/Шеќерната болест ги оштетува крвните садови

Шеќерната болест ги оштетува крвните садови

Сподели

Пациентите со шеќерна болест имаат и до трипати поголем ризик од атеросклероза, која може да доведе до срцев, мозочен удар и други компликации. Затоа, од голема важност за овие пациенти се редовните кардиолошки прегледи кои може да им го спасат животот.

Шеќерната болест заедно со останатите ризик фактори (генетска предиспозиција, психолошки стрес, покачен артериски крвен притисок, централна дебелина, пушење, прекумерно конзумирање алкохол……) доведуваат до промени на артериските крвни садови кои се познати како атеросклероза. Како последица на дијабетесот и атеросклерозата настануваат многу сериозни и живото-загрозувачки состојби (Мозочен удар, срцев удар – инфаркт, гангрена на екстремитети со нивна понатамошна ампутација, слепило, периферна невропатија, хронична бубрежна инсуфициенција која со понатамошна прогресија доведува до дијализа, нарушувања на автономниот нервен систем вклучувајќи и сексуални дисфункции).

Артеросклерозата причина за мозочен или срцев удар

Атеросклерозата претставува првично пореметување на физиолошките процеси на внатрешната обвивка на крвниот сад (ендотел) со нејзино оштетување и таложење на масни наслаги во неа и последователно стеснување на крвниот сад. Ако стеснувањето на крвниот сад  е доста изразено, што се случува со прогресија на болеста,  доведува до намалување на протокот на крв низ самиот крвен сад и евентуално понатамошно затварање или оклузија. Во зависност од нивото и местото на кое се јавува болеста се појавуваат и првите симптоми. Така ако болеста се наоѓа на крвните садови кои го хранат мозокот евентуалната оклузија води до појава на мозочен удар, доколку се наоѓа на крвен сад кој го исхранува срцето тоа доведува до срцев удар или инфаркт,  доколку се наоѓа на некој екстремитет доведува до гангрена (изумирање на дел од ткивото). Сите овие горенаведени состојби можат да доведат до сериозно нарушување на здравствената состојба на пациентот со одреден степен на инвалидитет па и смрт. Нашата цел секако е спречување на развој на атеросклерозата, намалување на последиците од настанатите заболувања и секако враќање на пациентот во нормален начин на живот.

Редовни кардиолошки прегледи

Шеќерната болест се класифицира во повеќе поттипови од кои најзначајни се Тип 1 и Тип 2. Поставувањето на дијагнозата доколку има изразена симптоматологија (Жед, често мокрење, нарушување на видот, изразено слабеење) е лесна и се поставува со мерење на шеќерот во крвта на гладно (не смее да надминува 6.1mmol/L). При сомневање за болеста се прават дополнителни тестови и иследувања како што е и ОГТТ (Орален тест на толеранција на гликоза). Кога е веќе поставена дијагнозата пациентите се советуваат за понатамошниот третман кој може да се состои од промена на начинот на живот со зголемување на физичката активност, соодветен диетален режим на исхрана, започнување со медикаментозна терапија, инсулин но може и комбинација од соодветните третмани. Контрола на регулацијата на нивоата на шеќер во крвта може да се врши секојдневно но и преку одредување на таканаречениот тромесечен шеќер или HbA1C. Сепак потребно е да се направат и кардиолошки испитувања поради можноста од веќе развиена атеросклероза на артериските крвни садови и вклучување на соодветна терапија за истата. Доколку болеста е откриена навреме и соодветно контролирана со некој од наведените третмани се запира или одложува прогресијата на атеросклерозата. Ова е и најпосакуваното сценарио, кое покрај тоа што подобрува здравјето на болниот туку и заштедува финансии кои би биле неопходни во лекувањето на компликациите од шеќерната болест.

Компликациите од атеросклерозата можат навреме да се спречат

Сепак доколку при дополнителните кардиолошки иследувања се откријат веќе настанати болести и состојби кои бараат дополнителен третман покрај шеќерната болест, модерната медицина располага со голем арсенал на процедури и третмани за спречување на последиците од атеросклерозата. Во зависност од степенот на развој на атеросклеротските плаки и нивната дистрибуција низ артерискиот систем (каротидни артерии, коронарни артерии, периферни артерии) се започнува најпрво со промена на животниот стил, медикаментозен третман, имплантација на  стентови кои се вградуваат во внатрешноста на крвниот сад и спречуваат повторно стеснување на артеријата или пак бај-пас хирургија (на коронарните или на периферните артерии). Сите овие процедури, доколку претходно не настапило комплетно затворање на соодветната артерија спречуваат/пролонгираат настанување на несаканите последици (мозочен удар,инфаркт,гангрена,бубрежна инсуфициенција……..).

И покрај развојот на медицината и начинот на сфаќање на сопствената состојба од страна на пациентите сепак не толку ретко доаѓа и до овие состојби. Најновите начини на лекување имаат моќ да ги намалат последиците но само ако се интервенира што поскоро после настанување на исхемичниот мозочен удар, акутниот срцевиот удар – инфаркт… Во овие состојби времето и навремената интервенција до добивање на протокот на крв во соодветната артерија играат пресудна улога, со цел да се намали зоната на оштетување на целниот орган и да се намали понатамошниот степен на инвалидност или евентуална смрт.

Ризикот од атеросклероза три пати поголем кај пациенти со шеќерна болест

Атеросклерозата во артериските крвни садови на човечкиот организам е процес кој се јавува со тек на неговото стареење. Ризикот е два до три пати поголем кај пациентите со дијабетес  и нарушувања на метаболизмот на мастите. Затоа пак со соодветна регулација на нивоата на шеќер во крвта, намалување на маснотиите во крвта, физичка активност, редовна терапија и секако медицинска контрола ќе го намалите ризикот и последиците од атеросклерозата.