/Тестови кои ќе ви покажат колку е здраво вашето срце

Тестови кои ќе ви покажат колку е здраво вашето срце

Сподели

Редовните кардиоваскуларни скрининг тестови се важни бидејќи ви помагаат да ги откриете ризик факторите (модифицирачки и немодифицирачки) уште во најрана фаза. На овој начин, може да влијаете врз ризик факторите со промена на животниот стил/лекови пред да настанат оштетувања на кардиоваскуларниот систем. Доколку на редовните кардиолошки прегледи не се дијагностицирани промени во кардиоваскуларниот систем, и покрај вашите ризик фактори, не значи дека нема да ги развиете во иднина. Тоа значи дека треба да го промените вашиот животен стил во позитивна насока.

Кои тестови ви се потребни?

Постојат неколку неопходни испитувања што треба да ги направите кај вашиот доктор доколку сакате да откриете дали сте во ризик од некое срцево заболување. Докторот пред да ги направи сите испитувања најпрво ќе направи детален преглед, ќе се информира за вашата лична и семејна историја. Покрај лабораториските анализи, ова се испитувањата што треба да ги направите:

Електрокардиограмот (ЕКГ) – претставува графички приказ на работата на срцето. Со читање на електрокардиограмот се одредува срцевата фреквенција, ритам, а исто така се дијагностицираат оштетувања на срцето и неговата обвивка, како задебелување или инфаркт на миокардот. Со ЕКГ може да се забележи брзината на работата на срцето т. е. дали срцето има нормален, забрзан, забавен или неправилен ритам.

Ехокардиографија  ги открива структурните, морфолошки промени на срцето. Со оваа дијагностичка постапка се гледаат димензиите на срцето и срцевите шуплини, структурата на срцето, градбата и функцијата на залистоците, пумпната моќ на срцевиот мускул. Ехото на срце е само едно од испитувањата што треба да се направат за да бидеме сигурни при изложување на физички напор. Ехото на срце не ги покажува сите заболувања, тука е значајно и обичното ЕКГ во мир, стрес тест, контрола на крвниот притисок. Доколку најдеме нешто сомнително, пациентот се испраќа и на други испитувања. Доплер на каротиди и испитување на вени и останати артерии – ова испитување се препорачува кај луѓето со семејна историја оптоварена со кардиоваскуларни заболувања, кај пациенти со шеќерна болест и/или бубрежна болест или невролошки симптоми (пореметен говор, вр- тоглавица, пореметување во движењето на рацете, нозете, пореметување во вид. При преглед на артериите се гледа нивната морфологија, проодност, брзина на течење на крвта и се утврдуваат евентуалните стеснувања или аномалии. Се изведува со цел да се одреди присуство на атеросклеротична болест на крвните садови кои се задолжени за носење кислород во крв до мозокот. Двете каротидни артерии се наоѓаат на двете страни од вратот и крвта што проаѓа низ нив може да биде делумно или целосно попречена од масните наслаги. Ваквата блокада може да го намали доводот на крв во мозокот и да предизвика мозочен удар. Тест на оптоварување или стрес тест: е значајна дијагностичка постапка за процена на состојбата на крвните садови на срцето, за функционалната способност на кардиоваскуларниот систем, за проценка на ритамот на срцето и за движењето на крвниот притисок за време на оптоварување. Се изведува на подвижна лента или статичен велосипед, каде се проценува како работи срцето при напор.

Холтермониторинг – е пренослив уред што се користи за да се сними континуираниот ритам на срцето, обично во времетраење од 24 до 72 часа. Холтер мониторингот се користи за откривање на неправилностите во работата на срцето, кои не можат да се регистрираат за време наредовното ЕКГ испитување на ритамот и негови нерегуларности.

24 – часовен мониторинг на крвниот притисок – метода што служи за 24 – часовно мониторирање и регистрирање на крвниот притисок, како и анализа на добиените вредности.

Срцева катетеризација и коронарографија – при оваа постапка се вметнува тенок катетер во вена или артерија од ногата (препоните) или рака. Преку шупливата, флексибилна и долга цевка (катетер) потпомогнато од X–зраци се прават снимки преку кои се гледа работата на срцето и се мери притисокот. Со оваа интервенција се гледа проодноста на крвните садови и абнормалностите (стеснувања или затнувања), абнормални конекции на срцевите шуплини, исто така може да се снимаат и да се врши интервенција на артериите на вратот и нозете.