/УРИНАРНИ ИНФЕКЦИИ КАЈ ЖЕНИТЕ – НАЈЧЕСТИ ПРИЧИНИ И ПРЕВЕНЦИЈА

УРИНАРНИ ИНФЕКЦИИ КАЈ ЖЕНИТЕ – НАЈЧЕСТИ ПРИЧИНИ И ПРЕВЕНЦИЈА

Сподели

Во текот на животот околу 50 отсто од жените барем еднаш имале уринарна инфекција. Секоја од нив добро се сеќава на чувството на жарење и болка при мокрење со постојана потреба „итно“ да се појде во тоалет. За жал, секоја четврта жена од оваа група ја измачуваат повторувачки уринарни инфекции. Д-р Љупчо Стојковски, нефролог, вели дека жените многу почесто се подложни на уринарни инфекции поради анатомијата на уринарниот тракт. Жените впрочем имаат пократок мокрачен канал од мажите и бактериите од околината лесно и брзо стигнуваат до мочниот меур. Најчестите симптоми на уринарна инфекција кај жена се болка во тек на мокрење, потреба за почесто мокрење кое не носи никакво олеснување, но симптом е и непријатен мирис на мокрачата, која при инфекција може да има и потемна боја. Понекогаш жената може да има чувство на притисок во долниот дел од стомакот, да чувствува замор, а во случај кога инфекцијата е посериозна, можна е и покачена телесна температура.

КОИ СЕ РИЗИК-ФАКТОРИТЕ ЗА УРИНАРНИ ИНФЕКЦИИ КАЈ ЖЕНИ

Д-р Стојковски вели дека има повеќе ризик-фактори за појава на уринарни инфекции кај жените. Меѓу нив позначајни се неколку. Имено, тоа е сексуалната активност, односно кај сексуално поактивните жени ризикот за развој на уринарни инфекции во однос на жените кои се помалку сексуално активни е поголем. Зголемениот број сексуални партнери исто така го зголемува ризикот. Како ризик-фактори се сметаат и вметнати интравагинални контрацепциски помагала, како што е дијафрагмата на пример. Според д-р Стојковски, уринарните инфекции се појавуваат почесто во менопауза најмногу поради намалената концентрација на естроген, па жената во овој период од животот е повеќе склона кон уринарни инфекции. „Каменчиња во уринарните патишта е исто така ризик-фактор, односно често присуството на каменчиња е поврзано со хронични уринарни инфекции. Пoнатаму, поради физиолошките промени кои настануваат со стареењето, повозрасната група на жени повеќе е склона кон уринарни инфекции, а појавата се врзува и со намален имунитет. Дијабетесот е една од најчестите причини за намален локален имунитет и чести уринарни инфекции. Добрата регулација на шеќерот во крвта ќе спречи честа појава на уринарни инфекции. И, секако, катетеризација на мочниот меур – состојба која ако трае подолго време неминовно е поврзана со хронична уринарна инфекција“, вели д-р Стојковски.

ЛЕКУВАЊЕ

Уринарните инфекции најчесто се третираат со антибиотици, но многу лесно може да дојде до нивно повторување, па затоа превенцијата е особено важна. Д-р Стојковски вели дека постојат многу работи кои можете да ги направите за да се заштитите од уринарна инфекции. Овие совети ќе ви помогнат да се заштитите од уринарни инфекции и воедно да си олесните y Одржувајте добра лична хигиена. По мокрење или празнење на цревата секогаш бришете се однапред наназад за да го спречите преминувањето на бактерии од аналниот отвор кон уретрата. Мијте ја интимната област барем еднаш дневно и секогаш пред и по сексуален однос. Претпочитајте туширање наместо лежење во када.

  • Пијте големи количини течности. Колку повеќе течности пиете, толку повеќе ги „измивате“ бактериите. Се препорачува да пиете околу 2 литра течности на ден. y Внесувајте витамин Ц. Внесувајте го овој витамин во форма на таблети. Витаминот Ц ја зголемува киселоста на урината и го намалува размножувањето на бактерии.
  • Мокрете секогаш кога ќе почувствувате потреба. Никогаш не одложувајте го мокрењето. Држењето на урината во мочниот меур во текот на подолг период им дава на бактериите погодно место за размножување.
  • Мокрете пред и непосредно по сексуален однос. Секогаш мокрете пред и по секс за да се ослободите од бактериите кои би можеле да навлезат преку уретрата. Пред сексуалниот однос напијте се чаша вода.
  • Користете хигиенски влошки наместо тампони. Тампоните го зголемуваат ризикот од развивање уринарна инфекција, па ако сте склони кон инфекции, користете влошки. Менувајте ги хигиенските влошки при секоја посета на тоалетот.
  • Пијте сок или чај од брусница. Истражувањата покажуваат дека брусницата помага при лекувањето уринарни инфекции, но не треба да се смета како лек. Посетата на доктор е задолжителна. Најдобро е да пиете незасладен природен сок од брусница.
  • Не носете тесна облека, претпочитајте памучни гаќички. Памучната долна облека ѝ дозволува на кожата да дише и ја намалува влажноста којашто го поттикнува размножувањето на бактерии. Ако сте склони кон уринарни инфекции, кажете им „не“ на тесните панталони и тангата.
  • Не останувајте долго време со воден костум за капење. Ако носите костум за капење кој тешко се суши, променете го веднаш по излегувањето од вода. Препорачливо е да купувате костуми за капење од материјали кои лесно се сушат. Водениот костум може да предизвика и вагинална инфекција, која може да симулира уринарна инфекција.
  • Избегнувајте алкохол, кафе и зачинета храна. Алкохолот, кафето, газираните сокови и зачините можат само да ви ја влошат состојбата. Додека се борите со уринарна инфекција, потребно е целосно да ги избегнувате.

При појавата на симптоми на уринарна инфекција, веднаш посетете доктор. Советите можат да ви помогнат во лекувањето, но не треба да се сметаат за замена на лекарски третман. Запомнете дека уринарните инфекции не се сериозен проблем ако се лекуваат навреме.