Хламидија (Chlamydia Trachomatis) е бактерија и предизвикувач на една од најзастапените сексуално преносливи болести, како кај жените така и кај мажите. Инфекцијата со хламидија се смета за „тивка“ болест, затоа што кај 75-80 отсто од инфицираните жени и 25-50 отсто од инфицираните мажи, не постои јасна или никаква симптоматика на болеста.
Последиците ако не се лекува може да бидат опасни и да доведат до трајно оштетување на репродуктивниот систем и кај жените и кај мажите или да предизвикаат траен стерилитет.
Како се пренесува?
Хламидијата се пренесува преку вагинален, анален или орален сексуален однос или преку вагинално породување од мајката на детето. Првите симптоми може да се појават дури по 1-3 недели од инфекцијата, а за тоа време инфицираниот, не знаејќи ја својата состојба е опасен како преносител на оваа болест. Доколку се појават симптоми, кај жената најчести се: поизразен вагинален исцедок, кој може да биде со непријатен мирис, крвавење помеѓу циклусите,чувство на чешање и печење околу вагината, абдоминални болки понекогаш проследени со покачена телесна температура, болка при сексуален однос, болки при мокрење. Понекогаш жариштето на инфекцијата може да се префрли и во очите, грлото и во ректумот, што е можна состојба кај вас.
Како се дијагностицира хламидија?
Дијагнозата на болеста се поставува со гинеколошки преглед, со земање брис од грлото на матката, а во лабораторија се спроведуваат некои од достапните тестови, како што се NAAT (Nucleic acid amplification test)) тест,од кој најпознат е PCR (Polymerase chain reaction) тестот, DNK (DNA probe test) тест, ELISA тест, DFA тест и култура на хламидија.
Третманот против хламидијата е ист и кај жените и кај мажите и најчесто е едноставен и ефикасен со орално користење антибиотици како што се: азитромицин, тетрациклин и ципрофлоксацин. Изборот и времетраењето на терапијата го прави исклучиво лекарот врз основа на добиените резултати од лабораторијата. Се препорачува апликација на терапијата и кај двата партнера (истовремено) и воздржување од сексуални односи за време на терапијата, а таа мора да биде спроведена доследно до крај и никако да не се прекинува ако се осетат евентуални смирувања на симптомите за да се избегне евентуално враќање на болеста.
Целосна излекуваност од болеста може да се смета по добивање на негативен тест, а битно е да се напомене дека едно прележување на болеста не создава имунолошка отпорност против оваа бактерија и дека е секогаш можно повторно да се заразите. А тука своја улога игра превенцијата од сексуално-преносливи болести при сексуалните односи помеѓу партнерите.
Одговор ни даде д-р Даниела Јованова, гинеколог-акушер