Бубрежна слабост

Сподели

Бубрезите играат значајна улога во функционирањето на организмот. Тие се одговорни за филтрирање на крвта и ослободување на телото од непотребните продукти, го контролираат нивото на крвниот притисок, прават баланс на електролитите во телото и го стимулираат создавањето на црвените крвни клетки.

Бубрежната слабост може да настане заради одредена акутна состојба која ги оштетува бубрезите или како резултат на хронична болест која може да предизвика намалена функција на бубрезите. Доколку откаже функцијата само на едниот бубрег, целосната функција на бубрезите ја извршува другиот здрав бубрег. Во случај кога се зафатени и двата бубрега и болеста е откриена доцна овие пациенти најчесто завршуваат на дијализа и се кандидати за бубрежна трансплантација.

Акутната бубрежна слабост е нагло слабеење или престанок на функцијата на еден или двата бубрега. Ова се најчестите состојби кои може да доведат до оштетување на бубрезите и намалена функција.

  • Намален волумен на крв како резултат на крвавење
  • Дехидратација (при повраќање, дијареја, треска, потење)
  • Мал внес на течности
  • Земање на диуретици (медикаменти кои имаат за цел исфрлување на водата од телото преку уринирање). Од другите лекови спаѓаат нестероидни антиинфламаторни лекови, одредена група  антибиотици.
  • Нарушена циркулација на крв заради опструкција на крвните садови кои ги снабдуваат со крв бубрезите.
  • Сепса. Состојба на силна инфекција на која бурно реагира имуниот систем.

Кои се главните симптоми на бубрежната слабост

На почетокот бубрежната слабост може да не дава никакви симптоми. Алармантно е што пациентот може да изгуби и до 90 % од функцијата на бубрезите без да почувствува никакви знаци и симптоми.  Со развојот на болеста симптомите се јавуваат како резултат на неможноста да се регулира водата и електролитниот баланс, нецелосно отстранување на токсините од телото и неправилна продукција на црвените крвни клетки.

Доколку не се третира, пациентите развиваат симптоми кои делуваат на квалитетот на живот. Главните симптоми се: намалено уринирање или целосно прекинување на урината  во рок од 24 часа, слабост, недостаток на здив, отоци, повраќање, губиток на апетит, замор, зголемeнa киселост на организмот, дезориентираност, грчеви на мускулите, епилептични напади и други симптоми.

Хроничната бубрежна слабост се открива доцна

Кај хроничната болест присутни се само основните симптоми кои и довеле до хронична болест на бубрезите. На самиот почеток болеста може да се открие само со анализа на крвта, урина, ехо на бубрези или биопсија. Вредностите на уреа и креатинин се важни показатели за бубрежната функција а се значително зголемени при бубрежна инсуфициенција. Хроничната бубрежна слабост најчесто се открива во доцен стадиум, кога единствено решение е дијализа или трансплантација на бубрег.

Третман на бубрежната слабост

Третманот на бубрежната слабост оди во три насоки, од кои првата е конзервативен третман кој има за цел да ја нормализира рамнотежата на состојките во крвта, пред сè контрола на калиумот и калциум во крвта. Доколку со конзервативниот третман не се постигне успех, пациентите се кандидати за дијализа, а крајниот исход е трансплантација на бубрег. 

Најди доктор Закажи преглед Контакт