/Зошто не можете да го ставите под контрола крвниот притисок
krven-pritisok-pod-kontrola

Зошто не можете да го ставите под контрола крвниот притисок

Сподели

Зголемениот крвен притисок е болест на современото живеење. Одржувањето на крвниот притисок во нормални вредности може да спречи развој на многу болести меѓу кои најсериозни се срцев или мозочен удар. Но, некои пациенти и покрај препишаната терапија не можат да го стават под контрола крвниот притисок. Постојат повеќе причини за честите падови и зголемувања на крвниот притисок.

ЕФЕКТ „бел мантил“

Многу често одењето на доктор предизвикува страв и нервоза кај луѓето, па доаѓа до зголемување на крвниот притисок. Кога ќе појдете на доктор и кога ќе ви го измерат крвниот притисок може да се добие погрешен впечаток за вашата здравствена состојба и да мислат дека вие континуирано имате зголемен крвен притисок. Затоа дојдете порано на вашиот преглед, почекајте во чекалницата за пациенти, релаксирајте се и дишете длабоко. Докторите препорачуваат да седите 5 минути мирни пред да го мерат вашиот крвен притисок за да се добие реална слика.

Неправилно земање или мешање на лековите

Многу пациенти ја земаат терапијата кога ќе им се покачи притисокот. Кога ќе се почувствуваат подобро, забораваат на лековите. Нередовното земање на лековите може да доведе до варијации на крвниот притисок и негови високи вредности. Исто така, одредени лекарства влијаат врз лековите за контрола на крвниот притисок (седативи, аналгетици, оралните контрацептиви, носни деконгестиви).

Грешки при мерењето

Понекогаш луѓето кога го мерат притисокот во домашни услови прават грешки. Земете го вашиот апарат за мерење на крвниот притисок и измерете го пред лекарскиот преглед. Доколку тој соодветствува, тогаш вашиот апарат е исправен, доколку измерениот крвен притисок на лекарскиот преглед се разликува од притисокот измерен дома тогаш вашиот апарат не е исправен или вие грешно го мерите притисокот.

Неправилна исхрана

 За да немате чести варијации во крвниот притисок треба секогаш да мислите на здрава и правилна исхрана. Избегнувајте обилни оброци, мрсна и солена храна, а предност да му дадете на овошјето, зеленчукот, житариците и семките. Немојте да додавате сол додека готвите или дополнително да ја солите храната, преголемото количество сол го зголемува крвниот притисок. Внесот на сол со храната треба да биде ограничен на 2 до 2,5 грама на ден, што значи една кафена лажичка сол на ден. Ова ја вклучува вкупната количина сол што се употребува за подготвување на храната и со која се досолува храната. Згол е м ена те л есна тежина, спортска  неактивност и пушење.  Доколку сакате да го намалите крвниот притисок треба да внимавате на вашата телесна тежина, да бидете спортски активни што подразбира редовна и правилно дозирана физичка активност, да се откажете од пушењето и прекумерна консумација на алкохол. Сето ова позитивно ќе влијае на вашето здравје и крвниот притисок, а со тоа ќе ја намалите можноста од кардиоваскуларен ризик.

Општата здравствена состојба

Многу често општата здравствена состојба на пациентот и придружните болести можат да влијаат врз вредностите на крвниот притисок. Исто така стресот, социјално-економскиот статус, психолошкиот профил на личноста, проблемите со тироидната жлезда, хормонските нарушувања, кардиоваскуларните болести, дијабетесот и метаболни нарушувања можат да влијаат врз крвниот притисок.

Што да сторите ако имате покачен крвен притисок?

Високиот крвен притисок е еден од најсериозните ризик фактори за кардиоваскуларни болести. Затоа секогаш внимавајте на вредностите, за нормален крвен притисок се смета 120/80, а, пак, покачен крвен притисок имате ако вашите вредности се над 140/90. Поголем број од луѓето кои имаат висок крвен притисок немаат симптоми и не се свесни за ова, па затоа редовно посетувајте доктор и навремено спречете ја појавата на хипертензија!