Почетна » Блог » Срце и васкуларно здравје » Што открива стрес-тестот?

Што открива стрес-тестот?

Сподели

Исхемичните болести на срцето се најчеста причина за смртност во светски рамки. Најлесен и најефикасен метод за откривање и за проценка на овие болести е коронарниот стрес-тест. Д-р Марјан Димитровски, интервентен кардиолог, вели дека во долгогодишното искуство на илјадници тестирани пациенти сè почесто се соочува со млади луѓе кај кои преку стрес-тестот е докажана исхемична коронарна болест без никакви симптоми. Благодарение на навремената дијагноза и соодветен третман се спасени многу животи.

Стеснување и затворање на артериите

Во основа на овие исхемични болести е стеснувањето и затворањето на срцевите артерии (коронарни артерии) кои го исхрануваат срцевиот мускул. Овие болести може да се манифестираат со добро познатите клинички облици:

  • Стабилна ангина пекторис
  • Акутен коронарен синдром кој подразбира нестабилна ангина пекторис и акутен миокарден инфаркт
  • Ненадејна срцева смрт
  • Срцева инсуфициенција
  • Нарушување во срцевиот ритам
  • Асимптоматска коронарна болест

Што е коронарен стрес-тест?

Тоа е клиничка неинвазивна метода што се изведува кај пациенти со сомнение за исхемична срцева болест или кај пациенти со веќе докажана исхемична срцева болест. Се изведува на ерговелосипед или на движечка лента по стандардизирани протоколи. Цел на тестот е поставување дијагноза на новооткриени пациенти со коронарна болест или за процена и прогноза кај пациенти со дијагноза на коронарна болест. Во основа на тестот е зголемување на потребата на срцевиот мускул за кислород при физичко оптоварување. Во мирување, протокот на крв низ коронарните артерии е адекватен до срцевиот мускул и до 80-85% стеснување, но поголемо стеснување од ова во мирување води до недоволен проток на крв и недоволно кислород за потребите на миокардот и доаѓа до манифестација на градна болка и промени на ЕКГ. Меѓутоа, при физичко оптоварување кога срцевиот мускул има потреба за поголем проток на крв и кислород, може и 50% стеснувања на коронарните артерии да се манифестираат со градна болка и промени на ЕКГ. Токму овој принцип е искористен во коронарниот стрес-тест на оптоварување. Покрај најчесто користениот коронарен стрес-тест со електрокардиографски мониторинг, постојат и комбинирани тестови со примена на гасна анализа (кардиопулмонален тест), фармаколошки тестови за пациенти кои не можат физички да се оптоварат, како и стрес ехокардиографија.

Подготовка за стрес-тест

За да се изведе стрес-тестот според сите протоколи и да се добие најдобар приказ на состојбата, потребно е пациентот да биде добро информиран за самата постапка. Пациентот се информира дека 24-48 часа пред тестот треба да ги прекине следните лекови, доколку ги користи: бета-брокери, калциум-антагонисти, нитро препарати и дигоксин. 3 часа пред тестот да не зема храна, пијалаци, кафе и цигари. Потребно е да биде лесно облечен и во удобни чевли.

Како се изведува?

Пациентот се поставува на движечка лента или на ерговелосипед со постепено зголемување на оптоварување од почетни 25w, за по 25w на секои 3 минути, кое се постигнува со зголемување брзина на лентата и нејзино поткревање. Пациентот е поврзан со ЕКГ за цело време следен на монитор, се врши и контрола на крвниот притисок во сите фази. Целта е да се зголеми срцевата фреквенција до субмаксимална вредност (85% од максималната фреквенција која зависи од пол, возраст и телесна тежина). По завршување на тестот, пациентот се следи уште 2-3 мин по што се исклучува од ЕКГ мониторинг и се анализираат резултатите.

Што покажуваат резултатите?

Најзначаен параметар кој се следи при анализа на тестот е ST сегментот од ЕКГ записот. Во специјален извештај на крајот каде се анализираат сите добиени резултати тестот може да биде проценет како позитивен -патолошки, граничен  кој нема сигурни критериуми за позитивен и треба да се повтори за 1-2 месеци, негативен- нормален и недефиниран кога тестот заради краткотрајноста на оптоварувањето не може валидно да се интерпретира.

Дали е ризичен за пациентите?

Коронарниот стрес-тест се смета за нискоризична процедура. Пациентите мора да бидат информирани за начинот на изведување на тестот и ризикот како и од тоа што очекуваме од тестот или со која цел се прави. Ризикот од изведување на тестот зависи од клиничката состојба на пациентот. Се смета дека ризикот е поголем кај:

  • Пациенти кои имале акутен миокарден инфаркт пред неколку недели.
  • Пациенти со левокоморна дисфункција исто така постои зголемен ризик од појава на компликации при тестот.
  • Пациенти со манифест на ангина пекторис.
  • Пациенти кои пред тестот имаат вентрикуларни аритмии.
  • КСТ е сосема безбеден и со многу мал ризик кај пациенти без симптоми и кои се со низок ризик за исхемични срцеви заболувања.

Што доколку тестот е позитивен/негативен?

Откако се завршува тестирањето на пациентот му се објаснува резултатот на тестот и натамошните препораки кои произлегуваат од резултатот на тестот. Доколку тестот е проценет како позитивен, се дава препорака и му се закажува термин за коронарографија – инванзивна процедура која ја потврдува исхемичната срцева болест и се пристапува кон третман на болеста-балон дилатација и стентирање или аорто коронарен бајпас. Доколку тестот е интерпретиран како негативен му се даваат препораки за медикаментозен третман доколку е потребен и се планира наредниот КСТ за една година.

Што доколку тестот е позитивен/негативен?

Стрес-тестот се препорачува кај:

  • Пациенти со дијагностицирана исхемична болест на срце, за прогноза, одредување терапија и рехабилитација.
  • Пациенти со сомнение за исхемична срцева болест кои имаат повеќе ризик фактори за коронарна болест, пациенти со недефинирана градна болка.
  • Пациенти кај кои е неопходно утврдување способност за извршување одредени специфични професии, рекреативци и спортисти.

На Oдделот за кардиологија во Клиничка болница „Аџибадем Систина“ постои најсовремено опремен и екипиран кабинет за коронарен стрес-тест во кој работи високообучен тим кардиолози.

 

 

Најди доктор Закажи преглед Контакт