/Бубрежните заболувања почнуваат без симптоми

Бубрежните заболувања почнуваат без симптоми

Сподели

Појава на отоци на нозете, кои може да се прошират и по целото тело, покачен крвен притисок, слабост, повраќање, главоболки, болки во грбот.  Ова се симптоми на бубрежна болест. Болеста што ги напаѓа бубрезите се развива многу бавно и претставува една од водечките причини за откажувањето на работата на бубрезите.

Што значи заболување на бубрезите?

Бубрезите се органи што се одговорни за регулација на количината на течности и соли во организмот, но учествуваат и во регулацијата на крвниот притисок. Нивната функција е да ја преработуваат крвта и да ја ослободуваат од бројните отрови кои се создаваат во организмот, но и да го регулираат балансот на течности и минерали во телото. Покрај оваа витална функција, бубрезите играат значајна улога во регулацијата на крвниот притисок, во корекцијата на киселоста во организмот, во лачењето и метаболизмот на одредени хормони и во терморегулацијата на телото. Бубрежните заболувања се многу подмолни, почнуваат „тивко“, без никакви тегоби, ја нарушуваат бубрежната функција за во последниот стадиум од болеста да го покажат своето вистинско лице, трајно и неповратно да ја оштетат функцијата на бубрезите. Најчесто во почетокот се манифестираат со покачен крвен притисок, појава на отоци по телото, зачестено мокрење и појава на жед. Во подоцнежниот стадиум бубрежните заболувања се манифестираат со изнемоштеност, намален апетит, промена на бојата на кожата, чешање и отоци по целото тело. Како што напредува бубрежна болест, бубрезите стануваат сè помалку ефикасни.

 Зошто луѓето со дијабетес се повеќе изложени на ризик?

Бубрежна болест е предизвикана од оштетување на малите крвни садови во бубрезите што во напреднатиот стадиум на болеста доведува до трајни и неповратни оштетувања на бубрежната функција. Контролата на шеќерот во крвта во голема мера може да го намали ризикот од развој на болестите на бубрезите, но и на другите компликации кои може да ги предизвика дијабетесот. Фактори на ризик се: лоша контрола на нивото на гликоза во крвта, висок крвен притисок и високо ниво на холестерол. Токму од овие причини покрај редовната контролата на шеќерот во крвта, неопходна е и редовна контрола на крвниот притисок.

Симптоми

Консултирајте се со вашиот доктор доколку имате: задршка на течности која се манифестира со оток во нозете или рацете, губење апетит, проблеми со несоница, конфузија или отежната концентрација.

Консултација со нефролог

На редовните превентивни прегледи неопходна анализа која треба да ја направите е лабораториската проверка на крвта и урината. Ако во урината се детектира зголемено ниво на протеини, т. н. „микроалбумини“, тоа значи дека болеста е во прва фаза, каде третманот е многу ефикасен и дава добри резултати. Крвната анализа, пак, ќе даде слика за нивото на уреа и креатинин и ќе покаже како работат бубрезите. Болестите на бубрезите не се единствена причина за појава на протеини во урината. Ако имате инфекција на уринарниот тракт исто така можат да се појават во урината. Луѓето со неконтролиран дијабетес се склони кон инфекции на уринарниот тракт бидејќи гликоза во урината обезбедува непречен развој на бактерии. Лекувањето на оваа состојба е со антибиотици. Доколку инфекцијата продолжи, може да предизвика оштетување на бубрезите, па затоа е многу важно да се консултирате со доктор кој ќе ја следи инфекцијата на уринарниот тракт.

Каков третман се препорачува?

Третманот зависи од здравствената состојба на пациентот и од терапијата што ја користи. За таа цел вашиот нефролог може да ви препорача одредени лекарства или промена на некои животни навики. Лекарствата помагаат во регулација на крвниот притисок, но можат да помогнат и во заштита на понатамошно оштетување на бубрезите.

Што ако бубрежна болест напредува и како правилно да се грижите за вашите бубрези?

Постојат повеќе начини за лекување на болестите на бубрезите ако бубрезите не се во можност да функционираат правилно. Внимавајте на храната што ја консумирате, а доколку треба да направите одредени измени во начинот на исхрана неопходно е да се консултирате со диетолог. Контролирање на крвниот притисок е исто така многу важно. Ако бубрезите се оштетени, филтрирањето и прочистувањето на крвта не може да се одвива нормално. Во некои случаи, потребна е дијализа. Постојат различни типови дијализа, а вашиот лекар во консултација со вас ќе одреди кој тип е најдобар за вас.