Циститис

Сподели

Циститот е заболување на лигавицата на мочниот меур што многу често се среќава кај жените. За циститисот нема сезона, може да се развие во кој било период од годината. Веројатноста е поголема организмот да настине во ладните денови. Настинката е важен фактор, посебно кај младите жени и девојки кои „тераат“ мода, со чизмички и голи половини за да им се видат тетоважите или пирсот.

Преку летото, пак, најчесто настинуваат кога се капат во ладна вода и се бришат со мокра крпа или воопшто не се бришат и ако има ветар, тогаш со сигурност настинуваат. Во секој случај инфекцијата не може да се добие од вода, туку настинката е испровоцирана по излегувањето од водата. Освен тоа жешкото време го дехидрира организмот, а може да има и недоволен внес на течности.  Оваа комбинација заедно со потењето  дополнително го усложнува циститисот.

Жените се поподложни на циститис пред сè поради анатомската градба. Имено, уретрата е поширока кај жената и покуса отколку кај мажите, а поблиску е до анусот и во непосредна близина на влезот на вагината. Затоа неправилното одржување на интимната хигиена, како и носењето тесна долна облека им помага на патолошките микроорагнизми преку гениталиите да се најдат во уретарата и оттаму по мочните патишта да причинат бактериска инфекција. Најчеста бактерија е ешерихија коли.

Една од причините знае да биде и стресот и заморот. Не треба да се заборави и редовното пиење на течностите бидејќи по правило човекот треба да уринира на секои три до четири часа. Ако поради некоја причина го одлагаме уринирањето, можно е механичкото дразнење да доведе до цистит.

Можно е да се појави и хроничен цистит како резултат на аномалии во уринарниот тракт – неправилна форма или големина на мочниот меур, застој кој води до задржување на урината, а потоа и инфекција. Каменчињата во мочните патишта, бубрежните заболувања исто така можат да бидат извор и можен фактор за развој на цистит. Хроничниот цистит се појавува периодично.

Најкарактеристичен симптом за оваа болест е честото уринирање и тоа од 5 до 10 минути по неколку капки. Потоа се појавува болка, тежина во долниот дел на абдоменот, непријатност и печење при уринирањето. Овие симптоми воопшто не е тешко да се распознаат и затоа веднаш треба да се побара медицинска помош. Прво треба да се земе нешто против болки и да се пијат топли течности за да се затопли пределот кај карлицата.  

 

 

 

 

Најди доктор Закажи преглед Контакт