Почетна » Блог » Срце и васкуларно здравје » Најчести прашања поврзани со операција на срцето

Најчести прашања поврзани со операција на срцето

Сподели

 

Кардиохируршките интервенции се едни од најсложените операции. Со зголемување на бројот на кардиоваскуларните заболувања, операциите на срце бележат значителен пораст на светско ниво. За многу пациенти кои се во очекување да бидат оперирани, како и за оние кои не се осмелиле да се јават кај кардиохирург поради страв дека ќе им биде предложено хируршко лекување им даваме одговор на најважните прашања кога станува збор хируршка интервенција на срцето.

 

Што е бај пас операција?

Бај пас операцијата овозможува да се решат проблемите со крвотокот предизвикани од зголемените наслаги (артериосклероза) во коронарните артерии. Со операцијата се зема дел од крвен сад (вена, артерија) од друг дел од телото за да се направи заобиколен пат или бај пас околу блокираниот дел на коронарната артерија. Парчето крвен сад кој се употребува како бај пас, и се нарекува графт, најчесто се зема од нозете рацете и градниот кош. Пациентот треба да знае дека бројот на бајпаса не укажува на тежината на болеста. Пациентот кој добил четири бај паса не е потежок болен од пациентот со еден бај пас. Тежината на кардиохируршкиот пациент се одредува според состојбата на крвните садови на срцето, работата на левата комора и други придружни болести.

Што претставува реконструкција на митрален залисток?

Реконструкција на митралниот залисток се изведува со операција на отворено срце, во случаи на стеноза или пропустливост на залистокот. Дел од митралните залистоци можат да се реконструираат, но доколку оштетувањето е големо тој се заменува со механички или биолошки залисток. И двата вида на вештачки залистоци имаат свои предности и недостатоци. Одлуката за тоа кој залисток ќе се употреби ја носи кардиохирургот врз основа на повеќе фактори како возраста на пациентот, пропратните болести, начинот на живот и индивидуалниот ризик .

Имам проширена аорта. Кое е решението?

Во овие случаи со хируршка интервенција, проширениот дел од аортата се заменува со вештачка протеза, изработена од синтетички материјал. На овој начин трајно се решава проблемот. Доколку болеста го зафатила и оштетила аортниот залистокот, истиот треба да се реконструира или замени.

Дали моето срце ќе работи за време на операцијата?

За време на операцијата, протокот на крв низ срцето се стопира, срцето е во мирување за да може хирургот да работи на него. Пациентот се приклучува на машина за екстракорпорална циркулација која ја презема работата на срцето и белите дробови за време на интервенцијата. Ова е сложен апарат кој низ систем од цевки ја зема крвта од срцето, ја збогатува со кислород и потоа под одреден притисок, ја враќа назад во телото. На овој начин му се овозможува на телото нормално да функционира, и без последици да се заврши кардиохируршката интервенција.

Колку трае операцијата на срцето?

Кардиохируршките операции се едни од најсложените хируршки интервенции. Времетраењето зависи од состојбата на пациентот. Затоа е тешко да се предвиди колку ќе трае. Просечно време за операција на срце е помеѓу 4 и 5 часа.

Колку долго ќе останам во болница по операција на срце?

Пациентот се буди неколку часа по операцијата. Повеќето пациенти се способни самостојно да дишат наредниот ден. Престојот во интензивна нега трае од 24 до 48 часа. Кај потешките случаи престојот во интензивна нега може да се продолжи се додека пациентот потполно не се стабилизира. Најчесто после 5 – 7 дена престој во болница може да се замине дома.

 

 

 

 

Најди доктор Закажи преглед Контакт