Почетна » Блог » Срце и васкуларно здравје » Лимфаденопатија (зголемен лимфен јазол)

Лимфаденопатија (зголемен лимфен јазол)

Сподели

Честопати зголемените лимфни јазли се придружен симптом на заболување кое е манифестирано со јасна клиничка слика (како, на пример, фарингит, целулит и сл.). Во такви состојби причината за лимфаденопатијата е јасна и не е индикација за натамошни испитувања. Сепак, треба да нагласиме дека секоја лимфаденопатија што постои без јасна причина повеќе од две недели е индикација за задолжително доиспитување. Лимфаденопатијата што е придружена со симптоматологија, како што се зголемена температура, ноќно потење, губење телесна тежина, заслужува особено внимание. Кај млади пациенти се случува да се дијагностицира лимфаденопатија во склоп на малигно заболување и при отсуство на конституционални симптоми. Сепак, не смееме да создадеме впечаток дека секоја лимфаденопатија е малигна.

Дијагностички методи кај зголемени лимфни јазли

Анамнеза и физикален преглед

При анамнезата, особено се обрнува внимание на присутните симптоми и знаци на болеста. Физикалниот преглед е од големо значење. Лекарот може да ги напипа зголемените периферни лимфни јазли кои се достапни за преглед. Истотака, со преглед на абдоменот може да се открие зголемен црн дроб или слезенка.

Лабораториски испитувања

Во рутински испитувања спаѓаат: крвна слика со диференцијална крвна слика и седиментација.

Тенкоиглена биопсија на лимфни јазли

Тенкоиглената аспирациона биопсија (FNA-fine needle aspiration) често се користи во поставување на дијагноза на малигни тенеоплазми. Тенкоиглената аспирациона биопсија сама за себе не е доволна како релевантна дијагностичка алатка. Меѓутоа, нејзина употреба во комбинација со помошни техники може да овозможи прецизна дијагноза во услови кога не може да се примени поинвазивна биопсична техника во одредени околности. Проширување на границите на применливост на оваа метода е овозможено со внесување на инструментариумот за биопсија со ендоскопска апаратура, како и со наведување под ултразвук, што истовремено значително ја намалува потребата од инвазивна хируршка екстирпација на лимфните јазли.

Хируршка биопсија на лимфен јазол

Биопсија е техника со која се зема ткиво (лимфен јазол или дел) за хистопатолошка и имунолошка анализа со цел поставување точна дијагноза и класифицирање на лимфомот. Поради ограничувањата на фината тенко иглена биопсија, сите сомнителни лимфни јазли треба да подлежат на хируршка екцизиона биопсија за поставување прецизна хистопатолошка и имуно-хистохемиска дијагноза. Кај пациентите со палпабилна периферна лимфаденопатија се изведува отворена екцизиона биопсија за да се земе интактен лимфен јазол. Самата техника на биопсија треба што помалку да го оштети лимфниот јазол за максимално да се направи патолошката анализа на нодалната архитектура. Хируршката биопсија на лимфен јазол останува најсигурниот начин за обезбедување ткиво за адекватна дијагноза.

Дефинитивната дијагноза на лимфомот не е можна без претходно хируршко вадење на дел или на целиот лимфен јазол, после што се прави хистолошка анализа на оперативниот материјал од страна на специјалист-патолог.

Патохистолошка дијагноза

Патохистолошката дијагноза на лимфомот понекогаш не е лесно да се постави без имунохистохемија односно имунофенотипизација. Ова подразбира специфична метода на откривање на поединечни молекули во малигната клетка, врз основа на кои се добиваат информации за нејзиното потекло, типот, степенот на генетското оштетување, а кои се неопходни за поставување на дијагнозата на лимфомот.

Врз основа на патохистолошките, имунофенотипските, генетските и другите параметри, денес се разликуваат околу 30 под ипови на не-Хочкин лимфоми.

Дополнителни иследувања

Рендгенграфија на бели дробови

Нативната снимка на белите дробови е значајна и едноставна метода со која се одредува локализацијата и карактеристиките на туморската маса и нејзината проширеност во околните ткива и органи. Рендгенграфијата на белите дробови е почетна и основна метода во дијагнозата на малигниот лимфом.

Компјутеризирана томографија на градниот кош и абдомен

Компјутерската томографија (КТ) користи посебна опрема со рендген зраци за добивање на слики од телото од различни агли. Податоците се анализираат и се обработуваат со помош на компјутер. Така се добиваат дигитални слики кои прикажуваат пресеци на телото низ органите и ткивата. На тој начин се овозможува тродимензионален детален приказ на надолжни и на напречни пресеци на сите ткива и органи. КТ е најпрецизна дијагностичка метода која  дава морфолошки изглед на туморот, овозможува да се измери неговата големина, да се утврди прецизната локализација на туморот како и неговата проширеност во околните ткива и структури.

Имунохистохемиско испитување

Со цел да се потврди или исклучи еден тип на лимфон од друг, оваа постапка овозможува точно утврдување на дијагнозата (Хочкин, не- Хочкин лимфом, метастаза и сл).

Ехотомографски преглед на абдомен

Ехотомографскиот преглед на абдоменот ни дава преглед на сите органи и структури во абдоменот, а посебно е корисна дијагностичка метода за откривање на тумори локализирани во црниотдроб, слезенката и лимфните јазли во абдоменот.

Улога на ПЕТ скен во одредување на стадиумот на болеста и проценка на тераписки одговор кај лимфоми

Позитрон емисиона томографија (ПЕТ) е најспецифичната и најсензитивната молекуларна “имиџинг” техника во моментот. Таа е вреден инструмент во следење на малигните болести вклучувајќи ги и лимфомите.

Најди доктор Закажи преглед Контакт