Градна болка

Сподели

Ангина пектрорис е медицински термин за болка во градите како последица на коронарна болест на срцето. Таа се манифестира со намален проток на крв во срцевиот мускул поради насобраните масни наслаги кои прават стеснување во артериите. Пациентите чувствуваат болка, стегање и притисок во градите. Ангината е релативно честа појава и тешко може да се разликува од другите болки во градите.  

Симптоми

Најчести симптоми се непријатноста и болка во градите, болка во рацете, вратот, вилицата или рамото, гадење, замор, чувство дека не можете да земете здив, потење, вртоглавица. Некои луѓе оваа состојба ја опишуваат како да се стегнати во менгеме или, пак, чувство дека имаат тежок товар врз градите. Сериозноста, времетраењето и видот на болката може да се разликуваат. Но, најбитно е симптомите навремено да се препознаат и веднаш да се реагира. Најчесто се интензивираат кога сте изложени на одреден физички напор (качување по скали или вежбање). Трае кратко, можеби пет минути или пократко, а исчезнува по одмор или лекарства. Ако болката во градите е нов симптом, важно е веднаш да се консултирате со вашиот лекар за да ги дознаете причините кои ја предизвикуваат болката и навремено да добиете соодветен третман. Новите и непознати симптоми за вас може да се знак за поопасна форма на ангина или срцев удар. Симптомите на ангина кај жените може поинаку да се манифестираат. Тие можат да чувствуваат гадење, губење на здивот, болка во пределот на стомакот, болка во градите.

Време е за на кардиолог

Кога ќе почувствувате каква било болка во градниот кош, време е за на кардиолог. Постојат неколку вида ангина: Стабилната ангина се појавува кога сте физички активни (качување по скали, вежбање или пешачење). Во оваа состојба на срцето му е потребен поголем доток на крв, а масните наслаги на артериите не го дозволуваат тоа. Покрај физичката активност други фактори на ризик се емоционалниот стрес,температурните разлики, брзата и масна храна, пушењето. Нестабилна ангина – се појавува и во мирување. Ако дотокот на крв не се подобри со лекарства, срцевиот мускул нема доволно кислород и можна е појава на срцев удар, па дури и смрт. Нестабилната ангина бара итен третман.

Ризик фактори

Пушењето е еден од најчестите ризик фактори кои доведуваат до појава на ангина, а под ризик се и пасивните пушачи. Дијабетесот го зголемува ризикот од коронарна артериска болест, што доведува до појава на ангина и срцеви напади, но и високиот крвен притисок и покаченото ниво на холестерол. Останати ризик фактори се возраста, семејната историја на заболувања, лошата исхрана, дебелината, стресот и недостигот на физичка активност.

Дијагноза

За да се постави дијагноза вашиот кардиолог ќе ви препорача да направите ЕКГ, стрес тест, ехокардиограм, лабораториски анализи на крвта, коронарна ангиографија или срцева компјутеризирана томографија. Постојат многу опции за третман на ангината, вклучувајќи ги промените во животниот стил, лекарства, стентирање, коронарна бајпас операција.

Медицински процедури и хируршки третман

Промените во животниот стил и лековите често се користат за лекување на стабилна ангина. Но, хируршките процедури, како што се ангиопластика, стентирање и коронарна артериска бајпас хирургија, исто така, се користат за лекување ангина. 

Најди доктор Закажи преглед Контакт