/Аортна стеноза

Аортна стеноза

Сподели

Аортата е главна артерија која носи крв директно од срцето. Кога срцето ја истиснува крвта, залистокот кој се наоѓа на почетокот на аортата овозможува крвта да се движи во една насока од срцето кон артеријата. Со текот на времето поради дегенеративни промени, механичките функции на залистокот може да бидат нарушени. Во случаи на аортна стеноза, залистокот може да биде стеснет и да не се отвора целосно. Проф. д-р Салис Таџер, кардиохирург, објаснува дека според статистиките аортна стеноза се јавува почесто кај мажите за разлика од жените.

Симптоми

Симптомите на аортна стеноза обично се јавуваат кога болеста е во напредна фаза и протокот на крвта низ залистокот во аортата е тежок. Во овие случаи се јавува:

  • Замор за време на зголемена активност
  • Останување без здив при напор
  • Понекогаш, болка во градите (ангина) или стегање
  • Несвестица, или несвестица при напор (синкопа)
  • Ако пациентот подолго време има нерешена аортната стеноза може да се јави и срцева слабост, која се манифестира со замор, недостиг на воздух, отоци на нозете и стапалата.

Кога да се јавите на лекар?

Аортната стеноза обично се јавува кај повозрасни пациенти, но исто така може да се јави и кај деца и бебиња со истите симптоми како кај возрасните. Доколку ги имате симптомите веднаш да се јавите на лекар, особено доколку веќе имате историја на срцеви заболувања.

Причини

Причини за аортна стеноза може да бидат:

Вроден срцев дефект. Аортната валвула нормално се состои од три листа. Но, понекогаш се раѓаат дечиња со само две или четири ливчиња. И покрај тоа што овие залистоци функционираат нормално, кај нив се јавуваат проблеми – најчесто аортна стеноза порано во животот. Затоа е потребна редовна кардиолошка контрола порано во животот и следење со ехо. Калцификации на залистокот. Со текот на годините, на срцевите залистоци може да се акумулираат депозити на калциум. Присутноста на овие депозити влијае на еластичноста на залистоците, кои со текот на време стануваат сè покрути и ја губат еластичноста. Тоа ја нарушува механичката функција на залистоците и тие потешко се отвораат. Таа состојба е поврзана со возраста и е типична за мажи над 65-годишна возраст и жени над 75.

Ревматска треска. Стрептококните инфекции на грлото може да се пренесат и на срцевите залистоци, најчесто на митралниот залисток, но понекогаш и на аортниот. Лечењето на овие состојби е со антибиотици, но промените на за- листоците може да доведат до состојба на аортна стеноза.

Дијагноза

Аортната стеноза често не дава предупредувачки симптоми и затоа потешко се дијагностицира. Аортната стеноза е често откриена на рутински преглед, кога на оскултација се слуша шум. Обично овој шум се појавува многу пред да се појават другите симптоми. Аортна стеноза може да предизвика промени на електрокардиограм (ЕКГ). Низок крвен притисок може да биде сигнал за аортна стеноза, но основ на дијагностичка метода е ехо на срце. Со оваа метода може да се утврди и степенот на аортната стеноза и со тоа да се одреди каков третман ќе биде најадекватен. Полесниот степен на аортна стеноза се контролира медикаментозно со редовни контроли со ехо на 6 месеци. Тоа ќе овозможи навремено поставување на навремена индикација за кардиохируршко лекување или замена на залистокот.

Третман

Тешката аортната стеноза е механичка опструкција на крвотокот и се решава механички најчесто со замена на залистокот. Понекогаш е возможна и реконструкција на залистокот. Оштетените залистоци може да се заменат механички или со биолошки залисток (протеза). Механички залистоци обично се вградуваат кај помлади пациенти, но не секогаш. Овие залистоци се поврзани со антикоагулантна терапија (лек против згрутчување на крвта) до крајот на животот. Земањето на антикоагулантна терапија е неопходно за да го овозможи нормалното функционирање на механичкиот залисток. Алтернатива на ова е биолошки залисток направен од био материјал со тоа што времето на нормалното функционирање е ограничено. За овој залисток во најголем број случаи не е потребна антикоагулантна терапија и тоа директно го подобрува квалитетот на животот (независност од лекови, неограничени физички активности и послободен живот). Според препораките на Американската асоцијација за срцеви болести (American Heart Association), во денешно време трендот во третманот на залистоците е насочен кон примена на биолошките залистоци. И покрај тоа што по извесен период од околу 15 години е потребна повторна замена на залистокот, овие пациенти генерално живеат подолго.