Почетна » Блог » Срце и васкуларно здравје » Кога се прави коронарографија?

Кога се прави коронарографија?

Сподели

Коронарографија е дефинирана како инванзивна процедура со која се визуелизираат коронарните артерии на срцето со помош на контрастно средство вбризгано во самите артерии. Се препорачува кај пациенти претходно дијагностицирани за коронарна болест со некоја од неинвазивни дијагностички методи како што е коронарен стрес тест, стрес ехо на срце, 24-часовен холтер мониторинг на срце, КТ–ангиографија. Кај овие пациенти нема итност и се прави планирана коронарографија за одреден временски период.

Итна коронарографија

Итна коронарографија се извршува кај пациенти кои имаат еден од облиците на акутен коронарен синдром и знаци за акутен миокарден инфаркт. Не постојат апсолутни контраиндикации за коронарографија. Релативни контраиндикации се: акутна бубрежна слабост, нејасна фебрилна состојба, акутен мозочен удар, тешка анемија, тешка срцева декомпензација, акутна психоза, претходна алергиска реакција на контрастно средство, коагулопатија и акутно крвавење од стомак.

Подготовка

Коронарографија се изведува во стерилни услови во специјална ангиографска сала. По претходна подготовка, земање крвни анализи, подготовка на местото на пункција, премедикација, пациентот се поставува легнат на грб и се покрива со стерилна компреса. Најчесто пункцијата се изведува на:

  • радијална – рака
  • феморална – препони
  • брахијална- надлактица на артерија

На нашиот оддел во 95% од коронарографиите пристапот е преку радијална артерија на рака со што се обезбедува поголем комфор на пациентот за време интервенција и мобилизирање веднаш по завршување на процедурата како и помалку компликации.

За време на интервенцијата

По локално инјектирање на анестетик околу местото на пункција, се пунктира артеријата со игла преку која се внесува кратка жица во самата артерија. Иглата се отстранува и на жицата се навлекува пластичен воведник или шит кој останува сè до завршување на процедурата. Преку воведникот се внесуваат долги жици водичи и катетри кои се носат, следени преку мониторот, сè до почетниот дел на аортата каде се наоѓаат отворите на двете коронарни артерии – лева и десна коронарна артерија. Со неколку стандардни движења, катетерот се поставува на самиот влез на коронарната артерија по што се вбризгува контрастно средство и на тој начин се визуелизира артеријата со сите свои гранки во вид на ангиографски приказ на мониторот. Се врши ангиографско снимање во повеќе проекции од повеќе агли за да се добие што појасен и пореален приказ на коронарните артерии. Целата процедура трае околу 15 мин. по што се врши анализа на ангиографското снимање, се проценува степенот на стеснетата артерија, квалитетот и должината на стеснувањето и се донесува одлука зависно од наодот кој може да биде:

  1. Да нема критични стеснувања на коронарните артерии со препорака за медикаментозен третман по што пациентот за 3 часа се пушта дома.
  2. Доколку постојат критични стеснувања повеќе од 60-70% на една или две коронарни артерии процедурата продолжува со балон дилатација и поставување стент со што се обезбедува оптимален проток на крв низ коронарната артерија. Вообичаено пациентот останува еден ден за опсервација и доколку има потреба од интравенска терапија.
  3. Третата опција е наод на повеќесадовна коронарна болест кога повеќе од 3 коронарни артерии имаат критични стеснувања по што пациентот добива препорака за кардиохируршки третман или бај-пас операција.

Компликации

Можни компликации од коронарографија се јавуваат во многу мал процент, тие се помали доколку коронарографијата е извршена од искусен тим и во пропишани стандардни услови. Најчести компликации се:

  • Локален мал подлив на место на пункција
  • Срцеви аритмии
  • Алергиски реакции на контрастно средство

Коронарографија се изведува во специјални ангиографски сали во стерилни услови со тим кој се состои од еден лекар, две медицински сестри, еден рендген техничар и еден болничар. Оддел за кардиологија Во Клиничка болница „Аџибадем Систина“ функционира кардиолошки оддел кој располага со две ангиографски сали, интензивна коронарна единица со 6 кревети, повеќе болнички соби, како и амбулантен дијагностички оддел. Кардиолошкиот оддел е составен од искусен тим лекари и друг медицински персонал кој изведува сложени интервентни процедури како што се дијагностички коронарографии, балон дилатации и стентирање на коронарни артерии, стентирање на периферни артерии на нозе и на каротидни артерии, електрофизиолошки студии со аблација, имплантирање на пејсмејкери и срцеви дефибрилатори и апарати за срцева ресинхронизација. Во склоп е и кардиохируршки оддел каде се извршуваат и најсложените операции на срце.

Најди доктор Закажи преглед Контакт