Почетна » Блог » Срце и васкуларно здравје » Како да го препознаете срцевиот удар

Како да го препознаете срцевиот удар

Сподели

Како и секој мускул во телото, така и срцето има потреба од постојано снабдување со кислород и хранливи материи. Две големи разгранети коронарни артерии го снабдуваат срцевиот мускул со оксигенирана (богата со кислород) крв. Ако една од овие артерии или гранки се стеснат/блокираат, еден дел од срцето останува без/со намалена достава на кислород, состојба наречена „срцева исхемија“. Ако оваа состојба трае подолго време, срцето „гладува“ и ткивото умира. Ова е срцев удар познат како миокарден инфаркт или буквално „смрт на срцевиот мускул“.

Симптоми

Симптомите се разликуваат кај различни пациенти, и тие не секогаш се јавуваат одеднаш со силна градна болка. Може да почнат полека со блага болка или непријатност, кои прогредираат и се влошуваат во наредните минути. Се јавува само еден симптом или комбинација од повеќе, но најчести се:

*Болка во градите: стегање, тежина, болка или чувство на горење во градите. Tегобите се чувствуваат најчесто во пределот на градната коска и во пошироката регија.

*Непријатност во другите делови од телото како болка, стегање во рамењата, грбот, многу почесто во левото рамо, но понекогаш во десното, потоа во горниот дел од стомакот, во вратот и долната вилица.

* Отежнато дишење, односно чувство на недостиг на воздух.

* Мачнина, гадење, нагони за повраќање.

* Општа слабост и истоштеност

* Препотување со ладна пот

* Забрзана срцева работа, но може да се јави и забавена или неправилна срцева работа, односно аритмија

*Крвниот притисок обично е покачен, а поретко тој е низок, дури и немерлив. За време на срцевиот удар, симптомите траат 30 минути и подолго и не се намалуваат дури и ако одморате. Некои пациенти имаат срцев удар без никакви симптоми (тивок миокарден инфаркт). Ова може да се случи секому, но најчесто е кај пациенти со дијабетес, пациенти на дијализа и со други системски заболувања. Доколку еднаш сте имале срцев удар, следниот може да се манифестира со различни симптоми. Што да направите ако се сомневате на срцев удар Веднаш да побарате медицинска помош. Најдобро време за лекување на срцев удар е до 90 минути по појава на првиот симптом, но вие треба да стигнете на доктор што е можно побрзо. За да се намалат оштетувањата на срцевиот мускул мора што поскоро да се ослободи блокираната артерија. Колку подолго се чека срцевиот мускул ќе изумира а со тоа се намалуваат и шансите за преживување.

Лекување на срцев удар во болница

Третманот на срцев удар е ургентен, и е потребно веднаш да се почне постапка за да се ослободат блокираните артерии. Тука спаѓа:

Балон ангиопластика

Се изведува за време на коронарографија. Се воведува тенка жица а преку неа балон катетер се вметнува во блокираната артерија. Балонот внимателно се надувува и нежно притиска на ѕидот за да се отвори артеријата и да се подобри протокот на крв.

Поставување на стент

За време на оваа процедура, стентот преку катетерот се вметнува во блокираната артерија и се отвара. Стентот преставува тенка метална мрежичка која ја држи блокираната артерија отворена. Оваа постапка најчесто се изведува заедно со балон ангиопластика. И двете процедури се безболни, а пациентот е буден за време на интервенцијата. Пред и по завршување на стентирањето се прави ехосонографски преглед (ехо) на срце со цел да се утврди степенот на оштетување на функцијата на срцето.

Живот по срцев удар

По срцев удар треба комплетно да го смените вашиот начин на живот почнувајќи од исхрана, физичка активност и отстранување на штетните навики. Исхрана. Основните цели на здравата исхрана е на минимум да се сведе солта, шеќерот и заситените масти, да се контролира холестеролот, крвиот притисок и телесната тежина. Збогатете ја исхраната со овошје, зеленчук, како и магнезиум (ореви, грав, риба, темно зелен зеленчук…). Магнезиумот го штити срцето, преку забавување на процесот на артериосклероза и намалување на високиот крвен притисок. Физичка активност. Редовните вежби може да го забрзат процесот на заздравување од срцев удар. Тука се подразбира лесни вежби како пешачење, најмалку трипати неделно по 30 минути. Доколку имате срцева болест а сакате да почнете со некоја физичка активност, задолжително направете преглед и консултирајте се со вашиот кардиолог. Намалување на стресот. Најважната работа која треба да ја направите ако сте доживеале срцев удар е да се ослободи- те од стресот. Релаксацијата и позитивните мисли може да ви помогнат побрзо да заздравите. Најдете начин да се релаксирате и да се ослободите од стресот: почнете со некое хоби, прошетки во природа, медитација, јога…

Најди доктор Закажи преглед Контакт