/За здраво женско срце

За здраво женско срце

Сподели

Срцевите заболувања често се сметаат за машки проблем, но статистиката покажува дека на светско ниво поголем е бројот на жени кај кои се дијагностицирани срцеви заболувања отколку мажи. За среќа можете да преземете неколку чекори и да го намалите ризикот од срцеви заболувања. За најчестите ризик фактори кај жените, но и третманот и лекувањето на женското срце разговаравме со кардиолозите од Клиничката болница „Аџибадем Систина“.

Ризик фактори за жените

Најчестите ризик фактори за развој на срцевите заболувања се високиот холестерол, високиот крвен притисок и зголемената телесна тежина. Овие параметри влијаат на двата пола, но постојат и ризици кои се појавуваат само кај жените:

• Дијабетесот го зголемува ризикот од срцеви заболувања значително повеќе кај жените отколку кај мажите

• Комбинацијата на масти околу стомакот, високиот крвен притисок, високото ниво на шеќер во крвта и триглицеридите имаат поголемо влијание врз здравјето на срцето кај жените отколку кај мажите

• Стресот и депресијата влијаат многу повеќе на женските срца

• Пушењето е уште еден ризик фактор

 • Недостатокот на физичка активност е главен фактор за појава на срцевите заболувања, а жените се понеактивни од мажите

• ниското ниво на естроген по менопаузата претставува значаен фактор на ризик за развој кардиоваскуларни болести во помалите крвни садови (микроваскуларни болест)

• компликации кои се појавиле за време на бременоста како што се висок крвен притисок или дијабетес во текот на бременоста може да го зголемат ризикот од развој на болести на срцето и кај мајката и кај бебето

Дали повозрасните жени треба да обрнат повеќе внимание за здравјето на срцето?

Сите жени треба да внимаваат на здравјето на своето срце, но особено внимание треба да посветат жените кои се на возраст над 40 години, особено оние со фамилијарна историја на срцеви заболувања.

Што жените треба да направат за да го намалат ризикот од болести на срцето?

Постојат неколку промени во животниот стил што може да ги направите за да го намалите ризикот од срцеви заболувања: откажете се од пушењето, секојдневно вежбајте по 30 минути, одржувајте нормална телесна тежина и јадете храна која нема многу холестерол, сол или масти.

Дали третманот кај жени е различен од мажите?

Третманот на болестите на срцето е сличен и кај мажите и кај жените. Ангиопластика и стентирање се третмани кои се користат при срцев удар и се ефикасни и за мажите и за жените. Сепак, жените кои немаат типична болка во градите се со помала веројатност да бидат принудени на овие опции за третман.

Кога да побарате помош од кардиолог?

Никогаш не ја игнорирајте болката во градите, таа може да биде знак дека имате проблеми со срцето или пак срцев напад. Само навремената дијагноза може да го спаси вашиот живот. Задолжително посетете кардиолог доколку имате: болка во градите или непријатност во градниот кош, отежнатост при извршување на физички активности кои претходно се изведувале со леснотии, болка и стегање во рацете, грбот, рамената, вратот, вилицата или многу често сте уморни без да имате тешка физичка активност.

Во животот можете да заборавите многу работи, но никогаш не ги заборавајте редовните check up прегледи, вашето срце може да ја плати цената за тоа. Доколку на прегледите вашиот доктор ви открие висок крвен притисок, зголемено ниво на холестерол или шеќер во крвта, веднаш побарајте кардиолог.