Почетна » Блог » Срце и васкуларно здравје » He наседнувајте на предупредувања дека инфарктот има симптоми што траат цел месец

He наседнувајте на предупредувања дека инфарктот има симптоми што траат цел месец

Сподели

Присуството на овие симптоми не значи дека со сигурност ќе добиете инфаркт. Зашто инфарктот нема симптоми, што траат еден месец. На исхемија на срцевиот мускул може да укажуваат тегобите во градите. Тие се манифестирани како градна болка, притисок, стегање, тежина во градите и најчесто се чувствуваат во пределот на градната коска. Дополнителен ризик е ако овие симптоми се појавуваат или се засилуваат при физички напор или при изложување на нагли промени на надворешната температура, објаснува д-р Бушљетиќ

Инфарктот нема симптоми што траат еден месец кусо и јасно одговара интервентниот кардиолог д-р Оливер Бушљетиќ од Клиничката болница „Аџибадем Систина”. Од него побаравме одговор дали и колку се валидни препораките што деновиве наголемо се шират главно преку порталите и социјалните мрежи и во кои се тврди дека срцевиот удар може лесно да се спречи ако итно отидете на лекар кога ќе почувствувате еден или повеќе од шесте предупредувачки симптоми. Во текстот, кој се повикува на неименувани стручњаци, се вели дека дури 50 отсто од луѓето што добиле срцев удар, имале јасни симптоми дури еден месец пред тоа, но повеќето наводно воопшто не обрнале внимание на нив и за тоа платиле со животот. А оние што биле свесни за знаците и отишле на лекар или повикале брза помош, се спасиле.

Децидно се тврди дека предупредувачките сиптоми се: замор, кус здив, слабост во телото, вртоглавица и ладно потење, притисок во градите и симптоми на грип или настинка. Како и дека мажите пред срцев удар се посклони кон градна болка, а жените кон пречки во дишењето. Иако ова е голема лепеза на симптоми и може да важи за голем број болести и состојби, сепак поради зачестеноста на срцевите удари, фаталноста или долгото закрепнување, стравот го прави своето и луѓето масовно си ги препраќаат овие препораки.

– Присуството на овие симптоми не значи дека со сигурност ќе добиете инфаркт. Зашто инфарктот нема симптоми што траат еден месец. На исхемија на срцевиот мускул, односно дека има значајни стеснувања на крвните садови што го хранат срцевиот мускул може да укажуваат тегобите во градите. Тие се манифестирани како градна болка, притисок, стегање, тежина во градите и најчесто се чувствуваат во пределот на градната коска. Може да се јави болка, стегање во рамењата, грбот, многу почесто во левото рамо, но понекогаш и во десното, потоа во горниот дел од стомакот, во вратот и во долната вилица. Симптоми се и отежнато дишење, односно чувство на недостиг од воздух, како и мачнината, гадењето и нагонот за повраќање. Дополнителен ризик е ако овие симптоми се појавуваат или се засилуваат при физички напор или при излагање на нагли промени на надворешната температура – објаснува д-р Бушљетиќ.

Тој посочува дека голем дел од срцевите удари доаѓаат без предупредувања, без субјективни симптоми се до моментот кога нагло се развива клиничка слика. А симптомите се: тегоби во градите (градна болка), притисок и стегање во градите и рамената и грбот, отежнато дишење, мачнина, општа слабост и истоштеност и препотување со ладна пот, забрзана срцева работа (иако може да се јави и забавена или неправилна срцева работа аритмија), додека крвниот притисок е обично покачен, а поретко низок, дури и немерлив.

Значајно е да се открие болеста на крвните садови и на срцето во почетните стадиуми, а тука улога играат редовните систематски прегледи. Тие треба да го одредат постоењето на болеста, односно постоењето на ризик-факторите за нејзиниот развој. Индивидуално, треба да се одреди вкупниот ризик и според неговиот степен да се одредат соодветни мерки за лекување и превенција – вели д-р Бушљетиќ.

Иако во медицината секој пациент е случај за себе, сепак се смета дека мажите над 45-годишна и жени над 50 години имаат зголемен ризик од срцев удар. Ако на возраста и на семејната историја во која влегуваат браќа и сестри, родители и бабите и дедовците со инфаркт се неменливи, врз другите ризик-фактори може да влијаете. Пред се на пушењето бидејќи со тоа исто како и долготрајната изложеност на пасивно пушење ги оштетуваат ѕидовите на крвните садови. Високиот крвен притисок со текот на времето може да ги оштети артериите што го хранат срцето и го забрзуваат процесот на артериосклероза. Тој е поврзан со дебелината, пушењето, високиот холестерол и дијабетесот, од кој секој за себе е значен ризик фактор, кој води кон инфаркт.

Штетите може да се спречат со вежбање бидејќи недоволната физичка активност доведува до угоеност и зголемени вредности на холестерол во крвта. Лицата што се физички активни го намалуваат севкупниот ризик од срцев удар. Иако изгледа тешко, сепак стресот е еден од ризик-факторите со кој може да се менаџира.

Ризик зголемен 10 пати

Д-р Бушљетик укажува дека пациентите на дијализа имаат 10 пати поголем ризик од кардиоваскуларни заболувања во споредба со здравата популација на иста возраст. Кај нив ризикот е висок како и кај пациентите кои веќе имале срцев удар.

Најди доктор Закажи преглед Контакт