/Живот со пејсмејкер

Живот со пејсмејкер

Сподели

Вашиот пејсмејкер претставува едно модерно чудо, медицинско научно решение за електричните проблеми на бавното отчукување на срцето. Пејсмејкерот им го продолжува нормалното работење на срцето на милиони пациенти во светот. Доктор Иван Трајков, кардиолог електрофизиолог, објаснува како треба да живеете и на што да внимавате доколку имате вграден пејсмејкер

Како работи пејсмејкерот?

Пејсмејкерот е мал компјутер кој се поврзува со вашето срце преку тенки жици (електроди). Импулсите патуваат преку овие електроди до вашето срце и се временски наместени да се појавуваат во регуларни интервали, како импулсите од вашиот природен пејсмејкер. Најчесто пејсмејкерите работат само кога има потреба од нив. Пејсмејкерот се исклучува ако отчукувањата на вашето срце се над одредена граница. Ако пулсот падне под дадената граница, повторно се вклучува пејсмејкерот. На овој начин вашиот пејсмејкер работи слично како некој термостат. Разликата е во тоа што наместо да работи врз основа на температура, работи врз основа на срцевите удари.

Колку траат батериите на пејсмејкерот и како се менуваат?

Батериите на модерните пејсмејкери траат многу подолго отколку претходните модели (12-14 години). Како и секој електронски апарат така и вашиот пејсмејкер бара одреден степен на грижа. На пример, батериите со тек на време ќе се потрошат, што бара нивна замена. Ова е минимална хируршка процедура. Како што се трошат батериите вашиот пејсмејкер ќе забави, но нема да застане наеднаш. Користејќи специјален анализатор, вашиот лекар може да ги детектира првичните предупредувачки сигнали дека батерии- те слабеат. Мерете го вашиот пулс Мерењето на вашиот пулс е добар начин на проверка дали вашето срце испумпува регуларно. Со секој удар срцето испумпува крв низ вашите крвни садови. Со поставување на врвовите од прстите на внатрешната страна од рачниот зглоб или над артерија на вратот може да го почувствувате отчукувањето. Бројот на отчукувања е ист со бројот на отчукувањата на срцето. Мерете го вашиот пулс во текот на цела минута, запомнете го бројот на отчукувања и видете дали е под прифатливите граници за вашиот пејсмејкер. Лекарот може да ви каже колку пати би требало да отчукува вашето срце во текот на една минута. Ако вашиот пулс е премногу бавен или премногу брз, јавете се кај вашиот доктор.

Земајте ги лековите како што се препишани

Многу е важно да се следат инструкциите и да се земаат препишаните лекови. Причината за ова е тоа што лековите функционираат заедно со пејсмејкерот и му помагаат на срцето да работи регуларно. Докторот може да побара од вас да водите дневник, кога ги земате лекарствата.

Следете ги сите упатства, почитувајте ги диетите и физичката активност

Дозволете барем осум недели за вашиот пејсмејкер да се адаптира на позицијата. За овој период избегнувајте ненадејни, брзи или насилни движења кои ја повлекуваат раката од телото.

Други предупредувања и информации

1. Избегнувајте притисок над регијата каде што е поставен вашиот пејсмејкер. Слободно можете да се капете или туширате. Вашиот пејсмејкер е целосно заштитен од контакт со вода.

2. Следете ја програмата за активност препорачана од вашиот доктор. Патувањата со автомобил, воз или авион не претставуваат опасност. Луѓето со пејсмејкер можат да ја продолжат вообичаената сексуална активност.

3. Бидете физички активни секој ден. Може да одите на кратка прошетка или да ги раздвижите рацете и нозете со цел да ја подобрите циркулацијата. Ако не сте сигурни околу вежбањето, прашајте го вашиот доктор за совет. Можете да ги извршувате сите нормални активности за личност на ваша возраст.

4. Не претерувајте – престанете пред да се изморите. Соодветна доза активност треба да направи да се чувствувате подобро а не полошо.

Јавете се на доктор ако:

1. Имате потешкотии со дишењето

2. Почнете да добивате на тежина и вашите нозе и зглобови отекуваат

3. Се онесвестите, ви е темно пред очи или добивате вртоглавици. Кога одите на лекар и стоматолог, известете ги дека имате пејсмејкер Лекарите или стоматолозите кои ги посетувате треба да знаат дека имате пејсмејкер. Известете ги пред да почнат со каква било интервенција.

Модерните апарати и пејсмејкери

Модерните пејсмејкери имаат вградени заштитни механизми, кои ги штитат од интерференции предизвикани од други електрични апарати со кои се среќавате во секојдневната работа. Апаратите за домаќинство не можат да влијаат на вашиот пејсмејкер. Ако се сомневате за некој тип интерференција со вашиот пејсмејкер, едноставно оддалечете се или, пак, исклучете ја опремата

Секогаш носете ја вашата картичка за идентификација

При каков било тип несреќа, вашата картичка за идентификација ќе им каже на луѓето кои ви помагаат дека имате пејсмејкер. Вашата картичка може да е многу корисна ако патувате со авион. Металните детектори може да го регистрираат металот во вашиот пејсмејкер, но не можат да го оштетат. Покажувајќи ја оваа картичка може да спречите одредени непријатности.

Правете редовна проверка на вашиот пејсмејкер

За вашиот пејсмејкер да работи соодветно треба да се прават периодични контроли за проверка на електродите и состојбата на батеријата. Во денешно време илјадници луѓе имаат пејсмејкери и водат нормален и продуктивен живот.