/ИНТЕРВЈУ со д-р Снежана Мешковска Бонгард: Се зголемува свеста за кардиоваскуларното здравје

ИНТЕРВЈУ со д-р Снежана Мешковска Бонгард: Се зголемува свеста за кардиоваскуларното здравје

Сподели

Кога се зборува за причината за коронарната артериска болест, најважни се ризик факторите. За ризик факторите, за превенцијата на кардиоваскуларната болест, улогата и важноста од водење здрав живот, континуираното вежбање, разговаравме со кардиологот д-р Снежана Мешкоска Бонгард од Клиничка болница „Аџибадем Систина“.

Добро се познати најчестите ризик фактори за појава на кардиоваскуларни болести (висок крвен притисок, дијабетес, пушење, високо ниво на масти во крвта, зголемена тежина). Дали некој од овие може да се истакне како најопасен?

Кога зборуваме за коронарната артериска болест, најважен дел кој треба да се објасни, се ризик факторите, како причина за болест, бидејќи болеста е предизвикана од кумулација на ризик фактори. Ризик факторите се делат на две основни групи – ризик фактори кои можат да се модифицираат во текот на животот и ризик фактори кои се немодифицирачки како возраста, полот и генетскиот фактор.

Секако дека ние денес ќе зборуваме за модифицирачките ризик фактори кои  ги спомнавме, но и за други понови независни ризик фактори кои заземаат сè поголемо значение и улога во кардиоваскуларната болест. Сепак, студиите покажаа дека одредени ризик фактоир имаат одредено предилекционо подрачје за кое имаат најголемо значение. Така на пример, се докажа дека покачениот крвен притисок има најголемо значение за развој на мозочен удар, дијабетот и пушењето се најважен ризик за појава на циркулаторна болест на нозете, додека пак покачениот холестрол и пушењето се најважен ризик фактор за појава на коронарната артериска болест.

Треба да се нагласи дека ризик факторот е поризичен доколку е присутен подолг временски период и се кумулира во поголем интензитет.

Така на пример, кога зборуваме за пушењето, важен е бројот на испушени цигари во текот на денот, како и  годинитте на пушачки стаж. Кога сме кај дијабетот важно е колку време пациентот има дијабет, и дали истиот во текот на периодот е регулиран или не. Исто се однесува и на нивото на  покачен холестрол во крвта и на хипертензијата. Високото ниво на маснотии во крвта е исто така важно, меѓутоа и степенот на висината на маснотиите во крвта. Слично е и со останатите ризик фактори. Исто така многу е важно да се процени дали особата е носител на еден или повеќе ризик фактори, бидејќи кога сме кај кардиоваскуларниот ризик, доколку особата има повеќе ризик фактори, глобалниот ризик не се дуплира, туку се мултиплицира.

Во Македонија, генерално гледално, свеста за превентивно здравје е мала. Најчесто на преглед се оди кога веќе се развила болеста. Дали можеби Вашето искуство открива нешто друго или го потврдува ова? Колку граѓаните кај нас се загрижени за здравјето на срцето?

Свеста кај граѓаните за превентивно здравје е мала, меѓутоа моето долго работно искуство во кардиоваскуларната патологија говори дека е многу поголемо отколку во минатото. Тоа е многу важно, бидејќи имаме тренд на зголемување на свеста за кардиоваскуларното здравје, што најмногу се должи на медиумската кампања. Денеска во медиумите многу се зборува за кардиоваскуларното здравје и за негово зачуваување, со менување на стилот на живеење. Тоа се однесува на намалување на телесната тежина, исхрана со рестрикција на маснотии и примена на физичка активност.

Она што е мое лично искуство е дека свеста се зголемува пред сè кај младите луѓе.

Средниот животен век е продолжен особено во некои развиени земји во Европа и во светот, но полека тој тренд постои и во Македонија. Подолгиот животен век зависи многу и од кардиоваскуларното здравје. Јас имам лична претстава дека народот сè повеќе размислува за своето кардиоваскуларно здравје и применува промени во начинот на живеење за негово подобрување. Осбено ова е присутно кај помладата поплуација, каде сè повеќе гледаме млади луѓе кои внимаваат на својата телесна тежина и изглед, кои спортуваат,  здраво се хранат и не пушат цигари.

Колку често треба да се направат контроли за здравјето на срцето и кога треба да биде првиот превентивен преглед?

Контроли во однос на срцето се прават уште во бременоста. Првата контрола се прави за време на бременоста со фетална ехокардиографија. Со ова е можно откривање на кардиоваскуларни заболувања уште во бременоста. Следната контрола е веднаш по раѓањето. Контролите потоа се прават за време на систематските прегледи во градинките и во основно училиште, за време на кои пациентите се проценуваат дали имаат шум на срцето или покачен крвен притисок.

Првите систематски прегледи обично вклучуваат анамнеза (распрашување), и физикален преглед. Откривање на шум на срцето во млада возраст влегува во процедура за откривање на причината од каде шумот потекнува и обично пациентот се препорачува за кардиоваскуларен преглед со електрокардиограм (ЕКГ) на срцето и ехокардиографија. Веќе со овие пософистицирани методи, можат да се откријат извесни конгенитални или стекнати болести, кај асимптоматски млади и адолесценти.

После 40-тата, се зголемува склоноста кон срцеви удари и кардиоваскуларни заболувања. Што може да се преземе, односно кои промени треба да се направат во животниот стил, доколку станува збор за здрава личност, без наследен фактор?

Возраста претставува ризик фактор за кардиоваскуларна болест од групата на немодифицирачки ризик фактори, т.е. ризик фактори на кои не можеме да влијаеме. Над 40-тата година се зголемува склоноста кон развој на кардиоваскуларни болести, оосбено кај лица кои имаат и други ризик фактори, на пример пушачи, особи со покачен холестрол во крвта, покачен крвен притисок или дијабетес. Заради тоа кај оваа поплуација,  односно возраст и ризик фактор, се прпеорачува да се започне со скрининг програми за откриравње на подлежечка болест која е асимтоматска. Кај оваа популациона група се прпеорачува покрај анамнеза и физикален преглед да се направи и ЕКГ, ехокардиографски преглед  на срцето, и коронарен стрес тест со цел да се открие подлежечка асимотоматска болест, и наавреме да се предвиди нејзино лекување, или да се превземат мерки за превенција, односно спречување на појава на болест.

Неопходно е да внимаваме на правилниот начин на живот, кој се однесува на здрава исхрана, непушење и редовно спортување.

Физичката активност е една од поважните мерки за правилен стил на живеење, кој многу се популаризира во денешно време преку сите медиуми. Ние докторите се трудиме на сите луѓе (и на здравите и на болните), да им кажеме  дека физичката активност е многу важна.

Колку физичката активност и редовното вежбање можат да го намалат ризикот од кардиоваскуларни болести? Колку често се препорачува да се вежба неделно?

Редовна физичка активност претставува корен во превенција и третманот на кардиоваскуларната болест и хипертензијата. Потврдено е дека намалена физичка активност e предиктор на кардиоваскуларен морбидитет и морталитет во општата популација и кај хипертензивните пациенти. Така на пример, импактот на намален физичка активност во кардиоваскуларниот морбидитет е ист како кај пациенти кои се пушачи. Додека умерен фитнес е асоциран со намалена стапка на смртност и во двата случаи и при постоење и во отуство на други кардиоваскуларни ризик фактори.

„Една динамична аеробна вежба од најмалку 3 месеци покажувала јасно намалување на крвниот притисок и кардиоваскуларниот ризик“

Под умерен фитнес се подразбира вежба од 2 часа неделно, и умерен фитнес во тек на најмалку 4 недели предизвикува активирање на процесите за заштита од кардиоваскуларна болест и намалување на кардиоваскуларниот ризик и кај пациенти што имаат ризик фактори и кај пациенти кои што немаат други ризик фактори за кардиоваскуларна болест. Во други анализи и студии, потврдено е дека една динамична аеробна вежба од најмалку 3 месеци покажувала јасно намалување на крвниот притисок и кардиоваскуларниот ризик, кај пациенти кои имаат покачен притисок, но и пациети со нормален крвен притисок.

Што се постигнува со редовното вежбање?

  • Се намалува телесната тежина;
  • Се намалуваат маснотиите во крвта;
  • Се намалува обемот на стомакот;
  • Се зголемува нивото на заштитниот холестерол;
  • Се зголемува сензитивноста на инсулинот (што во иднина спречува појава на шеќерна болест).

Аеробниот фитнес во организмот доведува до активирање на многу неурогени и ендотелијални медијатори, преку намалување на стресот, зголемување на активноста на нитрик оксидот (NO), како најважен фактор за заштита на ендотелот, како и намалување на активноста на симпатичниот нервен систем преку намалување на лачењето на адреналин во крвта и предизвикување на релаксација наместо стрес. Динамична аеробна вежба значително го намалува кардиоваскуларниот морбдитет и морталитет.

Вежби во времетраење од 60 минути неделно во рок од 4 месеци доведува до сериозно активирање на сите заштитини фактори  во организмот.

Слично на ова правилниот начин на исхрана, со редовна исхрана и здрава исхрана, предизвикува намалување на внес на маснотии во крвта (холестрол и триглицериди), кои претставауваат сериозен ризик фактор за кардиоваскуларна болест. За пушењето нема многу да зборувам. Тоа значи СТОП ПУШЕЊЕ ЦИГАРИ-ИМПЕРАТИФ.

И напорното вежбање исто како и физичката пасивност, носи ризици за срцето, без оглед на возраста. Дали препорачувате д а се направи контрола пред да се започне со било каков вид на рекреативно вежбање (теретана, трчање, пилатес) или пак превентивен преглед треба да се направи само при професионални спортски ангажмани?

Ова е важно прашање, дали треба да се прави т.н. Preparticipation Physical Evaluation (ППЕ) за да се идентификуваат пациенти кои би биле ризични за појава на кардио-васкуларна болест или смрт заради вежбање. Американците направиле студија и процениле дека треба да се обработат 200 000 деца или адолесценти за да се откријат 1000 спортисти кои се од ризик за појава на ненадејна смрт, од кои 1 би умрел. Ова и не е така голема бројка за ППЕ да се прави кај сите здрави особи, кои немаат ризик за кардиоваскуларна болест. Затоа, сите кои сакаат да се занимаваат со спорт, слободно да спортуваат.

Сепак еден превентивен check up преглед би идентификувал особи со ризик за кардиоваскуларна болест. Доброто распрашување по однос на симтпоми кои се навидум незначајни, како замор особено на напор, губиток на здив при вежбање, вртоглавици или појава на несвестица, се разбира дека претставуваат индикатори за продлабочување и изведување на комплетен кардиоваскулерн преглед, со ЕКГ, ЕХО на срцето или коронарен стрес тест. Се разбира дека препораките се различни за особите кои треба да се занимаваат со професионален спорт, и кои тенираат најмалку 3 часа дневно интензивен спорт.

Потврдено е дека при ваков интензивен тренинг може да дојде до оштетување на срцевите клетки и појава на позитивни био-маркери во крвта (покачен тропонин во крвта).

Правени се и студии во кои е проценувано нивото на био-маркери и тропонин пред да почне интензивниот спорт од три часа и повеќе. Потврдено е дека дури 34% од луѓето кои се занимаваат со ваков спорт имаат позитивни био-маркети. Заради тоа, кај активните спортисти потребно е да се прават ППЕ прегледи со цел да се откријат евентуални подлежечки  болести кои се поврзани со ненадејна смрт при спортување како што се на пример:  хипертрофичната кадрио-миопатија, Марфановата болест, како и други срцеви болести поврзани со појава на малигни аритмии. Овие болести не се чести, но сепак, заради нив се препорачува комплетен кардиолошки скрининг, со физикален преглед, ЕКГ, ЕХО на срцето и коронарен стрес тест кај сите професионални спортисти.

извор: pharmanews.mk