Почетна » Блог » Срце и васкуларно здравје » Болка во градите, знак за проблеми со срцето

Болка во градите, знак за проблеми со срцето

Сподели

Коронарната артериска болест или исхемичната срцева болест е најчест облик на кардиоваскуларна болест. Во повеќето случаи се јавува со симптом на градна болка која е најчесто локализирана зад градната коска и која се шири кон рамената, левата рака, грбот, вратот или вилицата. Најчесто болката е во вид на стегање, но може да е и во вид на печење зад градната коска. Обично симптомите се јавуваат на напор, траат неколку минути и се смируваат кога пациентот мирува. Честопати болката е следена и со краток здив. Според д-р Снежана Мешкоска Бонгард, кардиолог, прва манифестација на коронарната болест може да биде и срцевиот инфаркт, кој претставува најсериозен облик на болест, но може да се појави и како ангина пекторис, срцева слабост и нарушување во ритамот на срцето.

Ризични пациенти

Болеста најчесто се јавува кај пациенти кои имаат ризик фактори за коронарна артериска болест. Тука спаѓаат: покачен крвен притисок, пушење, шеќерна болест, недостиг на физичка активност, зголемена телесна тежина и дебелина, висок холестерол во крвта, но меѓу другото и лоша исхрана и консумација на алкохол.

Како ќе дознаеме дали имаме коронарна артериска болест?

Откако ќе се направи кардиолошки преглед и ќе се постави сомневање за постоење на коронарна артериска болест, се прави електрокардиограм. При тоа многу често ЕКГ-то може да е нормално бидејќи е правено во мир кога обично пациентот нема тегоби. Затоа потребни се дополнителни испитувања на напор. Најчесто употребувани испитувања на напор за докажување на постоење на оваа болест се: 1. Коронарен стрес тест: најчесто се употребува Брусов протокол на подвижна лента. При тоа на напор се следат промени на ЕКГ, појава на болка, промени во срцевиот ритам, реакцијата на крвниот притисок и се проценува функционалниот капацитет на пациентот на напор. Сепак, овој тест е со ниска прецизност, односно може да покаже лажно негативни резултати, особено кај жени над 50-годишна возраст, кои имаат често атипични тешкотии. 2. Следен тест е стрес ехокардиографијата која се изведува со лекови кои го забрзуваат срцето. Но, за изведување на оваа техника потребно е пациентот да има добра видливост на ехо и искуство од кардиологот за добра интерпретација на резултатите. 3. Трета и прецизна неинванзивна техника за дијагноза на миокардна исхемија на срцето претставува миокардната перфузиона сцинтиграфија.

Mиокардна перфузиона сцинтиграфија

Миокардната перфузиона сцинтиграфија е дијагностичка процедура за дијагноза на исхемична срцева болест. Ова испитување, кое е безболно, ја прикажува функцијата на срцевиот мускул во мир и на напор. За време на испитувањето се инјектира радиоизотопски препарат, кој поминува низ крвните садови на срцето сè до срцевите клетки. Оваа дијагностичка постапка е многу важна бидејќи овозможува да се направи брз и точен избор на лекување на пациентот. Овој тест е важен за повозрасните пациенти, и пациенти кои имаат проблеми во одењето, како и при одредени специфични заболувања (пулмолошки пациенти и други). На тој начин со овој тип тестирање може да се опфатат сите популациони групи.

Предности…

Предноста на миокардната перфузиона сцинтиграфија во однос на сите други методи за дијагноза на Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е тоа што со оваа техника може да се процени постоење на таканаречен вијабилен или жив дел од срцевиот мускул, кој навидум личи дека е мртов, што многу може да помогне во изборот на лекувањето (бајпас на срцето, стентирање или третман со лекови). Исто така, оваа техника може да даде и информација за ризик од несакани срцеви состојби.

Се користи за…

  • Дијагноза на коронарна артериска болест и други абнормалности на кинетика на срцевиот мускул
  • Идентификација на локализација и степен на заболувањето кај пациенти со историја на кардиоваскуларни болести
  • Прогноза кај пациенти кои се со ризик да имаат миокарден или коронарен инцидент во иднина
  • Проценка на жив неоштетен мускул, и со цел да се одреди типот на реваскуларизација Евалуација по интервенција (бајпас или стентирање)
  • И оваа техника има важна улога во стартификација на ризик бенефит од предвидената процедура на лекување.

Сепак, најважно од сè е да не се дозволи да настане болест на крвните садови на срцето преку превенција на болеста со правилна исхрана, спортска активност, непушење и лекување на присутна ризична болест како што е покачениот крвен притисок и шеќерната болест.

 

Најди доктор Закажи преглед Контакт