/ОД АКНИ НА ЛИЦЕТО ДО ОПЕРАЦИЈА НА СРЦЕ БАКТЕРИИТЕ СОЗДАВААТ СЕРИОЗНИ КАРДИОИНФЕКЦИИ

ОД АКНИ НА ЛИЦЕТО ДО ОПЕРАЦИЈА НА СРЦЕ БАКТЕРИИТЕ СОЗДАВААТ СЕРИОЗНИ КАРДИОИНФЕКЦИИ

Сподели

Деветнаесетгодишник од Кавадарци заздравува добро по операцијата на срцето која му беше изведена во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Млад човек стаса на операција поради навидум безопасна ситуација. Сепак исходот е добар, раскажува проф. д-р Александар Николиќ, кардиохирург. Кај момчето бил опериран залисток на срцето по утврдена инфекција на залистокот или ендокардитис, а која тој ја добил по посета на дерматолог. Стручно ендокардитис е воспаление или инфекција на внатрешната површина на срцето кое може да вклучува една или повеќе валвули или други структури. Најчесто е предизвикан од бактерии кои нормално живеат на кожата, во внатрешноста на дигестивниот тракт или во уринарниот тракт.

СЕКОЈА БАКТЕРИЈА Е ОПАСНА

Третирањето на акните на момчето значело бактериска инфекција на кожата, но бактеријата стасала до крвотокот, па до залистоците на срцето. Секоја бактерија е опасна и компликациите може да бидат огромни, така, за жал, било и во овој случај. Проф. д-р Александар Николиќ вели дека ваков проблем може да биде поголем кај луѓето кои имаат проблеми со функцијата на залистоците, односно вродено имаат вродени нарушувања. Во таков случај залистоците се поранливи, па бактеријата може дополнително да го влоши нивното функционирање. Бактеријата прави проблеми на работата на залистокот, што може да заврши со сериозни компликации, во некои случаи може да допре и до нервниот систем, односно до главата. Проф. д-р Николиќ вели дека таа бактерија мора да се реши, односно да се лекува исклучиво хируршки. „Многу интернисти и многу кардиолози можеби одлучуваат да лекуваат со антибиотска терапија, но морам да потенцирам дека тоа е доста погрешно. Станува збор за хируршко заболување и мора да се реши хируршки, па потоа да се третира со антибиотици. Последниот случај е со едно момче кое има 19 години. Поради проблеми со акни добил бактерија која преминала во залистоците на неговото срце. Во нашата болница му направивме хируршка интервенција при која отстранивме дел од залистокот“, вели проф. д-р Александар Николиќ.

СЕРИОЗНА ИНТЕРВЕНЦИЈА

Станува збор за комплицирана хируршка интервенција која трае и до пет часа. Проф. д-р Николиќ вели дека комплицираноста доаѓа и од таму што се оперира залисток кој е инфициран од бактерија, а кој може да направи апцес и да влезе во други органи на телото. „Затоа е технички тешко да се изврши целата хируршка интервенција. Секогаш се обидуваме да спасиме дел од залистокот кој е инфициран, односно да го отстраниме само тој дел, но многу често се случува целосно да се отстрани залистокот кој е инфициран. Во таков случај пациентот ќе живее со вештачки залисток во остатокот од животот“, објаснува проф. д-р Александар Николиќ. Заздравувањето по интервенцијата трае зависно од пациентот, најчесто околу два месеца. Секако важни се неговата возраст и тоа дали имал претходни и други здравствени проблеми. Најчести бактерии кои напаѓаат се стрептококите или стафилококата, која ја има доста и на кожата. Проф. д-р Николиќ вели дека сè почесто ваков проблем имаат и помлади личности. Докторот вели дека луѓето кои имаат какви било проблеми со залистоците на срцето секогаш кога имаат некоја интервенција од која било природа, односно дали дерматолошка, стоматолошка хируршка интервенција преходно, мора да добијат антибиотик за да спречат понатамошна инфекција од бактерија.

КОИ СЕ СИМПТОМИТЕ?

Симптоми на ендокардитисот се покачена температура проследена со треска, но и болки во мускулите, општа изнемоштеност. Овие лица имаат недостиг на воздух, односно проблеми со дишењето, но и стануваат побледи и ја губат тежината. Доктор Николиќ вели дека за кратко време ситуацијата се влошува и потребно е итно да се направи дијагностика, па и да се дејствува брзо. Се прават испитувања, анализа на крвта, хемокултура но и ултразвук на срцето.

КОИ СЕ НАЈЧЕСТИТЕ ИЗВОРИ НА БАКТЕРИИ?

Инаку, најчестите извори на бактерии се забите. Тие впрочем се и најопасниот извор затоа што секојдневно се четкаат со што доаѓа до оштетување на гингивите каде и има бактерии кои можат да влезат во крвотокот. Ако се случи тоа, тие бактерии се населуваат на која било површина, па и на оштетена површина на срцето. Во таков случај тоа не може секогаш да се лекува со антибиотици. Оштетувањето на ткивото, а посебно кога се нападнати залистоците може да им ја наруши нормалната функција и да доведе до застој и слабост на срцето. Најчесто се зафатени срцевите залистоци кои веќе имаат некое нарушување. Иако ендокардитисот може да се појави кај секого, сепак тоа ретко се случува кај луѓе со здрави срца. Ризични групи се пациентите кои имаат срцеви мани, пациенти кои имаат вештачки залистоци по претходна операција, но и лица кои биле подложни на дентални хируршки интервенции и лица кои интравенски употребуваат дрога.