Срцева слабост

Сподели

Постојат голем број симптоми кои се јавуваат како резултат на срцевата слабост.  Најчесто, првиот симптом е чувство на недостаток на воздух при вообичаените дневни активности, потоа се јавува кашлица, отежнато дишење, чувство на умор и слабост, појава на отоци на нозете, губиток на апетитот и чувство на забрзана срцева работа.

Што е срцева слабост?

Срцевата слабост претставува хронична, прогресивна состојба при која срцето не е во можност да испумпа доволно количество  крв низ телото и органите, и на тој начин не ги задоволува потребите од кислород и крв во организмот. Оваа состојба доведува до појава на промени на срцето, кое со низа компензаторни механизми се обидува да ги задоволи потребите на организмот. Како резултат на тоа доаѓа до зголемување на волуменот на срцевите шуплини (кавитети), зголемување на бројот на срцевите удари во минута и  зголемување на мускулната маса на срцето.  Во телото се лачат природни супстанци кои го зголемуваат крвниот притисок со цел да стигне поголемо количество на крв и кислород до виталните органи (мозокот и срцето), со што истовремено се намалува протокот на крв до останатите ткива.

Состојбите кои можат да доведат до срцева слабост се бројни и истите треба да се иследат, за да може и правилно да се третираат. Најчести состојби кои може да доведат до срцева слабост се : коронарна артериска болест, покачен крвен притисок, болестите на срцевите валвули (како стекнати така и вродени), шеќерната болест, тешките респираторни заболувања.

Дијагноза

Со цел да се потврди срцевата слабост на располагање се сите инвазивни и неинвазивни процедури за процена на работата на срцето. Почнувајќи од стандардните ЕХО – кардиографски прегледи (трансторакални, трансезофагијални, стрес ехо-кардиографија, 3Д ехо-прегледи и ехо-прегледи со употреба на контраст). На располагање се и сите рентгенолошки процедури (конвенционални, компјутеризирани, магнетна резонанса).

Третман на срцевата слабост

Во препораките за современо лекување на срцевата слабост,  покрај потребата од оптимална фармаколошка терапија, реваскуларизација на миокардот со перкутана интервенција или со бај-пас хирургија, кај пациентите со срцева слабост се вградуваат и специјални пејс-мејкери кои вршат ресинхронизација на срцевата работа.

Пејс-мејкерите кои имаат можност за стимулирање во три од четирите срцеви комори (десната преткомора и двете комори), се од исклучително значење за пациентите со хронична срцева слабост. Со нивна помош се синхронизира работата меѓу преткоморите и коморите, како и работата на двете комори, што доведува до зголемување на пумпната моќ на срцето (ежекционата фракција), со што се подобрува функционалниот капацитет на пациентите.

Најди доктор Закажи преглед Контакт