Почетна » Блог » Уринарно и бубрежно здравје » Недоволниот внес на вода причина за појава на уринарни каменчиња
nedovolniot-vnes-na-voda-pricina-za-pojava-na-urinarni-kamencinja

Недоволниот внес на вода причина за појава на уринарни каменчиња

Сподели

Уринарните каменчиња се трето најчесто заболување на уринарниот тракт, веднаш по уринарните инфекции и болестите на простатата. Машката популација е два до три пати позасегната од ова заболување од жените. Што се однесува до возраста, појавата на каменчиња е најчеста од четвртата до шестата декада од животот. Како значаен ризик фактор  е професијата, така што работниците изложени на поголема топлина за време на работата почесто развиваат калкулоза. Со зголемен ризик е и популацијата со поголема телесна тежина и оние кои помалку внесуваат вода, што е докажано со клинички студии.

Минерален состав и метаболни фактори

Каменчињата се агрегати составени од кристали и матриксна компонента.  Кристали кои учествуваат во создавањето на каменчиња (промотори) се калциум, оксалат, фосфат и урати. При дисбаланс во излачувањето на некои од нив се јавува предиспозиција за нивно таложење и формирање на каменчиња.

Симптоми

Карактеристични симптоми за уринарните каменчиња се : болка која се јавува во вид на типична ренална колика, слабинска болка која се шири кон препоните и е последица на ширењето на колекторниот систем на бубрегот или уретерот. Болката најчесто е многу силна, може спонтано да се намалува и повторно засилува. Хематурија (крв во урината) – многу често помага во самото дијагностицирање дека се работи за уринарна калкулоза. Инфекција – струвитните камења се синоним за инфективни камења.  Кај овој тип на калкулоза доминира како причинител Proteus, Klebsiella, Staphylococcus, ретко Escherichia coli. Треска-асоцираноста на уринарна калкулоза со треска е знак за медицинска итност и бара итна декомпресија. Гадење и повраќање се чести пропратни симтоми на нападот на бубрежна болка. 

Дијагноза

За дијагностицирање на уринарните каменчиња се користи широк спектар на дијагностички методи, вклучувајќи го самиот клинички преглед, нативна графија на уринарниот тракт, ехо на уринарен тракт, интравенозна урографија (контрастно испитување на уринарниот тракт). Посебно е интересно да се потенцира и употребата на  компјутеризирана томографија како метод на избор особено кај пациенти во фаза на акутна болка кога контрастните испитувања не се возможни.

Ласерски третман со  ESWL

ESWL (екстра корпорална шок бранова литотрипсија) е своевидна револуција во третманот на уринарните каменчиња. Уникатноста на оваа метода е во тоа што се генерираат релативно слаби бранови кои се директно фокусирани кон каменот со што доаѓа до негова дефрагментација. ESWL e сигурна процедура, минимално инвазивна, со одлични резултати..

Најди доктор Закажи преглед Контакт