/Хипоспадијата кај машките деца се забележува уште во бременоста на мајката, ИНТЕРВЈУ, ПРОФ. Д-Р МИРОСЛАВ ЃОРЃЕВИЌ

Хипоспадијата кај машките деца се забележува уште во бременоста на мајката, ИНТЕРВЈУ, ПРОФ. Д-Р МИРОСЛАВ ЃОРЃЕВИЌ

Сподели

Хипоспадија е една од најчестите аномалии кај машките деца и спрема статистиката, се смета дека едно на 150 машки деца се раѓа со хипоспадија. Среќа е што во денешно време, таа аномалија се препознава веднаш по раѓањето на детето. Родителите се многу загрижени, бараат информации на интернет кои дополнително ги вознемируваат. Но, сакам да порачам дека нема причина за грижа, хипоспадијата се решава без никакви последици.

Мирослав Ѓорѓевиќ, познат регионален и европски хирург, професор на Медицинскиот факултет во Белград, веќе неколку години има успешна соработка со лекарскиот тим на Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Негова потесна специјалност е детската урологија, и урогениталната реконструктивна хирургија. Член е на Европското здружение на уролози, Американската уролошка асоцијација и Светското здружение на уролози. Доктор Ѓорѓевиќ одблиску ни објасни за појавата на хипоспадија, аномалијата која се јавува на половиот орган кај машките деца. Како лекар кој оперира од 120 до 150 вакви случаи годишно, Ѓорѓевиќ за Женски магазин сподели дел од неговото богато искуство за навремено спречување и хируршко отстранување на оваа аномалија.

Денес, нашето искуство ни дозволува и потешките видови на хипоспадија, кога тој отвор се наоѓа дури и некаде под тестисите, и тие операции да ги завршиме во еден зафат.

Кој е вашиот повод за посетата на Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во Скопје?

Д-р Ѓорѓевиќ– Веќе седма година како доаѓам во „Аџибадем Систина“ да работам со овдешниот лекарски тим. Секогаш со радост доаѓам во оваа болница затоа што условите се фантастични. За овие седум години направивме близу 300 реконструктивни операции на пациенти, било деца или возрасни, со некоја аномалија на гениталиите и на уринарниот систем.

Повод за нашиот разговор е аномалијата на половиот орган кај машките деца наречена хипоспадија. Што точно претставува оваа болест и како се лекува?

Д-р Ѓорѓевиќ- Хипоспадија е една од најчестите аномалии кај машките деца и спрема статистиката, се смета дека едно на 150 машки деца се раѓа со хипоспадија. Среќа е што во денешно време, таа аномалија се препознава веднаш по раѓањето на детето. Родителите се многу загрижени затоа што отворот за мокрење не се наоѓа на вообичаеното место на половиот орган, и децата не мократ правилно. Но, сакам да порачам дека нема причина за грижа. Ние тие деца ги следиме, и некаде по првиот роденден правиме хируршка интервенција со која сите проблеми се решаваат. И естетските и функционалните, а ниту на еден начин не се загрозува плодноста на идните возрасни пациенти, односно мажи.

Како се препознава хипоспадијата?

Д-р Ѓорѓевиќ– Таа е видлива и лесно воочлива. Како што реков, кога малото дете ќе треба да мокри, не го прави тоа од вообичаениот отвор, туку од некој кој се создал на погрешно место. Затоа постои голема загриженост кај родителите, особено кај мајките кои се плашат што ќе биде и како ќе биде, тие следат на интернет, гледаат фотографии. Но, ние порачуваме дека тоа не е голем проблем, дека е нешто што може да се реши и не претставува никаква пречка за иднината на тие деца.

 

 Д-р Ѓорѓевиќ во Скопје

Постојат ли потешки и полесни форми на оваа болест, и што вели светската статистика за нејзиното лекување?

Д-р Ѓорѓевиќ– Постојат полесни и потешки видови на хипоспадија. Полесните бараат помалку што се однесува до хируршката интервенција. Денес, нашето искуство ни дозволува и потешките видови на хипоспадија, кога тој отвор се наоѓа дури и некаде под тестисите, и тие операции да ги завршиме во еден зафат. И кај тие случаи, една операција е сосема доволна, проблемот да биде решен и функционално и естетски.

Всушност, и нема полесни или потешки форми на хипоспадија, секоја е тешка. Статистиката вели дека успешноста на лекување на оваа аномалија во светот е преку 80 проценти.

Дали се случило интервенцијата да не успее поради неискуство на хирурзите?

Д-р Ѓорѓевиќ- Затоа треба родителите да водат сметка докторите да се многу искусни, тие треба да прават минимум педесет такви операции годишно, или барем една во неделата. Така ќе се спречи да се дојде до една ситуација која ја имавме во минатото, кога сите доктори сакаат да оперираат без оглед на нивното недоволно искуство. Тогаш имавме случаи операцијата на хипоспадија да не успее, па детето повторно да се соочи со неа, и во пубертетот на 14 или  15 години, тие деца повторно одат на лекар со сосема у наказени полови органи. Моите колеги и јас сме имале такви искуства, кога ни требале по неколку операции хипоспадијата и естетскиот изглед да ги доведеме во ред. Искуството е многу важна работа. Без оглед дали се работи за лесна или за тешка форма. Јас годишно оперирам помеѓу 120 до 150 случаи. На просторот на поранешна Југославија има околу 300 деца кои се оперираат годишно, а јас оперирам половина од нив. Мислам дека не постојат центри на светско ниво кои оперираат повеќе од менеи моите соработници.

Се случува ли да се јават несакани компликации?

Д-р Ѓорѓевиќ– Се случува да се јават компликации, да. Но, тие компликации во нашиот случај се минимални и бараат многу мали корекции, и не се повеќе толку страшни за децата. Тие потоа се развиваат на најдобар можен начин. Половиот орган нормално се развива, во пубертетот достигнува нормални димензии, се е во најдобар можен ред.

Дали хипоспадијата е наследна?

Д-р Ѓорѓевиќ- Постојат повеќе теории за тоа како се добива хипоспадијата. Постојат примери кога е наследна. Јас сум имал случаи кога близнаци ја имаат, а ја има и нивниот татко. Но, дали е наследна или не е наследна, тоа во овој момент не е толку важно. Важно е да се препознае на време, правилно да се лекува, и тие деца кога ќе станат возрасни луѓе да немаат никакви проблеми. Тоа е за нас клучно. Сега, новите истражувања покажаа дека големо влијание на зголемениот број на деца кои се раѓаат со оваа аномалија се и условите во кои живеат. Влијаат сите тие пестициди, материјали кои се користат во прехранбената индустрија а ние ги внесуваме. Така што, се што мајката внесува во организмот уште во бременоста, има влијание на развојот на плодот и покасно на евентуалното појавување на хипоспадија.

Влијание ли хигиената на машките полови органи при евентуално спречување на болеста?

Д-р Ѓорѓевиќ- Не, хигиената нема врска. Тоа е вродена аномалија која едноставно е таква каква што е. Пречи естетски и ја попречува функцијата на мокрењето, но хигиената нема никаква врска со нејзината појава.

 

Порано, децата ги носеле на лекар во петтата или шестата година, никој хипоспадијата не ја забележувал пред тоа. Сега веќе во третиот или четвртиот месец кај детето ја дијагностицираме, и заедно со родителите планираме кога би било идеално време за тие деца да се оперираат

Има ли начин хипоспадијата да се спречи?

Д-р Ѓорѓевиќ– Не, не може да се спречи. Но, во денешно време, благодарение на доброто следење на бремените жени со најновата технологија на 3Д и 4Д апаратите, потешките форми на хипоспадија можат кај бебето да се видат дури и во текот на бременоста на мајката. Ако лекарите во нешто се посомневаат, тогаш обично се прават дополнителни испитувања, да не се случи меѓу половост, односно, детето да не се роди со органина машки и на женски пол. Тоа може да се случи во потешка форма на хипоспадија. Затоа денес, особено овде во „Систина“, ние имаме совршени услови за водење на бременост и при породувањето. Сакам да им порачам на идните мајки да не се грижат, затоа што ние ја поместивме таа граница кога оваа аномалија ја забележуваме. Порано, децата ги носеле на лекар во петтата или шестата година, никој хипоспадијата не ја забележувал пред тоа. Сега веќе во третиот или четвртиот месец кај детето ја дијагностицираме, и заедно со родителите планираме кога би било идеално време за тие деца да се оперираат. Важно е потоа да не ги паметат ниту тие проблеми, ниту поминувањето низ тој процес.

Постои ли свесност кај младите родители за навремено откривање на хипоспадијата?

Д-р Ѓорѓевиќ– Секако дека да. Овде, во „Аџибадем Систина“ се одржуваат и предавања каде што бремените жени ги обучуваме како полесно да ја поминат бременоста, кога да се прават контролните прегледи, и во случај да постои некоја аномалија кај детето, да се открие на време, било да се работи за аномалија на гениталиите, бубрезите или срцето. Раното откривање на каков било здравствен проблем кај бебето уште во бременоста на мајката, нас ни овозможува веднаш по раѓањето на детето да ги преземеме најдобрите можни мерки и сето тоа на разни начини да го спречиме.

Повеќе информации за проф. д-р Мирослав Ѓорѓевиќ прочитајте на https://reconstructivesurgery.acibademsistina.com/

Извор: Женски Магазин