дури задоволително не се покачи бројот на тромбоцитите. Доколку Вашата крвна слика е без значителни нарушувања тогаш вашиот стоматолог може да ги изврши предвидините екстракции на забите. Во врска со Вашето прашање околу аритмијата на срцето најцелисходно е да се обратите на кардиолог што се занимава со електрофизиологија на срцето.

Проф. Д-р Мане Грличков, ревматолог, Клиничка болница „Аџибадем Систина”