/Вирусно воспаление на тироидната жлезда

Вирусно воспаление на тироидната жлезда

Сподели

Субакутниот тироидит претставува воспаление на тироидната жлезда предизвикано од вируси. Кај најголем број од пациентите пред појавата на тироидитот најчесто претходи некоја респираторна инфекција на горните дишни патишта. Д-р Билјана Црцарева, специјалист по нуклеарна медицина, објаснува дека на почетокот на заболувањето се јавуваат знаци на виремија, односно кај пациентот се јавува општа слабост, болки во мускулите и потење за некој ден подоцна како главен симптом да се јави болка во предел на вратот, односно во предел на тироидната жлезда.

Како се манифестира болката?

Болката мигрира од едно на друго место во тироидната жлезда, силна е, го отежнува голтањето и движењето на главата и многу често се шири кон вилицата и ушите. Пациентот може да има покачена температура и да ги има истите симптоми кои се карактеристични за хипертиреозата (зголемена функција на тироидната жлезда), а тоа се слабеење, потење, тахикардија (забрзана работа на срцето), нервоза, изнемоштеност, симптоми кои се од минлив карактер.

Болеста го менува интензитетот

Заболувањето има особини да го менува својот интензитет, па често симптомите знаат да се смират, пациентот да се чувствува подобро, за по одредено време симптомите на бол- ка во вратот и покачена температура повторно да се појават. Ваквата состојба може да трае и до неколку месеци. Кај одреден број пациенти состојбата на хипертиреоза по некое време се заменува со состојба на хипотиреоза (намалена функција на тироидната жлезда).

Дијагноза

Клиничката слика на субакутниот тироидит е слична со онаа на системската виремија па поставувањето на дијагнозата многу често може да се погреши. Но, доколку кај пациентот навреме се препознаат симптомите, дијагнозата можеме да ја потврдиме со основната лабораториска промена на забрзана седиментација на еритроцитите, во многу случаи покачените вредности на тироидните хормони (Т3 и Т4) и ниските вредности на хормонот ТСХ, како и скенографската карактеристика на таканаречен „празен скен“, односно визуелно отсуство на тироидната жлезда при скенографско испитување. Карактеристичниот тријас на болка во предел на вратот, забрзаната седиментација и „празен скен“ помага да се постави и потврди дијагнозата за субакутен тироидит, кое е непријатно, но минливо заболување. Дополнителен податок од лабораторијата е и отсуството на леукоцитоза кој помага да се направи разлика на непостоење на бактериско туку вирусно воспаление.

Третман

Лекувањето на субакутниот тироидит е едноставно и се состои во примена на аналгетици од групата на салицилати и нестероидни антиинфламаторици. Доколку симптомите се многу изразени и болката е неиздржлива за пациентот, може да се дадат и лекови од групата на кортикостероиди. Симптомите на хипертиреоза се минливи и не бараат специфично лекување па доволно е само привремено да се земаат лекови од групата на бета блокатори.