Почетна » Блог » Срце и васкуларно здравје » Се наследуваат ли срцевите болести?

Се наследуваат ли срцевите болести?

Сподели

Атеротромбозата како главна причина за болест на кардиоваскуларниот систем веќе не се смета за болест само на развиениот свет. Истата е присутна насекаде во светот и во сите социо-економски сталежи. Д-р Снежана Мешкоска Бонгард, кардиолог, вели дека статистиките покажуваат дека до 2025 година, смртноста од кардиоваскуларните болести ќе ја надмине смртноста од другите водечки причини, како што се инфективните болести, малигните болести и траума. Дали навистина срцевите болести се наследуваат?

Која е причината за кардиоваскуларна болест?

Причината за атеротромботичната болест е јасно позната. Покрај основните традиционални ризик фактори, секојдневно се откриваат нови, кои се со одредено значење за развој на болеста. Некои од ризик факторите се стекнати навики, како на пример пушењето цигари, други се вродени состојби (фамилијарна хиперлипидемија), и трети претставуваат лабораториски наоди (покачен холестерол во крвта или покачен Ц-реактивен протеин во крвта). Сепак, некои ризик фактори можат да се модифицираат, како што е на пример, покачениот крвен притисок или покачениот холестерол во крвта, каде што студиите покажале дека со нивно нормализирање, се намалува кардиоваскуларниот ризик. За други, пак, како што е пушењето цигари, постои атрибутивен ризик, така што и по престанок на пушење цигари, ризикот постои во зависност од бројот на испушени цигари и годините на пушачки стаж.

Дали срцевите болести се наследуваат?

„Студиите покажале дека 1 од 5 васкуларни болести се јавува и во отсуство на кој било традиционален ризик фактор, додека една од два вакви случаи се јавува и во отсуство на хиперлипидемија“, објаснува д-р Мешкоска Бонгард. Така на пример, луѓето кои имаат барем еден родител со вродена кардиоваскуларна болест, односно татко под 55-годишна возраст или мајка со возраст под 65 години, е со ризик за развој на кардиоваскуларна болест во иднината. Досега клинички ефикасен генетски скрининг сè уште не постои во секојдневната пракса, така што податокот за фамилијарна историја за рано започната болест претставува важен предиктор на кардиоваскуларна болест во иднина. Овој фамилијарен ризик се зголемува кај пациенти кои пушат цигари, имаат покачен крвен притисок, покачен холестерол во крвта или дијабетес. При тоа колку повеќе ризик фактори имате, толку е поголем ризикот од развој на болест. Сепак, ризик факторите можат да се контролираат, што ќе помогне за превенција или одложување на болеста. Основата за подобрено генетско разбирање на кардио- васкуларниот ризик е концептот на „персонализирана медицина“ во која секоја индивидуа ќе има таргетиран пристап со точен лек за точен пациент, во вистинско време.

Која е вашата семејна историја?

Потрудете се да дознаете за кардиоваскуларната болест на вашето најблиско семејство, на која возраст и кога биле дијагностицирани и лекувани, и за тоа зборувајте со вашиот доктор, кој може да ви препорача превентивен кардиоваскуларен преглед, кој покрај разговор со кардиолог, вклучува и ЕКГ, ЕХО на срцето, коронарен стрес-тест и друго, со цел навреме да се открие потенцијална болест на срцето без симптоми,

Овие седум совети важат за секој од нас, со посебен акцент на лицата кои имаат семејна историја на срцеви болести. За здрав живот, потребно е да се фокусирате на овие препораки и да го намалите ризикот преку промена на навиките и водење здрав живот. Препораките на д-р Бонгард се:

  • Контролирајте го крвниот притисок
  • Контролирајте го нивото на холестерол во крвта
  • Контролирајте го нивото на шеќер во крвта
  • Јадете здрава и балансирана исхрана
  • Одржувајте оптимална телесна тежина
  • Бидете физички активни
  • Откажете се од цигарите
Најди доктор Закажи преглед Контакт