/Дијагностицирајте ја навреме тромбозата

Дијагностицирајте ја навреме тромбозата

Сподели

Длабоката венска тромбоза подразбира згрутчување на крвта кое се развива во некоја поголема вена, обично во вените на нозете, во потколениците или натколениците. Со ова заболување секојдневно се соочуваат многу луѓе, а не е за потценување ни стапката на смртност.Фатални последици има доколку тромбот стигне до белите дробови или срцето.

Кои се симптомите на  длабока венска тромбоза?

Најчеста манифестација на длабоката венска тромбоза е појавата на црвенило, отекување и болка, која на почетокот е блага и умерена, а потоа станува сè појака во пределот каде моментално се наоѓа тромбот. За жал, длабоката венска тромбоза се појавува незабележително, без никакви симптоми за болеста или се манифестираат сосема мали промени. Сѐ што може да ја оштети внатрешната венска обвивка може да предизвика тромбоза. Густата крв или крвта која тече премногу бавно полесно може да формира тромб, а особено во вена која е веќе оштетена.

Кои луѓе се најподложни на ова заболување?

Длабоката венска тромбоза почесто се јавува кај постари личности, луѓе со поголема телесна тежина, при прекумерно седење и лежење, кај пушачи или луѓе кои постојано патуваат на подолги дестинации. Во ризик групата спаѓаат и луѓето со канцер или пациенти кои имале хируршка интервенција.

Дијагностицирање и третман на длабоката венска тромбоза?

За дијагностицирање на ова заболување најчесто се користи ултразвук при што со ултразвучни бранови се следи протокот на крвта во зафатениот регион и може да се препознае тромб. За откривање на опасната компликација се користи компјутерско сликање со контраст на белодробната артерија. Најважна терапија за ова заболување се лековите кои  ја разредуваат крвта наречени антикоагуланти. Во почетокот се даваат во вид на инјекции,а  потоа се продолжува со лекување со таблетки.  Доколку терапијата не е ефикасна и има висок ризик од компликации, се препорача филтер кој се поставува во вената наречена  Vena Cava. Овој филтер ги задржува тромбовите кои патуваат кон белите дробови и така се избегнуваат опасните компликации.  Како третман се препорачуваат и еластичните чорапи, кои вршат притисок на нозете, со што спречуваат згрутчување на крвта и го одржуваат нормалниот проток на крвта. Со нив се намалуваат отокот и непријатното чувство на местото каде се наоѓа тромбот.

Несакани ефекти од лековите против длабока венска тромбоза

Бидејќи антикоагулантите ја разредуваат крвта, луѓето кои ги земаат се поподложни на модринки и на почест ризик од внатрешни или надворешни крвавења. Затоа се потребни чести контроли на  нивната ефикасност во крвта, најчесто во вид на месечни контроли.  Новите антикоагулантни лекови не бараат постојан надзор од лекар во врска со ефектот врз разретчувањето на крвта. И кога тромбот е комплетно разбиен може да остане непријатно чувство на ногата со постојан оток, промена на бојата на кожата и болка на местото каде се јавил тромбот. Овие симптоми, познати под името посттромботски синдром,  се јавуваат и една година по излекувањето на  тромбозата.

Превенција од длабока венска тромбоза

Постојаната активност го забрзува протокот на крвта и го спречува нејзиното згрутчување. Вежбите за мускулатурата на нозете можат да нè заштитат од тромбоза. Кога не сме активни или седиме подолго време на работното место, секогаш можеме да најдеме време да станеме и да се раздвижиме, да направиме неколку чекори или кратки вежби.

Кога може да се јави белодробна емболија

Тромбот во вената може да се одвои од ѕидовите на самата вена и со помош на протокот на крвта да допатува до белите дробови со што се предизвика блокирање на снабдувањето на белите дробови со крв. Оваа состојба се нарекува белодробна емболија и предизвикува сериозна животна опасност доколку не се препознае и навремено интервенира. Се манифестира со тешко дишење, низок крвен притисок, несвестица, забрзано чукање на срцето, болка во градите и искашлување крв.