Почетна » Блог » Уво, нос и грло » Акутен синузит

Акутен синузит

Сподели

Во текот на зимските месеци се зголемува бројот на акутни горнореспираторни инфекции. Акутното воспаление на синусите, придружено со назална опструкција, засилена секреција, кашлица, болка и покачена телесна температура, може битно да влијае врз вашата здравствена состојба. Д-р Александар Лазаревски, оториноларинголог, советува како да се заштитите од акутните воспаленија на параназалните синуси.

Што се синуси?

Синусите се парни шуплини во скелетот на главата, исполнети со воздух и обложени со лигавица. Смес- тени се околу носната шуплина, со која комуницираат низ мали отвори. Низ овие отвори во синусите влегува воздух, а од нив излегува секретот што го излачува лигавицата која ги обложува синусните шуплини. Сите состојби кои доведуваат до оток на носната и синусната лигавица и блокада на нормалната дренажа на секретот преку синусните отвори создаваат поволни услови за развој на акутно воспаление на синусите.

Кога се јавуваат акутни воспаленија на синусите?

Акутниот синузит најчесто започнува по обични вирусни настинки. Вирусната инфекција доведува до оток на носната и синусната лигавица и засилена назална секреција. Доколку ваквата состојба потрае и ги блокира синусните отвори, во синусните шуплини се собира обилен секрет и се создаваат поволни услови за развој на бактериски инфекции.

Најчести предизвикувачи

Бактериите кои се најчести предизвикувачи на акутниот синузит (Haemophilus influenzae, Streptococcus pneumoniae, Staphylococcus aureus и Moraxella catarrhalis) обично перзистираат на лигавицата на горнореспираторните патишта во текот на целата година, без никаква симптоматологија. Сепак, падот на имунитетот во тек на вирусните инфекции и блокадата на нормалната дренажа на секретот од синусите создава поволни услови за нивно размножување и појава на симптоми на акутно воспаление на синусите.

Кои се симптомите на акутен синузит?

Затнат нос, обилна пурулентна зелено-жолта секреција, чувство на полност, тежина и болка во пределот на лицето и челото, особено изразена при наведнување, главоболка и покачена телесна температура се карактеристични симптоми на акутниот синузит.

Дијагноза и лекување

Клиничката слика и ендоскопскиот преглед на носот обично се доволни за дијагностицирање на оваа акутна инфекција. Понекогаш е потребно да се направат и дополнители рендгенолошки инвестигации (компјутеризирана томографија на параназалните синуси). Акутниот синузит се лекува со антибиотици, вазоконстрикторни капки во нос и симптоматска терапија. Микробиолошките испитувања, кои обично се готови за 48 часа, се од голема помош при ординирањето на антибиотска терапија. Вазоконстрикторните капки имаат за цел да го намалат отокот на назалната и синусната лигавица и да овозможат нормална дренажа на синусните шуплини, а со тоа да помогнат во побрзо излекување на акутниот синузит.

Неколку практични совети

  • Избегнувајте подолг престој на студено и ветровито време и контакти со лица кои имаат горнореспираторни инфекции.
  • Избегнувајте престој во зачадени и непроветрени простории. Сувиот воздух, иритансите и чадот од цигари неповолно делуваат на носната лигавица. Често проветрувајте.
  • При појава на симптоми на акутен синузит посетете го вашиот лекар и следете ги неговите совети.
  • Топлите облоги и инхалациите можат значително да ви ги олеснат тегобите.

Кога користите капки за нос легнете на грб со главата зафрлена кон назад и десно. Во таа позиција ставате капки во десниот носен ходник и останете така 1-2 минути. Потоа истата постапка ја повторувате и лево. На тој начин капките дејствуваат во пределот на синусните отвори и постигнуваат максимален ефект.

Најди доктор Закажи преглед Контакт