/Дознајте ги седумте непријатели на црниот дроб

Дознајте ги седумте непријатели на црниот дроб

Сподели

Со повеќе од 500 функции црниот дроб е еден од најважните органи во нашето тело. Филтрирајќи ја крвта ги отстранува отровите и другите штетни состојки од телото. По пат на сложени хемиски процеси обезбедува хранливи материи потребни за одржување на животот на клетки и за создавање нови…  

Затоа, од голема важност е правилно да се грижиме за неговата виталност. Внесот на одредени супстанции може негативно да делува врз функцијата на црниот дроб и да доведе до воспалителни процеси, замастеност, цироза и други заболувања. Дознајте ги седумте непријатели на црниот дроб и намалете го ризикот од негово оштетување.

Шеќер

Прекумерниот внес на шеќер не е лош само за вашите заби. За нормално функционирање црниот дроб користи фруктоза. Преголемото количество рафинирани шеќери може да предизвика нарушување на работата на црниот дроб и да доведе до болест. Голем број студии докажуваат дека шеќерот му пречи на црниот дроб подеднакво како и алкохолот. Ова е доволна причина да избегнувате храна богата со додадени шеќери.

Мононатриум глутаминат

Мононатриум глутаминат, кој се користи во пакуваните и готови производи како засилувач на вкусот, е  една од најштетните состојки за црниот дроб. Голем број научни истражувања докажале дека истата состојка кај животните предизвикува воспаление и замастеност на црниот дроб. Сè уште се истражува дали истиот негативен ефект го има и врз човечкиот организам.

Прекумерна тежина

Кај луѓето со прекумерна тежина вишокот масни наслаги се таложи и во клетките на црниот дроб, што може да доведе до неалкохолна масна болест на црниот дроб. Со тек на време оваа состојба може да доведе и до цироза на црниот дроб. Луѓето со прекумерна тежина, возрасните луѓе и луѓето со дијабетес се со зголемен ризик за појава на неалкохолна масна болест на црниот дроб. Јадењето здрава храна и вежбањето можат многу да придонесат во одржувањето на нормалното функционирање на црниот дроб.

Прекумерен внес на витамин А

Витаминот А го подобрува видот, ги јакне коските и го зајакнува имунолошкиот систем. Може да се најде во јајцата, млекото, како и во свежото овошје и зеленчук. Во прекумерни дози витаминот А може да биде отровен за црниот дроб.

Нестерилни тетоважи

Доколку сте одлучиле да се тетовирате, одберете салон за кој сте сигурни дека е лиценциран. Многу е важно по секое тетовирање апаратот да се стерилизира. На тој начин ќе ги намалите шансите за инфекција на црниот дроб која може да доведе до цироза и компликации до крајот на животот. 

Антидепресиви

Многу ретко одредени антидепресивни супстанции може да го оштетат вашиот црн дроб. Постарите луѓе или воопшто сите кои земаат голем број лекарства се со зголемен ризик за оштетување на црниот дроб. Доколку земате антидепресивни средства разговарајте со вашиот лекар за да се осигурите дека ја земате најмалата доза која ви е потребна.

Транс масти

Транс мастите се наоѓаат во пакуваните производи. Исхраната богата со транс масти не само што може да биде причина за зголемување на телесната тежина, негативно влијае и врз работата на црниот дроб. Стаорец кој бил хранет со брза храна богата со транс масти добил оштетување на црниот дроб за само 4 месеци.