Почетна » Блог » Срце и васкуларно здравје » Аритмијата го ослабнува срцето

Аритмијата го ослабнува срцето

Сподели

Преткоморната фибрилација е најчеста срцева аритмија. Овој тип аритмија е карактеристичен за постарата популација, но се појавува и кај младите без постоење на посебна срцева болест. Според д-р Иван Трајков, кардиолог електрофизиолог, се манифестира со срцебиење, кое е последица на неритмична срцева работа и се карактеризира со брз и неправилен срцев пулс.

Лекување кај хроничните болни е посложено

Најчесто аритмијата започнува со кратки епизоди на нерамномерен срцев ритам кој се смирува без посебни лекови. Но, понекогаш, аритмијата е долготрајна (подолга од неколку часови). Тие ситуации бараат консултација со кардиолог. „Прво се започнува со лекови (антиаритмици) кои во најголем број случаеви се ефикасни. Но, кај пациентите кои имаат и други придружни болести (покачен крвен притисок, шеќерна болест, бубрежна болест или некој облик на срцeво заболување) тогаш лекувањето е подолготрајно и посложено. Преткоморната фибрилација е аритмија која е најчеста причина за појава на срцева слабост (намалена пумпна моќност на срцето), мозочен удар или деменција“, објаснува д-р Трајков за последиците од нелекуваната аритмија.

Видови третман

Поради тоа, лекувањето треба да се почне на време за да се намали можноста за појава на компликации. Д-р Иван Трајков објаснува, доколку аритмијата не може да се смири со лекови – антиаритмици, во тие случаи се применува електрична кардиоверзија. „Тоа е метода на смирување на ритамот со електричен удар (медицински контролиран). Доколку кај пациентите има потреба од повеќекратно повторување на електрични кардиоверзии, во тие случаи, на пациентите им се предложува електрофизиолошка студија со радиофреквентна аблација во левата преткомора на срцето каде е најчесто основната причина за појава на преткоморната фибрилација“.

Електростимулаторот ја презема нормалната срцева работа

Доколку кај пациентот има хронична преткоморна фибрилација, аритмија која трае подолго од една година, аритмија која не се смирува со лекови, а во исто време има и структурни промени во срцето (проширена лева преткомора повеќе од 5 см) со постоење на срцева пумпна слабост, во тие случаи, според актуелните кардиолошки препораки, се поставува срцев електростимулатор за да ја преземе нормалната срцевата работа. „Поставувањето на срцевиот стимулатор (пејсмејкер) е со мала хируршка интервенција при што се поставува една електрода (сонда) во десната комора и генератор (батерија) под кожа, најчесто од левата страна на градниот кош“, објаснува д-р Трајков.

Електрофизиолошка студија за потврда на аритмијата

Во исто време, за подобра контрола на ритамот, се прави електрофизиолошко тестирање, тоа е процедура за да се потврди аритмијата. Потоа интервенцијата се продолжува со воведување преку вена, аблативен радиофреквентен катетер. „Ова претставува сонда преку која се спроведува струја со мала енергија со која се прави аблација, коригирање на мал дел од спроводниот систем. По тоа, срцевиот електростимулатор (пејсмејкер) ја презема работата на срцето. Пациентот има регулиран срцев ритам со адекватно контролирано забрзување при физичка активност. Пациентот клинички добива на кондиција, има помала потреба од лекови за крвен притисок, и срцева слабост“.

Превенција од тромб

Покрај редовната терапија за срце, сите пациенти имаат потреба од редовна терапија за превенирање од создавање тромб во срцето, антикоагулантна терапија, која претставува главна заштита од мозочен удар (мозочен тромбемболизам).

Ефикасен и современ третман на аритмија

Нашиот тим со долгогодишно искуство ви нуди дијагностика и најсовремен третман на нарушувања на срцевиот ритам. Во „Аџибадем Систина“ имате можност за изведување на: електрофизиолошки испитувања, аблација кај срцеви аритмии, вградување пејсмејкери, срцева ресинхронизација, вградување имплантибилни кардиовертери и дефибрилатори и најсовремени апарати, од водечките производители во светот. Тимскиот пристап во дијагностиката и терапијата кај секој пациент гарантира ефикасност и врвен квалитет.

 

 

 

 

Најди доктор Закажи преглед Контакт