/Карциномот на простата не дава симптоми во рана фаза – Секој маж над 50 години да посети уролог – препорачува проф. д-р Љупчо Лековски, уролог

Карциномот на простата не дава симптоми во рана фаза – Секој маж над 50 години да посети уролог – препорачува проф. д-р Љупчо Лековски, уролог

Сподели

Европската уролошка асоцијација апелира дека појавата на карциномот на простата е во континуиран пораст. Во последните години таа достигнува до вредности од 214 дијагностицирани карциноми на простата на популација од 1000 мажи што значи дека секој 5-ти маж во текот на својот живот ќе развие карцином на простата. Ова првенствено се однесува на мажите над 50-та годишна возраст.

„Во „Аџибадем Систина“ се изведуваат сите дијагностички и терапевтски процедури за дијагностицирање на карциномот на простата. За два до три дена пациентите добиваат прецизен патохистолошки наод со адекватни наоди кои што сугерираат дали карциномот на простата е агресивен, до кој степен е агресивен и во кој правец би требало да се движи  понатамошното лекување.“ вели проф. д-р Лековски.

Кои се симптомите  на карциномот на простата?

Симптоматологијата не мора да биде доминатна во клиничката слика  заради тоа што малигномот, карциномот на простата не мора да даде некои клинички знаци во својата рана фаза на развој. Токму затоа потребно е сите мажи над 50 годишна возраст да направат скрининг за рана детекција на карциномот на простата. По правило не би требало да се чека да се појават симптоми па дури тогаш да се бара болест туку сите мажи над 50 годишна возраст би требало еднаш годишно да направат систематски превентивен преглед кој опфаќа дигиторектален преглед на простата, лабораториски анализи на PSA (простатичниот специфичен антиген) и трансректална ултрасонографија.

Причините ….

Причините за карциномот на простата не се јасни како што не е јасна ни причинита за се поголемата инциденца. Се смета дека нутритивни фактори допринесуваат за појавата на карцином на простата, но не смеат да се заборават и наследните фактори. Начинот на живот и загаденоста на средината во која што живееме допринесува за се поголема присутност на  карциномот на простата на нашите простори.

Кои дијагностички методи се применуваат во „Аџибадем Систина“?

Во нашата болница ги спроведуваме сите дијагностички методи кои што се неопходни како за поставување на исправна дијагноза, така и за поставување на исправна индикација за лекување на пациентите со карцином на простата. Да почнеме од лабораториските тестови каде што е доминантен PSA – простатичниот специфичен антиген кој во нашата лабораторија се изработува за неколку часа. Потоа, трансректалната ехосонографска пункциона биопсија на простата со адекватна патохистолошка обработка на добиениот материјал како и магнетна резонанца и компјутерска томографија кои што се неопходни кога се планира понатамошен оперативен третман на овие пациенти. Спроведуваме и стенографски испитувања на скелетот кои што се есенцијално важни за правилна стратегија за лекувањето на карциномот на простата. Со присуството на ПЕТ скенот во нашата болница е заокружен кругот на  дијагностика и третман на карциномот на простата

Што понатаму со овие пацинети, каква е прогнозата и каков е животот по ваква операција?

Кога зборуваме за третманот на карциномот на простата, пациентите можеме да ги поделиме во две групи. Во првата група спаѓаат пациенти кај кои карциномот е сеуште локализиран само на простата, односно не се проширил надвор од простатичната капсула, не ги зафатил регионалните лимфни жлезди и не дал  оддалечени метатстази во скелетниот систем. Тоа се пациенти кои се адекватни за третман со радикална простатектомија, операција каде што радикално се отстранува   карциномот на простата заедно со неговата капсула и се прави пелвична лимфадектомија. Доколку патохистолошкиот наод покаже дека карциномот не е проширен надвор од простата, кај овие пациенти во најголем дел се постигнува и целосно излекување.

Втората група на  пациенти се пацинетите кои што имаат дисеминирана болест а тоа се пациенти кои веќе имаат напреднат стадиум на карцином на простата со зафаќање на регионаланите лимфни жлезди и со појава на метастатски депозити по склелетот и во оддалечени органи. Овие пациенти се лекуваат конзервативно. Кај нив се делува на хормоналната спрега на карциномот на простата бидејќи карциномот е директно зависен од тестостеронот. Кај тие пациенти се прави тотална андрогена блокада и се даваат други препарати и лекови со кои што се успева да се постигне ремисија на целиот карциномски процес.