Почетна » Блог » Уринарно и бубрежно здравје » Кога да побарате помош од нефролог?

Кога да побарате помош од нефролог?

Сподели

Кога ќе се спомене зборот нефрологија најчестата асоцијација е дијализа. Нефрологијата не е само дијализа, таа е медицинска дисциплина која се занимава со дијагноза и третман на голем број бубрежни заболувања, но и на заболувања кои не потекнуваат од бубрезите, а можат сериозно да им наштетат. Во продолжение ве советуваме кога треба да побарате помош од нефролог.

Неколку примери за акутно бубрежно оштетување

За среќа, овој тип бубрежни оштетувања се ретки во праксата, но, сепак, се случуваат. До скоро имавме примери пациенти со веќе оштетена бубрежна функција да се лекуваат со бубрежно токсични лекарства ( Гарамицин, Амикацин, разни видови на антиревматици и сл. ). Исто така, високоризични за бубрежно оштетување се и пациенти со голем број проливи, што доведува до значаен губиток на вода и минерали, пад на крвниот притисок и намалено крвоснабдување на бубрезите. На ваков вид „стрес“ за организмот најподложни се малите деца и старите лица. Закана за бубрезите се и состојби на екстремно потење ( пр. спортување на високи температури ) со несоодветен внес на течности и минерали. Во праксата често среќаваме и акутно бубрежно откажување кај постари мажи поради енормно зголемена простата со неможност да реализираат мокрење. За жал, со акутно бубрежно оштетување завршуваат и многу млади луѓе – зависници од дроги ( пр. хероински зависници ).  

Најчести пациентите со хронични заболувања

            Тоа се најчесто пациенти со покачен крвен притисок кој не се намалува и покрај терапијата со неколку лекарства, пациенти кои преживеале т.н. хипертензивна криза ( со крвен притисок повисок од 180/120 мм жива, главоболка, повраќање, проблеми со видот…  ), бремени жени со покачен крвен притисок, пациенти со дијабет и бубрежно засегање, но и пациенти со уринарни инфекции, бубрежни каменчиња, белковини и крв во урината и др.

            Се разбира дека нефрологот се грижи и за своите ,,матични“, пациенти, а тие се бројни: болни со акутно воспаление на бубрезите, пациенти со хронични бубрежни заболувања, пациентите на дијализа, пациенти со ретки бубрежни заболувања кои се генетски условени, пациенти со пресаден бубрег, со автоимуни заболувања ( пр. гломерулонефрити, лупус ), пациенти со малигни заболувања и бубрежни компликации и многу други. Со сите овие примери и набројувања можете да заклучите дека нефрологијата е медицинска дисциплина со широк спектар на знаења, инволвирана во многу заболувања.

Која е улогата на нефрологот во системот на едно современо и мултидисциплинарно болничко лекување?  

            Денес не може да се замисли поголема болничка установа без нефролог. Тој учествува во проценката на бубрежната функција уште при приемот на пациентот во болница. Според таа проценка се преземаат одредени превентивни мерки за да се намалат ризиците од акутно бубрежно оштетување. Во секоја современа интензивна нега секојдневно е присуството на нефролог кој заедно со лекарите специјалисти за интензивно лекување учествува во лекувањето на најтешките болни, често со примена на најсофистицирана техника и машини за бубрежно заместителна терапија ( дијализа ).

Со кои специјалности најтесно соработува еден нефролог?

          Најблиску до она што го работи еден нефролог ( дијагностика и терапија ) се урологијата, кардиологијата и ендокринологијата. Моќни се оние здравствени институции каде ова соработка е секојдневна и тесно поврзана. Зошто е ова битно? Има случаи на пациенти со силна бубрежна болка и заглавен камен во уринарните канали. Настапува урологот кој веднаш поставува сонда во уринарните канали и болката завршува. Веќе наредниот ден пациентот оди на кршење на каменот или на операција. Или друг пример, нефрологот со биопсија на простатата констатирал карцином, а по неколку дена урологот истата оперативно ја ,,извадил“,.

            Со кардиолозите најчеста е соработката околу проценката на потеклото на покачениот крвен притисок, како и на оштетувањата што ги предизвикува на срцето и крвните садови. Заедно со нив се определуваат ризик факторите за појава на кардио-васкуларни заболувања. Наодот на траги од белковини во урината е одличен прогностички маркер за постоење на кардио-васкуларен ризик. Овие проценки најчесто се прават кај здрави лица кои сé почесто практикуваат превентивни прегледи и здравствени советувања.

Препораки за добро бубрежно здравје?

–           редовно проверувајте го крвниот притисок ( ако е покачен настојувајте да го снижите );

–           намалете го внесот на готварска сол со храната ( водете сметка за вкупниот внес на натриум кој треба да изнесува најмногу 2400 мг /ден );

–           умерено конзумирајте белковини;

–           ако сте дијабетичар водете сметка за нивото на шеќер во крвта;

–           не злоупотребувајте лекови за болка ( антиревматици, аналгетици );

–           секојдневно практикувајте физичка активност;

–           контролирајте ја телесната тежина ( практикувајте т.н. балансирана диета );

–           ако сте пушач, веднаш оставете ги цигарите !

–           не претерувајте со алкохолни пијалаци ( дозволени се најмногу два пијалака на ден );

–           проверете го нивото на холестерол во крвта;

–           внесувајте повеќе течности, посебно во лето;

–           запознајте се со вашата фамилијарна медицинска историја;

–           најмалку еднаш годишно направете систематски преглед;

Навистина многу причини да го посетите вашиот нефролог!

  

Најди доктор Закажи преглед Контакт