/ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ УСПЕШНИ КАРДИОХИРУРШКИ ОПЕРАЦИИ КАЈ КОВИД-ПАЦИЕНТИ

ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ УСПЕШНИ КАРДИОХИРУРШКИ ОПЕРАЦИИ КАЈ КОВИД-ПАЦИЕНТИ

Сподели

ПОЈАВАТА НА ТРОМБ Е ЕДНА ОД НАЈЛОШИТЕ ПОСЛЕДИЦИ ОД КОРОНАВИРУСОТ

Ковид -19 е сериозно заболување, а досега не се откриени сите детали за болеста. Кај некои луѓе вирусот не предизвикува никакви манифестации, кај други прави тешки респираторни инфекции и температура, додека една од најчестите компликации е згрутчување на крвта, односно создавање тромби. Иако лекарите често препорачуваат лекови кои го намалуваат коагулирањето на крвта, голем дел од граѓаните страдаат од згрутчувањето. Но зошто кај ковид-пациентите се јавувуваат вакви компликации? Професор д-р Александар Николиќ, специјалист кардиохирург, објаснува каква е оваа состојба, а посебен предизвик претставуваат пациентите кои страдаат истовремено од акутна болест на срцето и коронавирусна инфекција, а кај кои е потребен итен кардиохируршки третман. Се следат светските стандарди и се оперираат пациенти кои се позитивни на вирусот и се во фаза на акутна срцева болест. Под посебни безбедносни протоколи, употреба на комплетна заштитна опрема се оперираат пациенти со акутен миокарден инфаркт или животозагрижувачки состојби кои ги зафаќаат големите крвни садови околу срцето. Досега во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се оперирани неколку пациенти со висока стапка на успешност.

ТЕРАПИЈА, НО И ОПЕРАТИВНИ ЗАФАТИ

Вирусната инфекција предизвикана од коронавирусот примарно го зафаќа респираторниот систем, но со напредување на болеста и комплексната патофизиологија на инфекцијата, многу често страдаат и другите органи во човековото тело, како што се срцето, бубрезите, нервниот, имуниот и циркулаторниот систем. Инфекцијата со коронавирусот може да доведе до хиперкоагулабилност на крвта, односно згрутчување, при што тромбите може да се налепат за артериските и венските крвни садови во телото. Проф. д-р Николиќ вели дека моментно во светската литература постои различна стапка на нарушување во коагулацискиот статус и тромботични состојби кај ковид-пациентите. Имено, од 20 до 60 отсто од заразените може да имаат вакво нарушување. „Генерално, поголема стапка на тромбоза е присутна кај пациентите кои имаат средна и потешка клиничка слика на болеста. Кај некои пациенти појавата на тромбови може да биде и причина за смрт од коронавирусот“, вели проф. д-р Николиќ. Тој е категоричен дека кај пациентите кои имаат вакви проблеми прво се испитуваат лабораториските параметри кои можат да ја покажат состојбата на коагулацискиот статус. Кај голем дел се препишува и се дава антикоагулантна терапија. Тоа е со цел да се превенира создавањето на тромбови. Но кога и дали има потреба од операција и интервенција. „Тогаш кога ќе дојде до тромбоза на големите венски крвни садови кои се наоѓаат до срцето, коронарните артерии или пулмонална емболија треба да се направи оперативен третман и да се отстранат тромбите по хируршки пат. Многу често тие состојби се акутни кога пациентите се наоѓаат во животозагрижувачка состојба и треба да се направи итен оперативен третман со цел да се спаси животот на пациентот“, објаснува проф. д-р Николиќ.

АКО НЕ СЕ ТРЕТИРААТ – ИНФАРКТ ИЛИ МОЗОЧЕН УДАР

Докторот вели дека при изведувањето на овие оперативни интервенции за големите крвни садови кои се наоѓаат близу до срцето често е потребно привремено да се запре работата на срцето и потоа да се отстрани тромбот по хируршки пат. Понекогаш освен отстранување на тромбот потребно е да се направи и реконструкција на крвниот сад или бајпас-процедура. „Потребен е мултидисциплинарен пристап во лекувањето на овие состојби кај ковид-пациентите. Во Клиничката болница ’Аџибадем Систина’ присутен е тим од различни специјалности кои се подготвени да ги третираат овие пациенти од самото поставување дијагноза и ефикасно спроведување на третманот. Учествува врвен тим од професионалци, како инфектолози, радиолози, трансфузиолози, кардиоваскуларни хирурзи и анестезиолози кои донесуваат мултидисциплинарна одлука за третманот на пациентите според досегашните светски протоколи и сознанија за коронавирусот. По извршување на интервенцијата пациентот е хоспитализиран во посебен бокс за интензивна нега изолиран со двојни врати и негативен притисок. Тимот е целосно адаптиран на протоколот за заштита“, вели проф. д-р Николиќ. Тој е дециден дека ако овие состојби не се третираат може да дојде до пулмонална емболија, акутен миокарден инфаркт на срцето или мозочен удар, кои понатаму може да доведат до смрт на пациентот. Затоа е важно навремено и оптимално третирање на овие пациенти.

УСПЕШНО ОПЕРИРАНИ НЕКОЛКУ ПАЦИЕНТИ

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина” и во текот на пандемијата со коронавирусот се оперираат и пациенти со заболувања на срцето додека се заболени од коронавирусот. Глобалната пандемија на коронавирусот всушност има големо влијание врз функционирањето на здравствениот систем и болниците, вклучително и одделите за кардиохирургија. „Аџибадем Систина“ непречено во текот на пандемијата извршува операции кај планирани и итни пациенти. Посебен предизвик претставуваат пациентите кои страдаат истовремено од акутна болест на срцето и коронавирусна инфекција, а кај кои е потребен итен кардиохируршки третман. Се следат светските стандарди и се оперираат пациенти кои се позитивни на вирусот и се во фаза на акутна срцева болест. Под посебни безбедносни протоколи, употреба на комплетна заштитна опрема се оперираат пациенти со акутен миокарден инфаркт или животозагрижувачки состојби кои ги зафаќаат големите крвни садови околу срцето. Досега се оперирани неколку пациенти со висока стапка на успешност“, вели д-р Николиќ. Кај сите кардиохируршки пациенти кои се хоспитализираат во болницата првенствено се прави и тестирање за коронавирусот. Доколку станува збор за итен пациент, иако е позитивен на вирусот се пристапува кон кардиохируршка интервенција. Закрепнувањето кај секој пациент е индивидуално, и најчесто пациентот останува на болничко лекување во првите седум дена бидејќи има послаб имунитет.