/Аритмијата не е секогаш последица на срцево заболување

Аритмијата не е секогаш последица на срцево заболување

Сподели

Нормалната срцева фреквенција во мирување е меѓу 60 и 95 удари во минута. Срцев ритам помал од 60 удари во минута е срцева брадикардија, која претставува нормален ритам кај активни или поранешни спортисти. Срцев ритам поголем од 100 удари во минута без физичка активност е срцева тахикардија која во некои случаи бара консултација со кардиолог. При физичка активност нормално е срцевиот ритам да се забрза, но  постепено. Степенот на забрзување на срцевиот ритам зависи од физичката кондициска подготвеност на индивидуата. По физичката активност, срцевиот ритам постепено се враќа во нормални граници. Кај децата помали од 14 години, нормално е ритамот во мир да биде и поголем од 100 удари во минута.

Аритмијата не секогаш е поврзана со срцево заболување

Палпитации (срцева аритмија) се непријатни сензации на нагло, силно и брзо, регуларно или нерегуларно срцево работење.

Од кардиолошка гледна точка многу е битно дали аритмијата :

  • започнува и се смирува  нагло или постепено
  • дали е  ритмична или аритмична
  • колку време трае
  • дали е придружена со симптоми
  • дали се појавува за првпат или се повторува. Доколку се повторува, дали  постојано е иста причина за појавување или нема правило.
  • дали пациентот знае за некоја досегашна срцева состојба која може да доведе со неправилна срцева работа
  • дали пациентот има податок за аритмии или други срцеви заболувања во фамилијата
  • дали се појавува во тек на денот или ноќта, во мир или  при физичка активност, пред или по јадење
  • дали е придружено со болка во градите, стомакот или болка на друго место
  • бременост
  • да се исклучи постоење на инфекција или фебрилна состојба

Понекогаш  палпитациите не се последица на срцево заболување. Треба да се исклучат и други фактори кои може да доведат до тоа, како што се: eлектролитни нарушувања ( дехидратација), психогени и  социјални фактори, анемичен синдром (ниско железо и хемоглобин во крвта, ендокринолошки болести (тироидна жлезда, надбубрежна жлезда), белодробни заболувања, како и одредени лекови. 

Дијагностицирање на аритмија со електрокардиограм (ЕКГ)

Секогаш да се побара консултација со кардиолог доколу срцебиењето е придружено со вртоглавица, конфузност, губиток на свеста, силна главоболка, потешкотии во дишењето, градна болка која се шири кон вратот, долната вилица, рамењата или горниот дел од грбот, кога срцевиот ритам е побрз од 140 удари во минута и трае подолго од 30 минути без физичка активност, и кога аритмијата е придружена со покачен или намален крвен притисок.

  • Преглед на пациентот ( валвуларна болест, срцеви шумови)
  • Електрокардиограм за време на аритмијата
  • 24-часовно следење на аритмијата
  • Имплантабилен „ loop recorder“ следење на ритамот до 6 месеци
  • Провокативни тестови со лекови
  • Ехокардиографија ( да се исклучи постоење на срцева слабост)
  • Коронарен стрес тест ( доколку аритмијата се појавува за време на физичка активност)
  • Коронарографија ( да се проверат крвните садови што го исхрануваат срцето со контраст)
  • Електрофизиолошка студија ( процедура за поставување точна дијагноза и адекватно лекување)

Единствен доказ за постоење срцева аритмија е електрокардиограм за време на срцебиењето.