Почетна » Блог » Срце и васкуларно здравје » Умереното консумирање вино го намалува ризикот од срцев удар

Умереното консумирање вино го намалува ризикот од срцев удар

Сподели

Истражувањата потврдуваат дека умереното конзумирање на вино значајно ја намалува смртноста од кардиоваскуларните заболувања. За благотворното дејство на виното знаел уште и Хипократ, кој го користел како антисептик, седатив, во подобрување на работата на дигестивниот систем и како дел од секојдневниот начин на исхрана.

За лековитите својства на виното

Виното има долга и богата историја илјада години наназад. Првите археолошки докази за неговото постоење потекнуваат од пред 8000 години од Грузија, а во Европа за првпат е забележано пред 4500 год. Често било користено и споменувано кај старите Грци и Римјаните во религиозни и медицински цели, како и во секојдневниот социјален живот. Неговата примена во медицината потекнува уште од времето на Хипократ, кој го користел како  антисептик, седатив, во подобрување на работата на дигестивниот систем и како дел од секојдневниот начин на здрава исхрана. Францускиот парадокс за протективната улога на црвеното вино при конзумирањето на масна и високо калорична храна доаѓа уште од 1979 год. кога била поставена хипотезата за намалена појава на кардиоваскуларни заболувања и смртност во Франција, со континуирана и умерена употреба на вино. Четири  големи студии изведувани во земји со различни популации, различен  животен стил и навики (Данска, Калифорнија, Британија и Франција)  уште еднаш го потврдија позитивното влијание на умерени количини вино во намалување на смртноста од кардио-васкуларни заболувања.

Здравствениот бенефит

Во 1993 год. докажано е постоењето на специфични компоненти во виното, полифеноли (ресвератол и процианиди) кои имаат улога на антиоксиданси и ја инхибираат оксидацијата на „лошиот“ ЛДЛ холестерол.  Значаен бенефит е докажаниот механизам за константно покачување на „добриот“ HDL холестерол во крвта како резултат на зголемената синтеза во хепарот. Виното го намалува процентот на миокарден инфаркт. Постои разлика меѓу француското и германското вино, каде подобриот квалитет на француското вино се припишува на неговата поголема продукција на азотниот оксид (NO) поради застапеноста на полифенолите. Tие се важни во намалување на процесот на атеросклероза на крвните садови.

Консумирајте во умререни количини

Виното во мали количини, како релаксант  доведува до намалување на крвниот притисок во првите неколку часа. Кај здравата популација црвеното вино го покачува крвниот притисок за 2-3 мм живин столб. Кај лицата со висок крвен притисок, влијанието на виното во покачување на крвниот притисок е поголемо, а со тоа и потребата од поголема доза на терапијата за висок крвен притисок. Виното делува инхибиторно на канцерогените механизми на клетката и го намалува ризикот од појава на рак.

Секојдневното конзумирање на црвено вино во умерена количина има заштитна улога во организмот. Тоа е таканаречена ј-форма на ефектот на црвеното вино во умерени количини, спротивно на апстиненцијата и алкохолната злоупотреба. 

Колку е доволно?

Дозволената количина може да варира зависно од полот, возраста, генетските фактори, телесната тежина, конзумирањето на разни видови храна и употребата на лекови. Женскиот организам има тенденција за побрза апсорпција на алкохолот поради тоа што содржи помало количество вода во огранизмот и помало ниво на стомачни ензими. Поради тоа умерената количина за мажи и жени на иста возраст  и со иста телесна тежина не е еднаква. Препораките за “умерено конзумирање “ се 1-2 чаши на ден за жени и 2-4 чаши на ден за мажи. Оваа препорака не го оправдува пиењето на 12 чаши вино во неделно попладне. Се препорачува конзумирање на црвено вино за време на оброк со што се намалува ресорпцијата на мастите, како и помалото влијание врз крвниот притисок. Злоупотребата на алкохолот штетно влијае на повеќе органи и може да доведе до покачен крвен притисок, нарушувања во крвта, оштетување на црниот дроб, канцерогени промени, неплодност, оштетување на мозокот, најчесто деменција, псоријаза, мозочен удар, мускулна атрофија, а за време на бременоста може да настане ментална ретардација на плодот. Кај пациентите со одредени ревматски заболувања не се препорачува алкохол поради неговиот ефект во зголемувањето на уричната киселина во крвта. Поради “неизвесниот” ефект на алкохолот, не се препорачува кај кардиомиопатиите. Мора да се напомене неговото интерактивно дејство со одредени лекови како што се нитрогицерин, анксиолитици, неуролептици и контрацептиви.

Црвено или бело

Црвеното вино има поголема заштитна улога од белото вино и пивото. Сепак, до сега не се направени многу долгорочни студии кои со сигурност би ги потврдиле или негирале  предностите на црвеното вино во однос на другиот вид алкохол. Предноста на конзументите на вино е нивниот подобар стил на живот со најчесто користење на лесна и здрава храна (овошје, зеленчук, фибрати), помалиот процент на пушачи и подобри социо-економски услови.  Во Франција била забележана помала стапка на смртност до 50% во деловите каде е почеста употребата на црвено вино, споредено со деловите на земјата каде поголема била употребата на бело вино. Тоа се должи на помалите количини на содржан  ресвератол  во белото вино. Епидемиолошките наоди од Северна Америка тврдат дека не постои битна разлика меѓу црвеното и белото вино, што може да се објасни со различната исхрана во Европа и во Америка, како и поголемата застапеност на храната во однос на алкохолот во оброците кај американската популација. Епидемиолошките испитувања го потврдија бенефитот од конзумирање на умерена количина црвено вино за превенција и намалување на кардиоваскуларните заболувања. Поради овие факти предност му се дава на црвеното вино кое ги содржи сите специфични компоненти (полифеноли) одговорни за молекуларните механизми во антиоксидативниот, антиинфламаторниот и антилипемискиот ефект.

 

Најди доктор Закажи преглед Контакт