/Болести на митралната валвула

Болести на митралната валвула

Сподели

Митралната валвула е срцев залисток кој се наоѓа помеѓу левата преткомора и левата комора. Неговата функција е да овозможи крвта да тече во правилна насока, од лева срцева преткомора во лева срцева комора. Доколку дојде до промени на залистокот, тој станува крут, нееластичен и неговата функција, да се отвора или затвора следејќи ги срцевите контракции, станува неправилна. Тоа може да доведе до намалување на протокот на крвта или делумно крвта да се враќа во преткомората и белите дробови. Според проф. д-р Салис Таџер, кардиохирург, и во двата случаи како резултат на намален проток на крвта доаѓа до намален функционален капацитет на срцето и појава на симптоми.

Ризик фактори за митрална валвула

Неколку ризик фактори може да придонесат за појава на митрална инсуфициенција:

  • Медицинска историја на пролапс на митрална валвула или митрална стеноза. Доколку во семејството има членови со болест на срцевите залистоци се зголемува ризикот од појава на митрална инсуфициенција.
  • Срцев удар. Одредени болести на срцето, како коронарна артериска болест, може да доведат до слабост на митралната валвула.
  • Користење на одредени лекови може да доведе до митрална инсуфициенција.
  • Одредени инфекции, како ендокардитис или ревматска треска.
  • Вродени срцеви заболувања. Некои луѓе се раѓаат со абнормална митрална валвула и тие имаат зголемен ризик од инсуфициенција.
  • Со возраста се зголемува ризикот од митрална инсуфициенција поради природното трошење на залистокот со текот на годините.

Митрална стеноза

Митрална стеноза е состојба кога залистоците не се отвoраат доволно за да овозможат задоволителен проток на крв. Тоа може да биде резултат на калцификации на залистоците (тие стануваат крути и неподвижни) или се слепуваат како резултат на инфекции и исхемична болест во минатото – ревматска треска.

Митрална инсуфициенција

Кај митралната инсуфициенција, митралниот залисток не се затвора херметички, и поради тоа дел од крвта се враќа назад во левата преткомора, а од таму во бе- лите дробови. Доколку митралната инсуфициенција не се открие и дијагностицира навреме, може трајно да го оштети срцевиот мускул. Најчести причини за митрална инсуфициенција се дегенеративни промени со или без физичко кинење на дел од залистокот, инфекции на залисток и инфаркт, кој индиректно влијае на функционирањето на залистокот.

Симптоми

Симптомите на митрална болест се доста варијабилни и не може да се сумираат. Тука спаѓаат:

  • Глад за воздух, посебно при напор или лежење на рамно
  • Исцрпеност, изнемоштеност и замор при најмал напор

Заболувањето на митралниот залисток по одреден временски период ќе доведе до аритмија (атријална фибрилација) која го намалува функционалниот капацитет на срцето. Пациентите со аритмија можат да се заштитат (третираат) со антикоагулантна терапија за разредување на крвта. Нетретирана аритмија може да доведе до мозочен удар.

Дијагноза

Точна дијагноза на болестите на митралната валвула се овозможува со:

  • ЕКГ (електрокардиограм);
  • рендгенска слика на граден кош;
  • eхо на срце (ова е најважна дијагностичка метода за визуелизација и проценка на залистоците со чија помош може да се одреди и нивната функција)

Лекување

Третманот зависи од степенот на оштетување на митралниот залисток. Лесниот и среден степен на оштетување, кој е проценет со ехокардиографски преглед, обично може да се реши со конзервативен пристап со лекови. Понапредниот степен на оштетување најчесто се решава хируршки. Хируршка интервенција е всушност операција на отворено срце со помош на екстракорпорална циркулација, што може да се изведе со класичен пристап, а понекогаш и со минимално инванзивна процедура. Можностите во хирургијата на митралниот залисток се: поправ- ка (реконструкција) на постоечкиот залисток или замена со вештачки залисток. Поправање или реконструкција на залистокот има за цел да ја врати неговата функција. Доколку проценката на хирургот е дека поправката ќе биде успешна, но и стабилна во текот на времето, тогаш тоа е најдобрата опција. Во спротивно, залистокот се заменува со вештачки (механички или биолошки). Механички залистоци обично се вградуваат кај помлади пациенти кои понатаму се врзани со антикоагулантна терапија (лек против згрутчување на крвта) до крајот на животот. Земањето антикоагулантната терапија е многу важно бидејќи го овозможува нормалното функционирање на механичкиот залисток. Биолошките залистоци што се направени од природен материјал нормално функ- ционираат околу петнаесетина години. Пациентите со овој тип залистоци немаат потреба од антикоагу- лантна терапија во најголем број од случаите.