/Неоткриени мани на срцето може да доведат до смрт во сон

Неоткриени мани на срцето може да доведат до смрт во сон

Сподели

Интервју Д-р Салис Таџер, кардиохирург во клиничката болница „Аџибадем – Систина“

Смртта на 15-годишниот кошаркарски репрезентативец предизвика шок во јавноста – како може толку млади деца кои се спортисти да починат така ненадејно. Па, колку често се случуваат состојби на ненадејна смрт кај млади луѓе до 18 години кои спортуваат?

Случаите на ненадејна смрт кај млади спортисти, тука зборуваме да спортисти под 35 години, се многу ретки. Според статистиките во светот, ова се случува на еден на 100.000 до еден на 300.000. При толку ниска инциденца тешко е да се постави точна статистика, но јасно е дека ова се ретки случаи, но се обично голем социјален и медија-импакт, посебно кога станува збор за познат атлет.

Кои се причините кај активни спортисти кои редовно спортуваат и одат на преглед да дојде до смрт поради срцеви проблеми. Зар не може да се предвиди ваквата состојба?

Може да се случи ненадејна смрт кај млади спортисти и претходно да не се предвиди. Не е толку едноставно да се предвиди. Како причини за нагло прекинување на работата на срцето може да бидат структурните промени на срцето, кога овој орган има невообичаена анатомија, или неструктурни, каде што срцето и главните артерии анатомски се нормални, но има проблеми со електричниот спроводен систем, кој го диктира ритамот на срцето.

Од структурните промени тоа е хипертрофичната кардиомиопатија (асимтерично задебелување на срцевиот мускул, на левата или на десната комора), која може да помине незабележана и е различна од регуларната спортска хипертрофија „тренирано срце“, или познато како зголемено срце. Се открива со помош на ехо-преглед на срцето, но докторот треба да е многу искусен. Атлетите со хипертрофична кардиомиопатија ги немаат сите типични наоди и разлики во притисоци и може да поминат незабележани!

Дали напорните тренинзи може да го исцрпат толку телото и срцето, па да дојде до смрт?

Кај спортистите и покрај тоа што се дел од категоријата на најздрави луѓе, напорните тренинзи и соодветните секундарни адаптациски промени и екстремности може да станат фатални! Посебно, кога ќе прекинат да спортуваат, срцето се враќа во нормала.

Исто така, причина за ненадејна смрт може да бидат и вродени аномалии на коронарните артерии, пролапс на митралниот залисток, кој може да се појави секундарно како последица од екстремното вежбање и тешко волуменско оптоварување на левата комора на срцето.

Неструктурните аномалии на срцето се обично во електричниот спроводен систем, кој на срцето му дава ритам, и тука најчесто се јавуваат промени во ЕКГ, кои може понекогаш да се откријат навреме. Ваквата состојба може да доведе до аритмија (неправилна работа на срцето), која може да биде летална. Друг здравствен проблем кој, исто така, може да предизвика ненадеен прекин на работата на срцето е таканаречениот Бругада синдром. Тоа е еден вид на аритмија, која доведува до вентрикуларна левокоморна фибрилација, која може да биде фатална и може да се појавува незабележително во спиење. 

Овие аритмии и тахикардии се појавуваат при напор кога спортистите тренираат и пуштаат високи дози на хормон катехоламин. Овие тахикардии и аритмии се индицирани од високото ниво на катехоламинот при вежбање, а спортистите вежбаат екстремно.

Но, што е најчестата причина младите спортисти да завршат фатално, па дури и во сон? 

Кога ќе се направи обдукција, најчест наод за смртта е хипертрофична кардиомиопатија и тоа кај 40 отсто од смртните случаите, но околу 20 отсто имаат аномалии на коронарните артерии. Аномалиите единствено може да се откријат со коронарографија, која е инвазивен метод и не е секогаш индицирана од сите аспекти како метода за скрининг кај најмлади спортисти. 

Какви се препораките за младите спортисти за да се заштитат од вакви фатални здравствени проблеми и каква е праксата денес?

Би требало на сите спортисти да им се направи кардиолошки или кардиоваскуларен скрининг, исто како и за останатите пациенти. Дали има некоја клиничка манифестација или презентација како болка при напор, дали има некој симптом, дали тешко дише, здивот му се скратува, дали има „шум на срце” – тоа се наједноставните клинички знаци преку кои би можеле да откриеме некоја структурна аномалија. Друго што е битно е семејната генеза, односно дали во семејството има смрт на млада личност. Доколку има ваков случај во семејство, треба сериозно да се следи состојбата на младиот спортист. Генерално на спортистите треба да им се направи ЕКГ и стрес- тест, кој може да е маргинален провокатор за спортист кој многу тренира. Овој стрес- тест треба да е адаптиран за спортисти. Значи треба сите да поминат на клинички скрининг, да ги види доктор, и да поминат на ехо на срце, кое може ќе открие структурни аномалии, кои можеби функционално не им пречат, но ќе запалат црвено светло за следење.

На што треба да внимаваат родителите и децата кои се активни спортисти?

Ги советувам да не земаат стероиди, бидејќи снагата на мускулите можат да ја зголемат и на други начини, не со фармакологија. 

Треба сите да поминат обичен стандарден тест да ги прегледа доктор, да земе анамнеза и да ги сослуша внимателно, да направат ЕКГ и стрест-тест – прегледи кои ќе ги види искусен кардиолог. Советувам сите спортисти да направат ехо на срце – неинванзивна и брза метода, која може да открие некоја промена, кардиолошки преглед и дури коронарографија ако се најде индикација. Да споменам дека кај повозрасните спортисти над 35-годишна возраст заболувањата на коронарните артерии се причина за ненадејна смрт, но тоа се друга група спортисти. 

Во секој случај, со овој едноставен пристап може да се детектира доста голем спектар на патолошки состојби и со тоа да се спречат трагични несреќи.

Да не го заборавиме најкласичниот од сите Марфан синдром, кај кој сврзното ткиво на срцето е послабо и затоа тие луѓе страдаат од кинење (дискција) на аортата (срцевиот крвен сад), состојба која завршува летално. Марфаните се многу високи, типични кошаркари, но имаат специфични фенотипски знаци, кои докторот треба да знае да ги препознае. Марфан не може да биде атлет! И покрај тоа што е екстремно висок!