Почетна » Блог » Срце и васкуларно здравје » Замор и гушење први симптоми на срцева слабост

Замор и гушење први симптоми на срцева слабост

Сподели

Срцето е орган кој пумпа крв во целото тело. Состојбата кога срцето мора да вложи поголема сила за да испумпа стандардна количина крв која му е потребна на нашето тело за секојдневниот живот е состојба на срцева слабост. Д-р Даниела Пројевска, кардиолог, објаснува дека постои состојба на левосрцева слабост, која е најчеста и се карактеризира со намалена сила на левата комора. Исто така, постои поретка, но присутна состојба на изолирана десносрцева слабост. Срцевата слабост може да биде од лесен, среден и тежок степен. Први симптоми кои пациентите со срцева слабост ги чувствуваат се слабост и замор при извршувањето на стандардните активности, но и гушење.

Состојби кои доведуваат до срцева слабост

Најшироко распространета причина е покачениот крвен притисок, кој не се лекува соодветно или е лошо регулиран. Болеста на крвните садови на срцето или коронарната артериска болест исто така може да доведат до срцев слабост. Други состојби се:

  • Валвуларните болести на срцето несоодветно или ненавремено лекувани.
  • Воспалителните заболувања на срцето кои се должат почесто на непрепознени и несоодветно лекувани вирусни, поретко бактериски инфекции кои го напаѓаат срцевиот мускул.
  • Хемотерапија или терапија со лекови кои можат да бидат кардиотоксични.
  • Нелекувани коморбидитети, како што е долги години нелекувана болест на тироидната жлезда, лошо лекувана и неконтролирана шеќерна болест и други состојби кои со тек на време можат да предизвикаат срцева слабост.
  • Злоупотреба на алкохол или наркотици некогаш доведува до состојба на ослабено срце.
  • Ненавремено лекувани тромбози или белодробни емболии како почеста причина за десносрцева слабост.
  • Непрепознаени вродени дефекти на срцевите прегради кои кај адултните пациенти исто така можат да доведат до десносрцева слабост.

Како се препознава срцевата слабост?

Први симптоми кои пациентите со срцева слабост ги чувствуваат се слабост и замор при извршувањето на стандардните активности. Исто така, кај нив се јавува недостиг на воздух и гушење, во почетокот во ноќните часови при лежење на рамно, потоа при поголем физички напор и на крај и при стандардни или помали активности. Чувствуваат брзо работење на срцето, затемнување на очите и вртоглавици, намален апетит, болка под десен ребрен лак и оток на потколениците. Краен знак за срцева слабост е нарушена функција на бубрезите и црниот дроб.

Како се поставува дијагнозата за срцева слабост?

  • Аускултација на срцето, каде се слуша ритамот и брзината на срцевата работа, присуство на срцеви шумови.
  • Електрокардиограм ЕКГ при што се следи брзината на работата на срцето, дали има или нема аритмии, дали има елементи за присутна коронарна болест на срцето или претходно прележан срцев удар, знаци за левокоморно задебелување, знаци за деснокоморно оптоварување…
  • РТГ на бели дробови, каде се гледа обликот и големината на срцевата сенка, задршка на течност во хилусите и белите дробови.
  • Крвни тестови во прилог на срцева слабост, како што е бреин натриуретичен пептид, кој е покачен во услови на срцева слабост.
  • Ехокардиографијата е базична метода врз основа на која најбрзо, наједноставно и со висок степен на сигурност може да се постави дијагнозата на срцева слабост и нејзиниот тип.
  • Тест на оптоварување или коронарен стрес тест при што се проценува ритамот на срцето, пулсот и крвниот притисок, како и промените на ЕКГ во услови на оптоварување.
  • Коронарографија и или евентуално катетеризација на срцето за проценка на артериските крвни садови кои го хранат срцето, срцевите кавитети и притисоците и концентрацијата на кислород во крвта во различни делови од срцето.
  • Компјутерско снимање на срцето и крвните садови, магнетна резонанца на срцето и нуклеарното скенирање.

Лекување

Срцевата слабост се лекува со медикаментозна терапија како: диуретици, АКЕ инхибитори, бета блокатори, терапија за крвен притисок, лекови за контрола на ритамот, лекови за разредување на крвна или таканаречена антикоагулантна терапија. Во услови кога е потребно се прават интервенции на коронарните крвни садови со стентирање или операција во вид на аортокоронарни бајпасови, лекување на срцевите залистоци и ставање вештачки залистоци, затворање на дефекти на преградите со оклудери или чадорчиња или оперативно затворање. Вградување на одредени типови песмејкери за подобро синхронизирање на ѕидовите на срцето и подобрување на силата на срцето или ЦРТ-П и ЦРТ-Д. Вградување песмејкери кои го чуваат срцето од опасни нарушувања на ритамот кои се животозагрозувачки или дефибрилатори ИЦД.

 

Превенција

Секако, навремено и соодветно лекување на покачениот крвен притисок, навремено лекување на сите ризик фактори, воспоставување контрола на мастите во крвта, шеќерната болест, прекин на пушење, контрола на стрес, одржување на телесната тежина и добра физичка подготвеност. Најважни се редовните превентивни прегледи за откривање ризици за настанување на одредени заболувања кои потоа можат да доведат до срцева слабост.

Што треба да знаат пациентите кои веќе имаат присутна срцева слабост?

  • Пациентите треба да имаат матичен кардиолог од доверба кој комплетно ја познава нивната состојба и може да ги забележи и помалите промени и навремено да интервенира.
  • Пациентот во разговор со кардиологот треба да добие основни познавања и упатства за својата болест, односно да ги препознава промените кои настануваат.
  • Редовно да ја примаат целата препишана терапија. Доколку некој лек потешко го поднесуваат, да разговаат со својот доктор дали им е неопхо- ден или може да се прекине или замени. Доколку заборават да земат одредени лекови поради тоа што треба да земаат лекови повеќепати на ден, да се види дали може да се промени времето на земање на терапија.
  • Да се намали внесот на сол во исхраната. Да намалат внес на храна која е количински и калориски непотребна. Физички да бидат активни зависно од добиените препораки. Да се внесува сооддветна количина течности под или над два литри, зависно од степенот и типот на срцева слабост. Да одржу- ваат контрола на телесната тежина.
  • Пациентите кои имаат потешка форма на срцева слабост кои почнуваат нагло да ја зголемуваат телесната тежина, што може да се должи на задршка на течност во телото, и кои во исто време имаат намален апетит, болка под десен ребрен лак, оток на потколениците, влошено дишење можат да одат во правец на декомпензација и потребно е веднаш да го консултираат својот кардиолог.
  • Навремено и соодветно лекување на секоја респираторна инфекција може да спречува влошување на состојбата на срцевата слабост. Грижата за намалување на ризик факторите и навременото откривање на болестите и соодветно лекување, искоренувањето на лошите навики, физичката активност, одржување на добрата телесна тежина и намалување на стресот се основни методи за превенција од појава на срцевата слабост и сите ние треба да се грижиме за нашето здравје, а со тоа и за здравјето на нашето срце.
Најди доктор Закажи преглед Контакт